Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Владимир Ленин кажал дека „семејството е најважната клетка од која е изградено општеството“ и тоа е сосема точно. Меѓутоа, традиционалните сфаќања за тоа како треба да изгледа едно семејство се разликуваат од современите. Порано се верувало дека семејството го сочинуваат само мажот и жената кои се во брак, имаат деца и живеат заедно со поблиските роднини, како што се бабата и дедото. Сите поразлични семејства се сметале за нешто ненормално и необично. Во минатото не било вообичаено детето да расте со еден родител или со истополови родители.

Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Миа со 7-годишната Мила за кампањата „Од жена за жени“ на Студио Драма

Но, денес работите се менуваат. Бројот на разводи сѐ повеќе се зголемува, а со тоа и бројот на самохрани родители. Овој случај повеќе не нѐ чуди и не го сметаме за нешто необично. Сепак, ситуацијата е поинаква кога човек ќе реши да има дете и покрај тоа што нема партнер и не е во брак. Општеството сѐ уште ги осудува поединците кои свесно и самоволно ќе одлучат да станат самохрани родители. Низ истото помина и една од нашите најпознати водителки и јавни лица, бестрашната Миа Костова, кога ја донесе најголемата одлука во својот живот: Да го донесе на свет нејзиниот сега 5-годишен син Андрија.

Иако веќе извесно време се има повлечено од јавната сцена за да му се посвети на мајчинството, сигурно ја помните како водителка на популарната емисија Бекстејџ.

Миа несебично ни ги откри сите предизвици со кои се соочила играјќи ја нејзината улога на мајка и ни дозволи да дознаеме како е да се биде во кожата на еден самохран родител кој живее во стереотипно општество какво што е македонското…

Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Миа со синот Андрија

Пред речиси 6 години ја донесе веројатно најважната одлука во твојот живот: Да станеш самохрана мајка. Во едно интервју спомнуваш дека имало мигови на колебање, но сепак на крајот си одлучила да се соочиш со предизвикот. Кој беше пресудниот момент што те натера да го сториш тоа?

Пресудниот момент, секако, звукот на срцето на ехо. Покрај овој емотивен момент секако и разумот кој ме советуваше дека нема ништо страшно во раѓање дете на скоро 28 години. Некако се чувствував сигурна во себе. И некако си мислев дека е шанса која ми ја дава животот и не смеам да ја пропуштам.

Кои беа најголемите потешкотии и стравови со кои се соочи во текот на бременоста, но и подоцна како самохран родител? Од кого добиваше најголема помош и поддршка во тие моменти?

Потешкотии немав никакви ниту во бременоста ниту откако се роди Андрија. Стравови да, секако, од оние дали бебето ќе биде живо и здраво до оние дали ќе успеам да се снајдам сама со него, дали ќе побудалам, дали ќе потклекнам пред предизвикот и ќе се вратам во детска кај татко ми дома сосе бебе и слично Ништо од ова, фала Богу, не се случи. Напротив, имав и бременост и дете како од книга. Буквално, совршено дете кое веројатно ми го даде кармата иако сметам дека тука има удел и моето воспитување. Инаку, во прво време за одлуката немав поддршка речиси од никого освен од две блиски другарки кои сметаа дека ќе бидам супер мајка.

Имаш изјавено дека откако си го донела Андрија на свет „сите коцки се наместиле“. Што подразбираш под тоа? Дали тоа им се случува на сите мајки по породувањето или пак се сметаш себеси за една од „среќничките“?

Не знам за сите, а и сите не се исти. Ако се предадеш и речеш не можам, не успевам, нема работа, не постигнувам, веројатно ни коцките не се местат. Кај мене беше така. Имав многу куса финансиска криза која ја надминав со упорност и со немање апсолутно никаков срам од работа. Андрија имаше само 40 дена кога се вратив на неколку дена во диско неделно, почнав да работам во фризерски салон како координатор иако тоа никогаш не сум го правела ама некако се пронајдов, во меѓувреме дипломирав, работев и на телевизија, работам и како инфлуенсер на Фејсбук, а летово почнувам една моја приказна која сигурна сум дека ќе остави печат на Скопје. И сето ова успевав да го вклопам со мало бебе кое немаше кој да го чува. Од бебе е во градинка, седел со саати кај мене на работа, седел на снимања со температури, ама никогаш не сум се откажала ниту некогаш помислив да се вратам во семејниот дом. Решив дека ова е моја приказна и да, коцките се местат и ден денес.

Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Многумина сметаат дека на машките деца им е неопходна татковска фигура во животот за да имаат од кого да научат за „машките работи“. Според тебе, може ли една жена да биде и мајка и татко? Дали воопшто треба да се труди да ги игра и двете улоги?

Сигурна сум дека им е неопходна машка фигура. Нема потреба да се трудам да бидам и мајка и татко, тоа е невозможно. Сигурно самиот ја нашол во татко ми, во човекот кој е со мене…

Не постои сомнеж дека живееме во традиционална земја со застарени сфаќања. Ретко кога луѓето ги поддржуваат родителите кои решиле сами да се грижат за дете. Кои се најчестите предрасуди со кои се соочуваат самохраните мајки во Македонија? Какво е твоето искуство?

Не знам дали е до мојот став и до мојот начин на однесување и зборување јавно ама мене не ми се случило некој ниту да ме осуди ниту да има проблем со тоа. А немам ни јас. Живеам многу подобар посреќен и помирен живот од жени во семејства кои седат во брак поради ова или она. Сметам дека малку е поинаку денес и дека поинаку се гледа на самохраните мајки за разлика од порано. Тие сѐ повеќе се херои одошто нешто лошо или неморално.

Мое мислење е дека подобро е детето да живее со еден родител, но во здрава средина, отколку да расте во дисфункционално семејство во кое родителите постојано се караат. Што мислиш за ова? Кои се предностите на семејните заедници со еден родител?

Апсолутно. Нема полош начин за растење дете од оној во дисфункционално семејство. Несреќна мајка, отсутен татко, тоа најмногу ги афектира децата дури и кога родителите глумат пред нив. А предности има многу. Сметам дека тоа што е исклучително разбрано дете, воспитано и самостојно, адаптибилно, мирно, никогаш нервозно е баш заради тоа што, јас сум негов најголем авторитет без никој никогаш да не ми се замеша во воспитување и да го „лигави“ кога плаче иако погрешил, ама јас сум и негова најголема утеха, семоќната мајка која се труди да му ја оствари секоја желба. Дете кое до ден денес не знае што е висок тон или расправија дома. Знае сам да исчисти што растурил или да се пресоблече од неполни 4 години, знае да шепка кога спијам и да се качи на столче да ми донесе вода. Знае и да ми рече „Ај излези, вечер ќе спијам кај баба Дијана“. Инаку баба Дијана е исто од оние коцки што сами се спојуваат. Мајка на моја пријателка која ја освои Андрија, па му стана повеќе од баба.

Отворен разговор со Миа Костова: Самохраните мајки денес се херои, а не нешто лошо или неморално!

Многу жени кои се обидуваат да изградат кариера не сакаат да имаат деца, бидејќи мислат дека децата ќе им бидат „пречка“. На сингл жените сигурно им е уште потешко да ги имаат обете работи. Но, се чини дека ти си исклучок од ова правило. Важиш за силна жена, која успева истовремено да биде успешна деловна жена, но и прекрасна мајка. Која е тајната?

Нема тајна, како што кажав погоре, треба само да сакаш, треба да си убеден во тоа дека можеш и да не пребираш додека да стигнеш онаму каде што сакаш. Важно е да имаш време за себе, да не му ја мислиш дали е во градинка предолго, или зошто преспива на друго место, зашто многу е важно прво мајката да е како што треба за сѐ да биде како што треба. А што се однесува до кариеристките кои не сакаат деца, немам ништо против нив. Сосема ги разбирам. И ги поддржувам. Не може секој ниту секој сака. Кој како смета дека треба – така нека прави.

Миа Костова е вистински пример за тоа дека секоја жена треба го прави она што ја прави среќна. Доколку не сакате да имате деца, не треба да се чувствувате должни да раѓате и да чувате бебиња. Ако, пак, сакате да имате деца, но немате партнер, ниту тоа не треба да ве спречува да ги остварите вашите соништа. Не мислете на тоа што ќе го кажат другите и следете го вашето срце. Според Миа, колку повеќе размислувате за одлуката, толку подалеку ќе бидете од нејзиното остварување. Послушајте го советот на Миа која вели дека „ако размислувате за бебе, никогаш не е вистинското време ама ако го родите, секој ден е вистинското време“. Ништо не ве спречува да бидете и жена и мајка и бизнисменка. Само треба да бидете упорни и да не се откажувате по ни една цена!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар