Одличен есеј од средношколец кој едноставно мора да го прочитате

Оваа писмена задача од еден млад средношколец навистина заслужува неколку минути од вашето внимание. Темата за есејот била „Светлината исчезна, престанав да читам и тага ме обви: Повторно живеам“ и книгата „Клетници“. За овој есеј, тој добил заслужена 5+ оцена, дури и покрај тоа што не бил напишан според зададената тема.

Одличен есеј од млад средношколец кој едноставно мора да го прочитате

Гледам, но очите ми се затворени. Чувствувам миризба на свежо лакирано дрво и помислив како мојот ковчег е прилично добар за парите кои ги дадов. Да, конечно починав.

Го слушам попот како пее тажачка и децата кои викаат: „Лелеее, Вујчеее!“ Одлучив малку да се прошетам, да видам дали мојата баба Јорданка дошла на погребот. Се зачудив кога сфатив колку лесно се движам. Мора да признаам дека сум задоволен. Погребот е прилично добро среден. Миле, првиот трубач со неговиот плех оркестар добро ја заврши својата работа. Свињата се врти на оган, додека мојот пијан зет се тркала во калта. Баба Стана е со дедо Митре и замислено гледа во мојот гроб додека се издишува.

Почнав да ѝ викам, „Што се жалиш стара, не сум мртов, повторно живеам“, но се сетив дека не може да ме чуе. Погледнав уште еднаш кон моите кутри внучиња и помислив, „Ех, деца, деца, секој кој вас ве познава дури ни пеколот нема тешко да му падне.“

Во тој момент почувствував како нешто ме влече нагоре. „Епа, дојде време да се разделиме.“ Патував, можам слободно да ви кажам, добри 5 часа додека да пристигнам до вратата пред рајот каде што стои Свети Петар.

„Здраво Петар, дојде време и ние да си позборуваме.“

Петар лошо ме гледаше, но конечно проговори: „Не ти се пишува добро Огнен, полн си со грешки. Бог те чека.“

Признавам, малку се исплашив, бидејќи знаете, ова ми е прва средба со Бог, а тоа не е мала работа. Молчам јас, молчи и тој. И така молчиме половина час и конечно се охрабрив да кажам: „Добар ден Боже!“ Повторно молчиме, а мене веќе и нозете почнаа да ми откажуваат. Знаете, не умира човек секој ден.

Конечно Бог ја поправи краватата, се намести удобно на својот облак и рече: „Кажи Огнен.“

Овој говор прилично долго го подготвував, па решив да му кажам сè од првиот до последен збор…

„О Боже, владетел на царството небесно, Ти кој на небото одиш, Творец на моето куче Марк, синовите Марко и Коста, баба Боса и дедо Радован, мојот кум Кристијан и се извинувам ако некој со моето брзање заборавам да спомнам…“

Тука застанав и забележав дека тој се збуни. Замислете, Бог е толку голем, а јас толку мал и тој се збуни пред мене. Но, сепак тој успеа да ги најде некако вистинските зборови, па ме праша:

„Дали ти, Огнен, ја прочита книгата „Клетници“?

„Не“, му одговорив.

„А дали ти, Огнен, си забележал дека светлината исчезнува?“

„Не“, одговорив пак збунето.

„Дали те обвива тага, Огнен?“

„Не, Господе“, одговорив, „Но, зошто?“

„Затоа што тоа е темата на овој есеј и се плашам дека ти си ја утнал темата.“

Бог е моќен, си помислив во себе…

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар