Поучна приказна за малиот славеј што ќе ве поттикне да го чуете вашиот внатрешен глас

Поучна приказна за малиот славеј што ќе ве поттикне да го чуете вашиот внатрешен глас

Си бил еднаш еден мал славеј кој се изгубил во шумата. Ги барал родителите долго време, но не успеал да ги најде. Така растел осамен без никого и ништо. Кога пораснал, станал свесен дека не знае да пее, бидејќи никој не го научил. Одлучил да научи да пее по секоја цена. Барал некого кој би можел да го научи. Го сретнал петелот и го прашал:

Поучна приказна за малиот славеј што ќе ве поттикне да го чуете вашиот внатрешен глас

„Можеш ли да ме научиш да пеам како славеј?“

„Ако повторуваш по мене, ти гарантирам дека ќе пееш подобро од кој било друг славеј“, гордо одговорил петелот.

Почнал да го подучува да го пее неговото „ку-ку-ри-ку“. Славејот почнал да пее, но му одело толку добро што пеел подобро од петелот. Одлетал во шумата пеејќи го неговото „кукурику“.

Едно утро, патката го слушнала и го прашала изненадено:

„Кој те научил да пееш толку лошо?“

„Можеш ли ти да ме научиш да пеам како славеј?“, ја замолил славејот.

Патката арогантно му одговорила:

„Немој да губиш време и да учиш да пееш како славеј. Јас пеам многу подобро од славеј. Следи ме и ќе пееш како ангел!“

Така таа почнала да го подучува на нејзиното „ква, ква, ква“. Славејот се трудел и научил да пее подобро од патката. Си отишол, весело пеејќи „ква, ква, ква“.

Кога бувот од едно стебло го чул славејот дека пее како патка, му довикнал:

„Зар ти не знаеш да пееш како славеј?“

„Една патка ми рече дека ова пеење е поубаво“, одговорил славејот.

„Мораш да прашаш некој друг славеј, како тебе, и тој ќе те научи како се пее“, му рекол бувот.

„Да, но во оваа шума нема никој како мене“, тажно одговорил славејот.

„Тогаш мораш да го пуштиш гласот што го имаш внатре во себе. Вдиши длабоко, дозволи му на срцето да те води и запеј ја првата мелодија што ќе ти дојде. Само така ќе знаеш какво е твоето пеење“, го советувал бувот.

Славејот така и направил. Се качил на највисоката гранка од едно стебло, му се препуштил на срцето и почнал да пее како вистински славеј. Неговата песна одекнувала во целата шума. Никој никогаш немал слушнато толку убава песна!

Оттогаш, славејот никогаш не се обидувал да имитира некого за да пее убаво. Открил дека не треба никого да копира, туку да биде таков каков што е. Доволно било само да му се препушти на срцето и песната што живеела во него сама излегла надвор и ја освоила целата шума.

Прочитајте ја и следнава поучна приказна која ќе ве убеди дека секое лошо носи и нешто добро.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар