Научно докажано: Социјалните мрежи можат да ја подобрат вашата меморија

Сите ние ги користиме социјалните мрежи на некаков начин и сите постојано слушаме за нивното негативно влијание: Социјалните мрежи нѐ прават неспособни за водење вистински разговори, нѐ претвораат во нарциси и слично. Но, најновите истражувања спроведени на Универзитетот во Корнел покажуваат дека социјалните мрежи имаат позитивно влијание на нашата меморија.

Научно докажано: Социјалните мрежи можат да ја подобрат вашата меморија

Во истражувањето учествувале 66 студенти кои требало да водат дневник за она што им се случувало во текот на неделата и потоа да наведат дали објавиле нешто за тие настани на социјалните мрежи. Секој од настаните го оцениле според неговата важност и емоционалниот интензитет што го доживеале за време на истиот на скала од 1 до 5. На крајот од неделата, учесниците направиле тест со цел да се одреди на колку настани од изминатата недела можеле да се сетат.

Резултатите покажале дека објавувањето одреден настан на социјалните мрежи ја зголемува веројатноста дека тој настан ќе биде запаметен, без оглед на емоционалниот интензитет или важноста на истиот.

„Доколку луѓето сакаат да ги запаметат личните искуства, најдобро е да ги објават на социјалните мрежи. Процесот на пишување за личните искуства во јавната сфера, кој е честопати надополнет и со повратни реакции, им дозволува на луѓето пообјективно да размислат за сопствените искуства и да согледаат какво значење имаат тие за нив“, објаснува еден од истражувачите.

Со други зборови, ако одвоите време да напишете нешто за некое ваше доживување и убаво да размислите за него, тоа може да ви помогне подобро да го запаметите во иднина.

Научно докажано: Социјалните мрежи можат да ја подобрат вашата меморија

Можеби социјалните мрежи сепак не се толку лоши колку што мислевме. Во продолжение прочитајте за уште неколку придобивки од социјалните мрежи…

Објавите на Фејсбук можат да ве направат среќни

Одредени видови објави можат да ве направат посреќни. Искрената интеракција со луѓето што ги познаваме и ни значат може да го подобри нашето расположение.

Социјалните мрежи можат да го подобрат животот на постарите луѓе

Според едно истражување од 2014 година спроведено во Велика Британија и Италија, доколку постарите луѓе научат како да користат имејл, Фејсбук, Скајп и други социјални мрежи, тоа може да им помогне да се чувствуваат помалку осамени, бидејќи на тој начин полесно ќе можат да комуницираат со нивните сакани. Освен тоа, постарите луѓе кои знаеле како да ги користат социјалните мрежи покажале подобри резултати на тестовите за когнитивен капацитет и личен идентитет. Некои од учесниците изјавиле дека дури и нивното физичко здравје се има значително подобрено откако почнале да ги користат социјалните мрежи.

Социјалните мрежи го намалуваат нивото на стрес кај жените

Едно истражување од 2015 година барало поврзаност помеѓу нивото на стрес и социјалните мрежи и открило дека одредени социјални мрежи го намалувале нивото на стрес кај жените. Имено, колку повеќе жените објавувале фотографии, праќале и добивале имејлови и користеле Твитер толку помало било нивото на стрес.


За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар