Најдобрите лекции од детските приказни (што и возрасните не смеат да ги заборават!)

Понекогаш најдобрите лекции се кријат токму во детските приказни. Можеби тогаш не сте ги сфаќале на тој начин како што би ги сфатиле денес, па затоа е многу важно да се потсетите на нив! Мудроста што можете да ја црпите од овие приказни е едноставно бесценета за сите возрасти.

najdobrite-lekcii-od-detskite-prikazni-shto-i-vozrasnite-ne-smeat-da-gi-zaboravat

Мравката и штурецот: Важноста на планирањето!

Приказна: Тим од мравки цело лето напорно работи за да се подготви за суровата, студена зима. Во меѓувреме, еден штурец го минува летото пеејќи, смеејќи се и чудејќи се зошто мравките толку многу работат. Кога ќе дојде зимата, штурецот нема што да јаде и за малку ќе умре од глад (застрашувачка приказна за деца, се согласувате?). Тогаш мравките го спасуваат и тој сфаќа зошто тие го правеле тоа што го правеле.

Лекција: Само затоа што нешто не ни е потребно во моментот, не значи и дека треба да се одложува. Сосема е во ред да се одвои малку време за забавни нешта, но големи се шансите дека нема да сретнете метафорички мравки што ќе ве спасат кога ќе западнете во неволја. Вие не треба да чекате до зима за да купите грејач, бидејќи не знаете какви ќе бидат околностите тогаш. Обидете се да размислувате однапред и престанете да одложувате бидејќи нема друг начин на кој можете секогаш да бидете подготвени за тоа што следува.

Кучето и неговиот одраз: Бидете задоволни со тоа што го имате!

Приказна: Едно куче се враќало кон дома откако нашло голема, сочна коска. На патот кон дома, тоа наишло на река каде што го видело својот одраз во водата. Мислејќи дека друго куче пред него има поголема и подобра коска, тоа почнало да лае, испуштајќи ја својата коска од уста. На крај, морало да се врати дома без коска.

Лекција: Ние секогаш сакаме повеќе од тоа што го имаме, особено ако често ги преиспитуваме оние работи што ги поседуваме – со тоа што се фокусираме на нештата што ги немаме, почнуваме да мислиме дека ништо не ни е доволно. Не треба да престанете да посакувате подобри нешта за себе, туку едноставно да бидете внимателни да не почнете постојано и за сè да посакувате повеќе.

Враната и стомната: Не се откажувајте кога нештата изгледаат невозможно!

Приказна: Една врана летајќи барала вода на претерано топол летен ден. Таа нашла стомна, но кога се обидела да го пикне клунот во неа, отворот бил премал и не можела да достигне до водата. Долго време се обидувала да се пробие, сè повеќе дехидрирајќи се и таман да се откаже ѝ дошла една идеја – таа почнала да фрла камчиња во стомната, на тој начин покачувајќи го нивото на водата сè додека тоа не се подигне доволно високо за таа да може да се напие.

Лекција: Каде што има волја, има и начин! Упорноста е клучна за решавање на проблемите, без разлика колку невозможна изгледа некоја ситуација – вие секогаш можете да најдете решение. Вашата идеја можеби и не е толку лоша колку што мислите, само понекогаш ѝ е потребен малку поинаков пристап. Што и да сакате да направите, едноставно направете го тоа и „напијте се од водата“.

Дознајте и која е едноставната мудрост од непроценливо значење на книгата „Малиот Принц“.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар