Поучна приказна: Што вреди повеќе од најскапоцениот дијамант на светот?

Си живеел еднаш еден богат трговец со дијаманти. Но, тој не бил само трговец, туку и голем филозоф и мудрец. Еден ден тој седел со своето друштво, кога слугата го известил дека недостасува еден многу скапоцен дијамант. Кога го чул тоа, трговецот ги затворил очите за миг и потоа изустил:

Поучна приказна: Што вреди повеќе од најскапоцениот дијамант на светот?

„Прекрасно! Навистина прекрасно!“

По еден час, слугата се вратил и му донел добра вест:

„Дијамантот е пронајден!“

Трговецот повторно ги затворил очите, потонал во тишина и потоа кажал:

„Тоа е навистина прекрасно! Навистина прекрасно!“

Еден негов пријател не можел да го разбере ваквото однесување на трговецот, па го запрашал:

„Објасни ми, зошто ги употреби истите зборови и за загубата и за добивката? Во што се крие тајната на таквиот восхит?

Трговецот мирно му одговорил:

„Ја ценам тишината и спокојот на мојот ум многу повеќе од дијамантите. Јас сум трагач по бесценетото богатство на духовните доблести. Кога ми кажаа дека исчезнал скапоцениот дијамант, погледнав во себе за да видам дали мојот ум ќе се вознемири и ќе ја изгуби својата драгоцена рамнотежа поради нешто толку минливо како што е дијамантот. Открив дека мојот ум не го изгубил својот мир и рамнотежа. Па затоа си реков: ’Прекрасно!’. А кога слугата ме извести дека го нашле дијамантот, повторно погледнав во себе за да видам дали умот ќе се возбуди и ќе ја изгуби својата рамнотежа и смиреност поради настан кој не е постојан. Открив дека мојот ум повеќе се грижи за внатрешното богатство, кое го нарекуваме божествено блаженство, отколку за предмет со световно значење како што е дијамантот. Затоа си реков: ’Прекрасно! Навистина прекрасно!’“

Сите материјални нешта на овој свет се минливи и немаат никакво значење доколку немаме внатрешен мир и спокој. Не вреди да се вознемируваме за загубата на некој предмет што е заменлив на сметка на нашата умствена рамнотежа. Запомнете дека духовната рамнотежа секогаш вреди повеќе и од најскапоцениот дијамант што постои на светот.

Прочитајте ја и поучната приказна за златото без вредност.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар