Поучна приказна што ќе ви го стопи срцето: Ширење љубов во градот

Поучна приказна што ќе ви го стопи срцето: Ширење љубов во градот

Оваа приказна ќе ви докаже зошто е толку важно да се пренесува позитивната енергија. Понекогаш не сме свесни колку убавиот збор може да направи нечиј ден подобар. Прочитајте ја следнава приказна раскажана од страна на еден човек кој се зачудил на љубезноста на неговиот пријател…

Поучна приказна што ќе ви го стопи срцето: Ширење љубов во градот

Еден ден се возев со другар ми во такси. Кога излеговме од таксито, другар ми му се обрати на возачот и му кажа:

„Ви благодарам за превозот. Возите совршено.“

Таксистот зачудено молчеше некое време и потоа рече:

„Дали Вие сакате да испаднете духовити?“

„Не, драг пријателе, не се шегувам на ваша сметка. Ви се восхитувам како можете да останете смирени во олку густ сообраќај.“

„Во ред“, рече возачот и продолжи со возење.

„Што се случува?“, го прашав пријателот.

„Се обидувам да ја вратам љубовта во овој град. Верувам дека само тоа може да го спаси градов“, објасни тој.

„Како еден човек може да го спаси Њујорк?“, го запрашав повторно.

„Не се работи за еден човек. Верувам дека му го разубавив денот на таксистот. Да претпоставиме дека тој има 20 возења. Тој ќе биде љубезен со сите 20 патници, затоа што некој бил љубезен со него. Тие патници ќе бидат љубезни со нивните вработени, продавачи или келнери, па дури и со нивното семејство. На крајот, таа љубезност ќе се пренесе на најмалку 1.000 луѓе. Верувам дека сега сфаќаш дека ова не е лоша идеја“, ми образложи тој.

„Но, сега од таксистот зависи дали тој ќе ја пренесе љубезноста која ти си му ја покажал нему“, му се спротивставив.

„Затоа не се потпирам само на него. Свесен сум дека овој систем не е најсигурен, па затоа денес ќе се однесувам вака на уште барем десетина луѓе. Ако од тие 10 успеам да расположам тројца, на крајот ќе можам индиректно да влијаам на расположението на уште 3.000 луѓе“, ми одговори тој.

„Теоретски гледано звучи добро, но не сум сигурен дека е практично изводливо“, признав.

„Ништо нема да изгубам и ако не е. Ништо не ме чини да му кажам на возачот дека добро си ја врши работата. Не доби ни помал ни поголем бакшиш. Па што ако не ме чуе кога му зборувам? Утре ќе сретнам друг таксист и ќе се обидам да го направам среќен“, не отстапуваше пријателот.

„Ти си чуден на некој начин“, му реков.

„Тоа само покажува дека си станал многу циничен. Јас ова го имам проучувано. Изгледа дека покрај пари, на нашите поштенски службеници им недостасува и токму тоа што никој не им кажува дека добро си ја вршат работата.“

„Но, тие не работат како што треба!“, извикав во негодување.

„Не работат, затоа што мислат дека никому не му е грижа дали добро работат. Зошто да не им се каже убав збор?“, заврши тој.

Во истиот момент поминувавме покрај изградба на една зграда и наидовме на петмина работници кои седеа и ручаа. Мојот пријател застана:

„Сте завршиле голема работа, драги луѓе. Вашата работа е тешка и опасна.“

Работниците го набљудуваа другар ми со сомнеж.

„Кога ќе ја завршите оваа зграда?“, ги праша.

„Во јуни“, извика еден од нив.

„Тоа е навистина неверојатно. Треба да бидете многу горди на себе“, им кажа и го продолжи патот.

„Не сум видел никој како тебе уште од човекот од Ла Манча“, му реков.

„Кога луѓето ќе размислат за она што го реков, ќе бидат позадоволни. Градот ќе има корист од нивната среќа на некој начин“, ми одговори.

„Најважно од сѐ е да не се обесхрабриш. Не е лесна задача да ги направиш луѓето во овој град повторно љубезни, но ако можеш да вклучиш и други луѓе во оваа мисија…“

Му објаснував јас кога тој одеднаш ѝ намигна на една просечна жена што минуваше покрај нас.

„Само што ѝ намигна на жена која не е ништо посебно!“, го прекорив

„Знам дека не е, но ако е учителка, нејзиниот клас денес ќе има фантастичен ден“, ми одговори тој со насмевка на лицето.

Прочитајте ја и следнава поучна приказна што ќе ве замисли и ќе ви ја открие тајната на вечната љубов.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар