Незаборавни цитати од незаменливата Одри Хепберн

Незаборавни цитати од незаменливата Одри Хепберн

Одри Хепберн (4 мај 1929 – 10 јануари 1993) беше британска актерка и хуманитарка. И покрај тоа што била многу скромна за своите актерски способности, таа се смета за една од најголемите легенди на филмското платно на сите времиња. Хепберн во светот е најпозната како актерка и модна икона на 20-от век, која со својот стил му дала ново значење на зборот гламур и поради тоа сè уште се наоѓа на интернационалната листа на најдобро облечени.

Незаборавни цитати од незаменливата Одри Хепберн

Покрај својата слава на големите екрани и во модната индустрија, многу луѓе долго ќе ја паметат и по нејзините незаборавни цитати. Таа на многу духовит и интересен начин совршено доловува секојдневни и несекојдневни ситуации од животот. Еве еден мал дел од нив во кој сигурно ќе се пронајдете и вие:

„Запомнете, ако некогаш ви е потребна ‘дланка’ за помош, таа се наоѓа на крајот од вашата рака. Како што ќе стареете, не заборавајте дека имате уште една рака. Првата ви е за да си помогнете на себе, втората да им помогнете на другите.“

Нема нешто што не можеме да го постигнеме сами. Всушност, кога тоа ќе го направиме на наш начин, без никаква помош – ние се чувствуваме најуспешно и најисполнето. Секако, истото чувство се појавува и кога ќе им помогнеме на другите. Поради тоа трудете се колку што можете повеќе сами да си помагате на себе, но и да бидете несебични кога ќе треба да помогнете на некој друг.

„Мојот живот е многу повеќе од бајка. Имав и потешкотии, но секогаш кога ќе ги надминев, на крајот добивав награда.“

Хепберн со овој цитат индиректно ви вели никогаш да не се откажувате. Пробајте животот да го гледате како нешто прекрасно, со голема доза на оптимизам и на тој начин полесно ќе се справувате со проблемите. И не заборавајте дека со секое нивно надминување, ве очекува пријатно и позитивно изненадување.

„Сè што научив во животот – го научив од филмовите.“

Никогаш не потценувајте ја моќта на филмовите и ТВ сериите. Можеби токму последниот филм кој сте го гледале, ви помогнал да сфатите голема животна лекција. Или пак, можеби поради него сте го положиле најтешкиот испит…

Незаборавни цитати од незаменливата Одри Хепберн

„За прекрасни очи – гледајте го доброто кај другите, за прекрасни усни – зборувајте само добри зборови, а за достоинство – движете се знаејќи дека никогаш не сте сами.“

Со овој неверојатен цитат, Хепберн вели дека добрите луѓе се прекрасни луѓе. Понекогаш навистина сè што ви е потребно во моментот и на вас и на оние околу вас е да ги забележите нивните добри особини или пак, да ги пофалите за нешто што направиле… На тој начин со сигурност ќе им го разубавите денот. И секако, никогаш не заборавајте дека некој постојано мисли на вас и дека доколку ви е потребен, доволно е само да му/ѝ кажете.

„Верувам во маникирот. Верувам во дотерување. Верувам во препуштање на задоволството и носење кармин. Верувам во розово. Верувам во бакнување, во многу бакнување. Верувам дека може да се остане силен и во најтешките мигови. Верувам дека среќните девојки се најубави. Верувам дека утре е само уште еден ден и… Верувам во чуда.“

Секој си има свои верувања. Некои се посекојдневни, некои се сосема необични. Но, можеби најважното од сите верувања е верувањето во чудата. Секако, Хепберн не сака да ви каже дека вие не треба ништо да преземете и дека тие „ќе ви паднат од небо“ – туку дека доволно е само да верувате во нив и тие ќе ви помогнат кога ќе ви бидат најпотребни.

„Решив, уште многу одамна, да го прифатам животот безусловно. Никогаш не очекував да направи нешто посебно за мене, но сепак постигнав многу повеќе отколку што се надевав. Скоро секогаш тоа се случуваше кога воопшто не барав.“

Постои едно непишано правило – колку ни се пониски очекувањата, толку повеќе ќе ги надминуваме. Но, тоа не значи дека не треба воопшто да ги имате. На тој начин едноставно нема за што да се борите. Пробајте да бидете умерени во своите планови за иднината и не барајте многу од животот – само така ќе бидете навистина среќни.

Незаборавни цитати од незаменливата Одри Хепберн

„Обожавам луѓе кои ме смеат. Искрено, мислам дека смеењето е нешто што го сакам најмногу. Тоа лечи многу болести. Можеби тоа е најважното нешто кај човекот.“

Овој цитат е и научно потврден. Има многу придобивки од смеењето, и на здравствено ниво и на психолошко ниво. Понекогаш доволна ни е само мала насмевка за да ни „тргне“ денот на подобро. Исто така таа е и најдобриот моден додаток, не ја заборавајте во ниеден момент…

„Јас бев среќна. Можностите не доаѓаат многу често. Затоа кога ќе дојдат, грабнете ги.“

Овој цитат на Хепберн одлично ни го покажува нејзиниот „рецепт“ за успех. Точно е дека можностите не нè следат во секој чекор. Но и кога ќе се отворат, големи се шансите случајно да ги пропуштиме. Поради тоа мора да знаеме како да ги препознаеме. Секогаш држете ги очите широко отворени, бидејќи никогаш не се знае што може да ви донесе животот на наредниот свиок.

„Ако треба да бидам искрена, ќе ви кажам дека сè уште читам бајки. И ги сакам повеќе од сè останато.“

Секој човек треба да гледа на животот барем малку како на бајка. Всушност тоа е на некој начин многу оптимистичен поглед кон светот… И во никој случај не може да биде негативен, баш напротив. Но, немојте да претерувате многу со овој вид оптимизам, бидејќи така може да не забележите многу лоши работи кои можат да ви наштетат.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар