Најслаткиот начин да дадете отказ

31-годишниот Крис Холмс од Кембриџшир, Англија неодамна направил вкусна торта со порака упатена до менаџментот на фирмата во којашто работел, а сите колеги ги поканил да се засладат од неа.

Тој работел како службеник за доселеници на аеродромот Станстед во Лондон, но на 15 април ја дал својата оставка, испишана со црни бувки на убава бела ледена торта. Вели дека вежбал прво на хартија и ќе ја направел уште поубава доколку знаел дека ќе стане вирална фотографијата на интернет.

Најслаткиот начин да дадете отказ

„Денес е мојот 31-ви роденден и бидејќи неодамна станав татко, сега сфаќам колку е скапоцен животот и колку е важно да поминувам време со семејството, правејќи нешто што нѐ прави мене и другите среќни. Од таа причина ве известувам дека наскоро ќе ја напуштам работата, за да можам да го посветам моето време и енергија на семејството и на мојот бизнис со торти, кој постојано е во развој во последните неколку години. Ѝ посакувам сѐ најдобро на организацијата и на моите колеги во иднина и ве потсетувам дека доколку ви се допадне оваа торта, можете да порачате повеќе на www.mrcake.co.uk“

Холмс, кој е уште познат и како Mr Cake (господин Торта) е дел од бизнисот за приготвување торти, со кој го пополнувал неговото слободно време во последниве 2-3 години. Во понеделникот тој пристигнал на неговото работно место со оваа голема правоаголна торта во кутија, која веднаш му ја подал на менаџерот. Сите менаџери и колеги биле изненадени, но го прифатиле сето ова многу добро. На луѓето кои ја пробале многу им се допаднала.

Холмс пред 5 недели станал татко со синчето Бенџамин, а идејата за давање оставка на торта ја имал уште пред 6 месеци, додека неговата сопруга била сѐ уште бремена. Не кажал на никој за идејата, но ја одржувал во главата, тивко размислувајќи како да ја реализира.

Со оглед на денешната економија, прилично е ризично да се започнува нов бизнис. Но, убаво ги разгледав фактите и заклучив дека ова е остварлив бизнис. Сѐ се одвива според плановите. Треба да му заблагодарам на мојот син Бен, кој потсвесно ме „клоцна“ да станам и да сторам нешто за коешто чувствувам страст. За тоа ќе му се оддолжам со прекрасна торта за неговиот прв роденден, која веќе ја планирам“.

После оставката испишана на торта, телефонот на Холмс непрестајно ѕвони и цело време му стигаат имејл пораки. Но засега, никој не нарачал торта за давање отказ. Заменик-директорот на неговото претходно работно место вели дека му пожелува само успеси во иднина.

Ова не е првпат некој да даде „слатка“ оставка од работа. Неодамна Нил Берет од Сан Франциско го направи истото поради неговите здравствени проблеми и потребата да поминува повеќе време со семејството.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Љубопитна новинарка со истражувачки дух, во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, без испеана песна и без малку возбуда не треба да ѝ помине ниту еден ден. Се релаксира со фина музика, длабок филм или прошетка во природа во добро друштво. Верува дека добриот совет и астрологијата ѝ помагаат да се разбере себеси и светот околу неа. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

Остави коментар