Науката открива: Мрачната смисла за хумор е знак за висока интелигенција

Дали некогаш ви се случило да ве искритикуваат поради вашите мрачни и вознемирувачки шеги? Според најновите истражувања, веќе никој нема да се осмели да ви префрла за мрачната смисла за хумор, бидејќи наводно тоа е знак за висока интелигенција. Истражувачите од Виена дошле до ова интересно откритие кое е објавено во списанието „Cognitive Processing“. Според нив, доколку се смеете на шеги кои на другите им предизвикуваат чувство на непријатност, можете да се сметате себеси за гениј.

Науката открива: Мрачната смисла за хумор е знак за висока интелигенција

Добро, можеби ќе претерате ако почнете да мислите дека сте Ајнштајн, но истражувачите од Медицинскиот универзитет во Виена дознале дека луѓето кои претпочитаат мрачни шеги оствариле подобри резултати на тестовите за интелигенција. Во истражувањето учествувале 156 испитаници кои требале да го покажат нивното разбирање и уживање во 12 цртежи преземени од „Црната книга“ (The Black Book) од Ули Штајн. Станува збор за антологија на цртежи со црн хумор. Потоа, тие направиле вербални и невербални тестови за интелигенција. Освен тоа, учесниците требале да одговорат на прашања поврзани со нивното потекло.

Луѓето кои најмногу уживале во вознемирувачките шеги оствариле најдобри резултати на вербалните и невербалните тестови за интелигенција. Исто така, се покажало дека тие имаат и подобро образование. Истражувачите заклучиле дека емоционалната нестабилност и нагласената агресивност водат кон намалено уживање во црниот хумор.

Па, која е причината што лежи зад оваа морничава, но фасцинантна врска меѓу хуморот и коефициентот на интелигенција? Истражувачите откриле дека уживањето во црниот хумор подразбира комплексна обработка на информации, што значи дека само паметните луѓе можат вистински да ги разберат вознемирувачките шеги полни со сарказам и иронија.

Науката открива: Мрачната смисла за хумор е знак за висока интелигенција

Погледнете ја сликата на ѕидот

Но, не станува збор само за тоа. Меган Флин, авторка на книгата „Психолошката придобивка од црниот хумор“ (The Psychological Benefit Of Dark Humor) објаснила дека улогата на хуморот е да го намали стресот и да го подобри расположението. Имено, кога се смееме, доживуваме физички промени во срцебиењето и го подобруваме дишењето. Потоа, ритамот на срцето забавува, крвниот притисок се снижува и целиот организам се опушта.

„Ваквите промени се последица на промените во ендокриниот систем и намалувањето на кортизолот и епинефринот. Регулацијата на овие стрес хормони објаснува зошто некои луѓе се смеат кога се анксиозни или тажни, како на пример за време на погреб. На тој начин нивните тела се обидуваат да најдат начин да се смират. Црниот хумор е еден вид когнитивно-бихејвиорална стратегија која има двојна цел: Таа ги изложува луѓето на темите од кои најмногу се плашат и истовремено има неверојатно смирувачко дејство на телото“, открила Флин.

И покрај тоа што истражувањето се фокусирало само на 156 учесници на возраст од околу 33 години, мора да признаеме дека тоа ни открива каква е врската помеѓу нештата што ни се смешни и човечката природа. Но, доколку не ви се допаѓа црниот хумор, не очајувајте бидејќи тоа не значи дека имате ниска интелигенција. Познато е и дека смислата за хумор се менува во зависност од возраста, така што ако сега не можете да ги разберете мрачните шеги, можеби за некое време вашиот мозок ќе се навикне на нив. Или не. Бидете она што сте и самите пронаоѓајте си го смешното во животните ситуации!

Доколку се сметате за љубители на црниот хумор, погледнете го овој 4-минутен филм со наслов „Грешка“.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар