Невротичноста може да ви го продолжи животниот век

Невротичноста може да ви го продолжи животниот век

Благата напнатост може да ви се исплати, барем кога се однесува на грижата за здравјето. Невротичноста е карактерна особина што се поврзува со зголемена анксиозност, чувство на вина и нервоза, но најновите истражувања покажале дека токму таа може да ви помогне да живеете подолго.

Невротичноста може да ви го продолжи животниот век

Истражувањето објавено во списанието „Психолошка наука“ (Psychological Science) открило дека кај луѓето кои се невротични постоел 8% помал ризик од смрт предизвикана од кои било причини, особено рак и кардиоваскуларни болести, во споредба со оние со помала невротичност.

Истражувачите ги испитувале податоците на повеќе од 300.000 луѓе во Велика Британија на возраст од 37 до 73 години. Испитаниците направиле тест за личноста што ги измерил нивните нивоа на невротичност. Освен тоа, тие одговарале на прашања поврзани со нивните секојдневни навики, а откриле и некои здравствени информации како што се индексот на телесна маса и крвниот притисок. Исто така, требале да оценат колку здрави се чувствуваат. Волонтерите во истражувањето биле надгледувани околу 6 години.

Потоа, истражувачите ги споредиле добиените податоци и откриле дека високото ниво на невротичност е поврзано со повисок ризик од смрт. Тоа има логика со оглед на фактот што некои претходни истражувања покажале дека невротичноста е поврзана со негативните емоции и менталните нарушувања.

Меѓутоа, кога истражувачите ги анализирале одговорите на учесниците на прашањето колку здрави се чувствуваат, дошле до поинаков заклучок. Кај испитаниците кои сметале дека имаат лошо здравје, невротичноста имала мало заштитно влијание против прерана смрт.

Иако не го истражиле овој податок во експериментот, истражувачите мислат дека невротичните луѓе кои веруваат дека имаат лошо здравје почесто одат на доктор како последица од претераната загриженост, што е дел од нивниот карактер.

„Нивната тенденција да бараат медицинска помош како резултат од нивната загриженост за здравјето може да доведе до навремена дијагноза на рак, а со тоа и до зголемување на шансите за преживување“, објасниле авторите на истражувањето.

И покрај тоа, невротичните луѓе треба да внимаваат кога станува збор за преголемиот стрес. Невротичноста со себе носи голем број ризици, како што се емоционални проблеми, зголемен ризик од појава на Алцхајмерова болест кај жените и зголемен ризик од злоупотреба на супстанции.

Доколку се сметате за невротични, не грижете се, бидејќи не е сѐ така црно. Покрај продолжениот животен век, некои претходни истражувања покажале дека невротичните луѓе имаат некои здравствени придобивки од оваа карактерна особина и покажуваат поголем успех на работното место. Секогаш треба да ја гледаме светлата страна на работите, се согласувате?

Во продолжение погледнете го животот на луѓето кои патат од анксиозност преку 9 секојдневни ситуации.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар