Поучна приказна што ќе ви ги отвори очите: Свештеникот и козата

Еднаш одамна, си живеел еден свештеник во мало селце. Тој бил многу едноставен човек, невин, и често одржувал религиозни ритуали. Еден ден, за своите услуги бил награден со коза од страна на богат човек. Свештеникот бил многу среќен за својата награда и ја префрлил козата преку рамо, па расположен тргнал кон дома. По пат, тројца мрзливи измамници го виделе…

Поучна приказна што ќе ви ги отвори очите: Свештеникот и козата

Едниот од нив рекол: „Оваа коза ќе биде вкусен оброк за нас, ајде да се обидеме да ја земеме!“ Тие брзо почнале да размислуваат како да го измамат свештеникот за да им ја даде својата награда. Откако се одлучиле за планот, се раздвоиле еден од друг и зазеле различни позиции долж патеката по која се движел свештеникот.

Кога свештеникот стигнал до поосамено место, еден од измамниците скокнал пред него и шокантно го прашал: „Господине, што правите? Не разбирам зошто еден отмен човек како вас би носел куче на своите рамена?“ Свештеникот се изненадил од зборовите и свикал: „Зарем не гледаш? Глупава будало, ова е коза, а не куче.“ Измамникот на тоа одговорил: „Господине, се извинувам, но јас само ви кажав што видов. Жал ми е што не ми верувате.“ Свештеникот бил изнервиран од овој настан, но продолжил понатаму.

Тој едвај направил неколку чекори, кога вториот измамник излегол од местото каде што се криел и го прашал свештеникот: „Господине, зошто носите мртво теле на вашите рамена? Ми изгледате на мудар човек, а ова дело е чиста глупост.“ Свештеникот свикал: „Молам? Како можеш да помешаш мртво теле со жива коза?“ Вториот измамник одговорил: „Господине, изгледа вие сте тие што нешто помешале. Или не знаете како изгледа една коза или го правите ова намерно. Јас само ви кажав што видов. Се извинувам за потрошеното време.“ Свештеникот се почувствувал малку збунето, но продолжил по својот пат.

По неколку минути тој наишол и на третиот измамник, кој пак, низ смеа го прашал: „Господине, зошто носите магаре на вашите рамена? Тоа ве прави да изгледате како будала.“ Откако ги слушнал зборовите на третиот измамник, свештеникот навистина се загрижил. Тој почнал да размислува дека животното на неговиот грб можеби не е коза, како што тој мислел, туку некаков дух што менува форми. Што друго би можело да се смени од коза во куче, па во мртво теле, за на крај да се трансформира во магаре? Во тој момент се исплашил до тој степен што ја оставил козата покрај патот и со трчање тргнал кон својот дом.

Тројцата измамници му се изнасмеале на наивниот свештеник и си ја зеле козата за нив.

Поука: Ниту еден човек не треба да си дозволи да биде понесен од тоа што другите го велат. Не дозволувајте да бидете измамени од оние што сакаат да ве искористат!

Прочитајте ја и оваа поучна приказна за жабите и кулата…

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар