Најстрашните латиноамерикански урбани легенди

Најстрашните латиноамерикански урбани легенди

Оние кои сакаат вистински да се преплашат треба да знаат дека латиноамериканскиот фолклор има многу злокобен хорор. Постојат апсолутно гротескни и ужасни приказни кои вечно ќе останат во вашите кошмари. Интересно е што овие приказни не постојат само во главите на оние со активна имагинација, некои од нив постојано излегуваат во весниците бидејќи луѓето некако успеваат да наоѓаат „докази“ за нивното постоење во реалноста.

Ел Чупакабра

(3)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Ел Чупакабра, што буквално може да се преведе како „цицач на кози“ е веројатно најпознатата латино урбана легенда за која сме чуле. Тоа е така затоа што луѓето често изјавуваат дека го забележале ова суштество на многу места во светот, вклучувајќи ги и САД.

Се вели дека Ел Чупакабра има карактеристика на вампир и гуштер. Тој е познат по тоа што ја цица крвта од добитокот, иако некои велат дека ги напаѓа и убива и малите животни како кучињата и мачките.

Во 2010 година научниците понудија едноставно објаснување за легендата за Чупакабра. Овие митолошки чудовишта, велат тие, веројатно се само шугави којоти. Но, кој да знае!?

Ла Чигуапа

(1)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Овие суштества што личат на нимфи наводно живеат во пештерите и шумите, во планинскиот регион на Доминиканската Република, а меѓу себе комуницираат со специфично завивање.

Чигуапа се опишува како суштество со темна или сина кожа, накривени црни очи, долга, сјајна коса со која си го покрива телото и стапала свртени наопаку. Тие се ноќни суштества кои се вели дека ги ловат мажите скитници.

Со нивната магија и убавина тие ги заведуваат мажите кои им излегуваат во пресрет. Некои велат дека ги убиваат и јадат своите жртви, додека други мислат дека тие едноставно ги заробуваат и потоа жртвите исчезнуваат засекогаш.

Ла Џорона

(0)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Постои живописна приказна за тоа како Ла Џорона (Жената што плаче) почнала да ги опседнува реките и каналите. Се вели дека таа била сиромашна девојка од село што се заљубила во богат благородник и дека заедно имале три деца. Кога девојката посакала да се омажи за благородникот, тој одбил бидејќи нивните деца биле вонбрачни.

За да биде со нејзиниот љубен, девојката ги удавила трите деца во реката. Кога на благородникот му кажала што направила тој повторно ја одбил и потоа се оженил со друга жена. Исполнета со тага, девојката се удавила. Но, поради нејзиното злосторство била проколната вечно да талка по реките и каналите, барајќи ги своите деца.

Многу луѓе велат дека често ја слушаат како липа и плаче, очајно извикувајќи „Моите деца…“ Токму затоа и децата се предупредувани да не скитаат навечер од страв дека Ла Џорона може да ги помеша со нејзините деца и да ги одведе со неа. Исто така таа е позната и како предзнак за смрт за сите што ќе ја видат.

Ел Силбон

(4)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Легендата за Ел Силбон (Свиркачот) доаѓа од Венецуела и Колумбија. Станува збор за приказна за младо разгалено момче кое од неговиот татко побарало да му донесе месо од срна. Додека татко му бил по месо, детето станало нестрпливо и тргнало да го бара. Кога го нашло и видело дека тој не уловил ништо, го убило и потоа ја извадило утробата од неговиот татко и ѝ ги однело на неговата мајка да ги зготви за вечера.

Откако забележала дека месото е жилаво, таа сфатила дека тоа е од нејзиниот сопруг и го проколнала нејзиниот син. Некои верзии велат дека потоа го викнала неговиот дедо кој го казнил физички, пред кучињата да почнат немилосрдно да го бркаат.

Ел Силбон е познат како предзнак за смртта и е опишан како слаб и висок дух. Тој е познат по специфичната свирка: ако свирењето доаѓа одблизу тогаш сте безбедни, но ако слушате свирење во далечината, тогаш веројатно за вас е веќе доцна.

Ел Кукуи

(2)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Тој е најголемиот сојузник на латино мајките и најголемиот кошмар на децата. Ел Кукуи (познат и како Ел Коко, Ел Куко и други варијации) живее под креветот, во орманот или во најтемниот агол од собата – и излегува да ве земе ако се однесувате лошо. Или барем така веруваат многу деца од Латинска Америка што значи дека Ел Кукуи е еквивалентот на Баба Рога.

Него го опишуваат како дух кој наместо глава има празна тиква, а во други приказни е опишан како суштество со злобни и големи заби.

Ел Сомбрерон

(5)-najstrashnite-latinoamerikanski-urbani-legendi-kafepauza.mk

Ова Гватемалско митолошко суштество носи голема црна капа која го покрива најголемиот дел од неговото лице. Тој е многу низок и се верува дека со себе носи сребрена гитара за да им свири на жените со долги коси и големи очи. Се вели дека е опседнат со плетење, толку што ги плете опашките и гривата на коњите, магарињата и останатите животни. Кога нема животни, наоколу бара млади жени со долги коси.

Во еден случај тој нашол убава жена со долга коса и големи очи од која бил хипнотизиран, па застанал под нејзиниот балкон. Откако ја слушнала песната, таа била маѓепсана од него.

Но, нејзините родители не биле среќни со тоа бидејќи секоја вечер Ел Сомбрерон ја хипнотизирал девојката со неговата песна до тој степен што таа престанала да јаде и спие. Пред комплетно да полуди, родителите ѝ ја скратиле косата, така што Ел Сомбрерон изгубил интерес за неа. Тоа на некој начин е среќен крај, се согласувате?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Инженер под влијание на силни филмски маси. Далеку од реалноста, блиску до паметот. Иако крајот на филмот Живот го знаеме сите, сепак убаво е да уживаме додека трае.

Поврзани содржини

Остави коментар