Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Сите знаеме дека светот се врти околу жената, но низ историјата постоеле жени кои буквално владееле со светот или барем со поголем дел од него. Тоа се жени кои остро се спротивставиле на обезвреднувањето на жената и докажале дека се еднакво способни да владеат како и мажите. Од сите владетелки низ историјата, издвојуваме осум кои навистина оставиле белег за своето време.

Клеопатра – прочуена египетска кралица чие полно име е Клеопатра VII Филопатор (69 г.п.н.е. – 30 г.п.н.е.) била припадничка на Птоломејската династија и владеела со Стариот Египет. Нејзиното владеење започнало од 51 г.п.н.е. кога имала само 18 години. Нејзин прадедо бил Птоломеј I, еден од генералите на Александар Македонски и како што се верува, исто така бил полубрат на Филип Македонски, со што се потврдува дека Клеопатра имала македонско потекло. Откако Гај Јулиј Цезар го победил нејзиниот постар брат, таа застанала на престолот на Египет. По нејзината смрт изумрела и династијата Птоломеј, а Египет станал римска провинција.

Нејзиниот живот, а воедно и нејзиното владеење биле бурни и динамични. Според египетските обичаи таа била принудена да се омажи за нејзиниот брат, а во меѓувреме му станала љубовница на Цезар. Подоцна таа наредила да се убие брат ѝ Птоломеј XIV со цел нејзиниот син Цезарион, чиј татко бил Цезар, да застане на престолот. Исто така, му била љубовница на Марко Антониј со кого имала три деца.

Во литературата и уметноста била честа тема и инспирација. Нејзиниот лик сè до денес во литературата е прототип на демонска жена која е фатална за мажите.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Кралицата Теодора – (497 – 548 г.н.е.) – сопруга на византискиот император Јустинјан I, а воедно и владетелка на Римската империја. Таа е прогласена за светица од страна на грчката христијанска црква, и се верува дека била највлијателна и најмоќна жена во историјата на Римската империја.

Пред нејзиниот брак со Јустинјан I, Теодора била актерка и ги забавувала благородниците, водејќи нечесен начин на живот. Подоцна се придружила кон христијанското движење, но продолжила да работи како актерка, привлекувајќи му го вниманието на Јустинјан, внук и наследник на императорот Јустин. Се омажила за Јустинјан I во 523 г.н.е, поради што бил променет законот кој забранувал благородник да стапи во брак со актерка.

Теодора уживала голема почит од страна на нејзиниот сопруг. Јустинјан се консултирал со својата сопруга при донесување на важни државни одлуки, што покажува дека ја сметал за свој интелектуален партнер. Меѓу другото, позната е по задушување на бунт кренат против Јустинјан.

Теодора се борела за поголеми права на жените, градела цркви, поставувала закони против присилната проституција и поставила смртна казна за силување.

Останува запаметена не само како најмоќна жена-владетелка на римската империја, туку и како многу контроверзна личност. Прво била проститутка за подоцна да се приклучи кон религиското движење. Иако позната по добротворната работа, многу историски извори покажуваат дека се служела со многу интриги за да дојде и да остане на власт. Во бракот со Јустинјан немале деца, но Теодора ја омажила внука си со наследникот на Јустинјан, Јустин II.

Починала од рак во 548 година.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Елеонор – кралица на Англија – родена во 1122 година, а починала на 1 април 1204 година. Таа била сопруга на англискиот крал Хенри II и се смета за една од најмоќните и најбогати жени во свое време.

Уште како дете добила големо образование и го проучувала латинскиот јазик, а по смртта на својот татко, на само 15 годишна возраст станала војвотка на Аквитанија претворајќи го местото во еден од најголемите културни и интелектуални центри во северна Европа. Се омажила со францускиот крал Луј VII и заедно со него учествувала во Втората крстоносна војна, но по раѓањето на своето второ дете се развела поради неговото неверство. Подоцна стапила во брак со Хенри II, со кого имала 5 сина и три ќерки.

Но, кога во 1170 бил убиен еден архиепископ поради противење на одлуките на кралот Хенри, Елеонор кренала народен бунт против својот сопруг, земајќи на своја страна тројца од нејзините синови. Бунтот траел цела година, а на страната на Елеонор застанале многу нејзини поддржувачи од народната маса. Откако бунтот бил растурен и прекинат, таа била казнета со 16 години затвор.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Хатшеспут е една од најмоќните жени во античкиот свет и една од најуспешните монарси во антички Египет. Таа била петти фараон од осумнаесеттата династија во Египет и владеела подолго од која било владетелка во египетската историја.

По смртта на нејзиниот татко Тутмос I, владеела заедно со својот полу-брат. Но по неговата смрт, Хатшеспут владеела самостојно сè до крајот на нејзиниот живот во 1458 г.п.н.е. Нејзиното владеење е одбележано со многуте проекти за градење и промени, претворање на јужниот дел од Египет во софистицирано место за живеење, како и носењето на успешни воени кампањи во Нибија, Левант и Сирија.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Марија Тереза од Австрија – (13 мај 1717 – 29 ноември 1780 год.) била единствениот и последен женски владетел од династијата Хабзбург, наследувајќи го својот татко – императорот Карл VI. Поради тоа што била единствен наследник на императорот, Марија се соочила со многу негодувања и несогласувања.

Истата година откако дошла на власт во 1740, Фредик II започнал војна за добивање на австриското наследство. Тој одбивал да ја признае Марија Тереза за вистински наследник на престолот, и покрај тоа што му имал ветено на нејзиниот татко дека ќе ја поддржи во наследувањето на круната, па дошло до конфликт на кој таа се спротивставила достоинствено, ангажирајќи војници и купувајќи унгарско оружје. Така војната, која во историјата е уште позната како Војна за австриското наследство, завршува во 1748 со потпишување на мировен договор.

Нејзините реформи за зајакнување на државата биле успешни. Таа донела многу економски и политички промени во државата, како зголемување на армијата, покачување на даноците со цел да има постојани приходи за владата и војската, централизирање на владата во една административна канцеларија и започнувањето на Дипломатската револуција во 1756 година кога стапува во коалиција со Франција за успешно да ја одбрани својата држава од Прусија и Велика Британија.

Нејзиното владеење ќе биде запаметено и по основањето на Кралската академија на науките и литературата во Брисел, донирањето парични средства за усовршување на медицинскиот факултет на универзитетот во Виена, како и ослободувањето од смртна казна и воведување на задолжително образование.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Елизабета I била неверојатен владетел и можеби првата жена која официјално со сите почести била крунисана за кралица на Англија. Нејзиното владеење е познато како Златната ера во англиската историја, а во времето додека владеела, во Англија се истакнале познати поети како Шекспир, Марлоу и Спенсер, носејќи ја ренесансата во Англија.

Бидејќи никогаш не стапила во брак, уште е позната како Кралицата-девица. Таа била ќерка на кралот Хенри VIII. Елизабета владеела од 1558 година па сè до нејзината смрт во 1603 и е последен владетел од династијата на Тудорите, одбележувајќи го своето владеење како ерата на Елизабета во Англија.

Елизабета била вистински интелектуалец и многу паметен владетел. Симпатизирајќи го протестантското движење, ја претвора Англија во протестантска нација, но исто така ги почитува другите религии. Нејзиното владеење со години било попречувано од нејзината братучетка Марија – кралицата на Шкотите, која се борела за Англискиот трон бидејќи се чувствувала како вистинскиот наследник на престолот. Таа подготвувала заговор против Елизабета со години, па поради тоа Елизабета била принудена да остане во Англија долг дел од животот. На крај, сепак и се спротивставува, па Марија е погубена во 1587 година. Во текот на нејзиното владеење Англија станува најголема светска сила.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Катерина II – уште позната како Катерина Велика, била руски владетел. Најдолго задржувајќи се на тронот на руската империја, таа водела успешни освојувачки војни проширувајќи ја својата држава на запад и го приклучила Кримскиот остров кон Русија. Како резултат на ова, Русија за време на нејзиното владеење била најголема сила во Европа. Нејзиното владеење траело од 1762 до нејзината смрт во 1796, односно владеела 34 години.

Катерина била родена во денешна Полска, а откако успешно го совладала рускиот јазик, се преселила во Русија станувајќи сопруга на рускиот престолонаследник Петар III. Откако својот сопруг го видела како арогантен и незрел, Катерина во заговор со царската стража направила државен удар против Петар III, преземајќи го неговото место на чело на Руската држава.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата

Кралицата Викторија – англиска кралица која со сигурност заслужува голема почит и восхитување. Владеела 64 години, од 1837 до 1901 година, а за време на нејзиното владеење Англија толку се проширила што станала вистинска светска сила. Затоа се вели дека во Викторијанската ера, Англија била толку голема што сонцето никогаш не заоѓало над неа.

Нејзиното владеење бележи големи промени во британските институции и владата, но исто така и во секојдневниот живот на граѓаните. Таа водела скромен живот за разлика од другите владетелки, и затоа била многу почитувана од страна на народот. По смртта на нејзиниот сопруг, принцот Алберт, таа никогаш не се премажила, продолжила да живее скромен живот секогаш носејќи црна облека. Во 1868 година, издала книга базирана на сопствениот дневник, илустрирана со многу слики од нејзиното семејство.

Познатата британска премиерка Маргарет Тачер, за време на 80-те, се трудела да ги воспостави повторно Викторијанските вредности на животот кои ги проповедала кралицата Викторија за време на нејзиното владеење. Еден од најголемите такви вредности била дисциплината и почитта во едно семејство.

Најмоќните жени-владетелки низ историјата


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. edna Reply

    Bravo za statijava… jas sakav pred edna nedela da ja pisuvam istata tema no bidejki na moite statii ne mi odgovorija KafePauza dali im se dopagjaat i dali odam vo vtor krug za avtori – ne sednav da ja napisam. A sakav da pisuvam na istata tema – duri drugarka mi pomislila deka ja napisav i deka e moja ovaa :)))

    • Кафе пауза Reply

      А што е тоа што не ни се допаднало? Бидејќи не си потпишана…

      • edna Reply

        Поентата ми е само (добронамерен совет): доколку авторот го поминува кругот и ви се допаѓа тоа што го пишува известете го (бидејќи некој постојано размислува кои интересни теми би ги обработувал понатаму за вас), или пак доколку не ви се допаднале, повторно, известете го (за да не размислува и смислува идеи за понатаму) 🙂

  2. Наташа Reply

    Текстов е посветен на жените. Ако сте решиле да напишете ваков тест и да ги соберете на едно место најголемите жени во историјата, па сте можеле и да употебувате феминативи. Многу лошо звучи кога ќе се каже: Таа била голем владетел и исклучителен интелектуалец. Обидете се да кажете: Владетелот Катерина II носеше најубави фустани и ќе сфатите за што зборувам.

    • тренда Reply

      Наташа во нашиот јазик кога станува збор за професија се употребува машки род, а не женски.

      • Свит Reply

        Значи можете да ги спомнете професиите во женски род, како на пример, министерка или докторка, но официјално, како назив би стоело, еве на пример Министер за одбрана, магистер или доктор (иако е женско),така да нема врска, во нашата литература е правилно и прифатливо.

      • Наташа Reply

        Додека зад јазичните правила стојат шовинисти и луѓе на кои им е сè сеедно – да, така е и така ќе биде. Ама мене не ми е убаво кога за себе треба да кажам дека сум новинар оти сум жена, исто како што верувам дека на моите колеги не би им било сеедно да се нарекуваат новинарки. Видов некаде дека зад текстот стои авторка, а не автор, па сакавд а сугерирам што мислам. А, ако авторката смета дека треба да тера вака како што тргнала, оти правописот вели може и вака и така, нејзино право е. Можеби се чувствува подобро кога за неа би рекле тој и би рекле автор, жена-автор или како сè не, само не авторка.

  3. maja Reply

    Еве мислење од лектор: кога се титулира и лично се посочува се кажува во род. Треба да стои владетелКАТА. Но, во македонскиот јазик нема точно разграничување и постојат исклучоци (како на пример: Хилари Клинтон е државен секретар, а не државна секретарка 🙂 Додека, на пример еве паралела со хрватскиот јазик, таму без исклучок титулата се порамнува со родот, значи ако станува збор за жена – треба така и да се наведе во титулата.

  4. Simona Reply

    сте ја заборавиле Нефертити 🙂

  5. Саше Reply

    Теодора умрела 17 години пред Јустинијан авторот нека си ги проверит фактите пред да почнит да трескат глупости

  6. Име Reply

    Јустинијан умрел во 565, а Теодора во 548. Тајната Историја на Прокопиј, главниот историчар на Јустинијан е преведена на македонски, такашто линкови од википедија баш и не држат вода. Хатшепсут била монарх (а не монас, што и да е тоа) т.е. фараон (не сопруга на фараон, туку владеела самостојно), затоа сите нејзини портрети се со церемонијална, лажна брада која ја носеле само фараоните. И да, фино би било и Нефертити да ја имаше.

Напиши одговор на тренда Откажи одговор