Најстрашните шуми во светот

Да не беа страшните и морничави шуми, Ивица и Марица никогаш немаше да си имаат проблеми со лошата вештерка, но ни Снежана никогаш немаше да ја спасат седумтте џуџиња. Навистина не можеме да ги обвиниме браќата Грим и сите други кои наоѓале инспирација низ густите дрвја, необичните суштества и страшните звуци зашто на крајот на краиштата, шумите знаат да бидат едно навистина морничаво место. Само погледнете ги овие подолу и ќе биде доволно да ја изгубите желбата за кампување некое време!

Аокигахара (Aokigahara), Јапонија

(1) Најстрашните шуми во светот Позната како „Шума на самоубиствата“ ова морничаво место се наоѓа во северозападниот дел од планината Фуџи и дефинитивно претставува едно од најзлокобните места во светот. Се верува дека под тлото постојат огромни количества на железо кои им сметаат на компасите и на тој начин огромен број луѓе се губат низ густата шума. За жал, името кое што го добила не е случајно, во оваа шума се забележани преку 500 самоубиства од 1950 година.

Црна шума (Schwarzwald), Германија

Токму од ова место браќата Грим ја црпеле својата инспирација, а лесно може да се забележи и зошто. Се наоѓа по течението на реката Рајна во југозападна Германија и изгледа токму онака како што сме ја замислувале од приказните – огромни, густи дрвја од кои едвај се пробива некој зрак. Оваа шума е идеално игралиште за митолошки суштества како вештерки, волшебници, врколаци и секако добрите џуџиња. Позната е по прекрасните, бајковити дворци, водопадите, езерцата, зимските пејсажи и секако легендите за изгубени кампери, духови и злобни суштества. Всушност постои и книга – „The Necromancer“ (1974) во која се собрани сите морничави приказни, случаеви и митови поврзани со ова место.

Островот на куклите (Isla de las Munecas), Мексико

Најстрашните шуми во светотЗамислете си убав сончев ден, спремни сте за излет, се шетате низ убавата природа и случајно се губите во некоја шума. А во шумата – нормално дрвја, а на дрвјата – кукли. Без очи, без раце и без нозе, распарталени и извалкани. И не, не е сцена од хорор филм, ова место е доста познато и популарно привлекувајќи голем број посетители желни за малку мистерија, адреналин и страв во коски.

Се вели дека оваа бизарност започнала кога Дон Хулијан Сантана, единствениот жител на овој чуден остров, пронашол удавено девојче во реката кое во рацете држело кукла. Во чест на малото девојче Дон Хулијан ја закачил куклата на дрво близу реката, но краток период откако го направил тој чуден гест и самиот бил пронајден мртов во истата река. Оттогаш, илјадници кукли се пронајдени како висат од гранките на дрвјата распределени низ целиот остров.

Хоја Бачиу (Hoia Baciu), Романија

Најстрашните шуми во светотРоманија е позната по богатиот фолклор, а со тоа и бројните легенди, сказни и митови, но случувањата во оваа шума дефинитивно не се само плод на фантазијата на локалните жители. Иако Трансилванија отсекогаш била асоцијација за морбидни дворци и аристократи желни за крв, сепак оваа шума има сосема поинаква приказна. Во самото срце на оваа шума се наоѓа необично, кружно поле за кое многумина веруваат дека е некаков вид порта до некој друг свет, место на кое слетуваат НЛО, па дури и дом на сите изгубени души кои никогаш не го пронашле патот надвор.

Постојат голем број документирани фотографии и видеа токму од оваа област од чудни, неидентификувани објекти, па шумата Бачиу со години наназад е омилена дестинација на сите вљубеници во надреалното. Самиот изглед на областа е навистина необичен, дрвјата имаат чудна, искривена форма, светлината и звуците ги плашат посетителите и згора на сè, оние кои подолго престојуваат често завршуваат со вртоглавици и халуцинации. Геолозите голем дел од овие феномени ги припишуваат на огромното количество на бакар кое го има во овој предел.

Вичвуд (Wychwood Forest), Англија

Најстрашните шуми во светотПриказните за овој предел се поврзани со огромен број различни паранормални активности и случаеви. Посетителите кои имале можност да ја истражат оваа шума тврдат дека имале чувство дека некој ги набљудува и следи, а голем дел од нив, иако биле сами почувствувале дека некој ги допира. Чудни звуци и игра на светлина, ехо на кочија и коњ што трча, и секако легенда за дамата Ејми Робсарт – девојката која го изгубила својот живот во шумата, го прогонувала својот маж после смртта и ја предвидела неговата. Забавно нели? А да, евидентирани се сведоштва од љубители на мистеријата како покрај нив поминувала кочија која ја возел маж, а на неа стоеле две деца кои плачеле. Што повеќе може да побара човек од една опседната шума?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар