Поучна индиска народна приказна која ќе ви ги отвори очите

Не е никаква новост дека индиската култура и цивилизација во себе крие голема мудрост која може да им послужи на луѓето од сите делови во светот. Според нејзината филозофија, луѓето честопати не ги забележуваат работите што им се пред очи и ги бараат на далечни места, преку мориња, океани, брда и планини. Прочитајте ја оваа мудра приказна која ќе ви ја открие големата тајна на животот и ќе ви ги отвори очите…

Поучна индиска народна приказна која ќе ви ги отвори очите

Многу одамна сите човечки суштества биле богови, но толку многу ги злоупотребувале нивните моќи, што богот Брама решил да им ги одземе и да им ги скрие онаму каде што никогаш нема да ги најдат. Но, прашањето било каде е тоа мистериозно место што ќе може засекогаш да го скрие божеството од луѓето? Затоа Брама свикал совет на боговите за да му помогнат да одлучи.

„Ајде да го закопаме длабоко во земјата!“, рекле боговите.

Брама на тоа одговорил:

„Не, луѓето ќе ја копаат земјата и ќе го најдат.“

Тогаш боговите предложиле:

„Да го потопиме во најдлабокиот океан?“

Брама не се согласил:

„Не, ни таму. Тие ќе научат да нуркаат во океанот и ќе го најдат.“

На тоа боговите одговориле:

„А да го однесеме на врвот на највисоката планина и таму да го скриеме?“

Но, Брама и овој пат одговорил негативно:

„Не, ни тоа не е добро, бидејќи со текот на времето луѓето ќе се качат на секоја планина и пак ќе го најдат нивното божество.“

Тогаш боговите се откажале и рекле:

„Не знаеме каде да го скриеме, затоа што изгледа дека ни на земја ни во море нема место до кое човечките суштества не би можеле да стигнат.“

Брама долго размислувал и потоа кажал:

„Еве што ќе направиме. Ќе го скриеме нивното божество во најдлабокиот дел од нивното сопствено битие, бидејќи луѓето никогаш нема да се сетат да побараат таму.“

Сите богови се согласиле дека тоа е совршеното скривалиште и така направиле. Оттогаш луѓето ја поминале целата земја и надолу и нагоре, копале, нуркале, се качувале и истражувале барајќи го она што веќе го имале во себе.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар