Откријте како мозокот на емпатичните луѓе работи поинаку од другите

Емпатијата е важна особина која ни дозволува да создаваме доверба и ни дава увид во чувствата и мислите на другите. Една дефиниција за емпатијата објаснува дека тоа е способноста да ја идентификуваме и разбереме ситуацијата на другите личности, нивните чувства и мотивации. Кога сочувствувате со некого, вие се ставате на нивното место и ги гледате работите од нивна перспектива. Да се биде емпатичен не значи само да се разберат различните карактери на луѓето, кога разбираме како и зошто тие реагираат во одредени ситуации, туку вклучува и знаење како да се соочиме со нив и да се прилагодиме на нивните дела.

Откријте како мозокот на емпатичните луѓе работи поинаку од другите

Постојат различни видови емпатија и бројни начини на кои реагира нашиот мозок. Во една студија објавена во списанието „NeuroImage“ е откриено дека постојат физички разлики во мозокот на луѓето кои реагираат емоционално на чувствата на другите луѓе (афективна емпатија) во споредба со оние кои реагираат порационално (когнитивна емпатија).

Главниот истражувач, Роберт Ерес, забележал разлики во густината на сивата материја со когнитивна и афективната емпатија, како што се анализирало дали оние кои имаат поголем број мозочни клетки во одредени делови на мозокот се поемпатични во различни ситуации.

„Луѓето кои имаат високи нивоа афективна емпатија се оние кои често се плашат кога гледаат страшни филмови или оние кои плачат кога гледаат тажни сцени. Луѓето кои имаат висока когнитивна емпатија се оние кои се порационални. На пример, клинички психолог кој се консултира со својот клиент“, вели Роберт.

Истражувачите подготвиле прашалник од неколку прашања со кои се одредувале нивоата на емпатијата и пред да им ги дадат на испитаниците, користеле направа за мерење на мозочната активност. Резултатите покажале дека луѓето кои имале повисока афективна емпатија имале и поголема густина на сивата материја во средината на мозокот. Оние кои имале повисока когнитивна емпатија, имале поголема густина на сивата материја во лимбичкиот систем на мозочната кора, каде се спојуваат соматскиот и вегетативниот нервен систем и двете мозочни хемисфери.

Овие откритија ни покажуваат дека емпатијата може да биде предодредена од распоредот на мозочните структури и количината на мозочните клетки. Со понатамошни анализи се поставува прашањето дали луѓето можат да тренираат да станат поемпатични и дали тие делови од мозокот кои се поврзани со овие видови емпатија ќе станат поголеми или пак, целосно ќе се изгубат ако не се користат доволно.

„Во иднина сакаме да истражуваме дали тренирањето на луѓето со задачи поврзани со емпатијата може да доведе до промени на мозочните структури и да дознаеме дали штетата на овие мозочни структури, која најчесто се јавува како резултат на мозочните удари, може да доведе до губење на способноста за емпатија“, објаснува Роберт.

Емпатијата и сочувствувањето се вредни и непроценливи карактеристики кои секој човек би требало да ги поседува, бидејќи така се создаваат подобри меѓусебни односи, комуникација и подобар соживот, воопшто.


За авторот
Новинар. Самопрогласен актер. Џедај. Животна форма еволуирана да живее од филмови, видеоигри, музика, хумор и технологија. Хоби и рекреација: Појадок, ручек, вечера.

Поврзани содржини

Остави коментар