На кој факултет најчесто се запишуваат психопатите?

На кој факултет најчесто се запишуваат психопатите?

Се сеќавате на Патрик Бејтмен од „Американски психо“ (American Psycho)? Станува збор за измислениот лик на еден банкар кој е жеден за моќ и лишен од секаков вид емпатија. Изгледа дека животната приказна на овој познат психопат не е толку далеку од вистината. Имено, неодамнешните истражувања спроведени на Универзитетот Орхус во Данска се обиделе да откријат кои предмети ги учат психопатите на факултет. Погодивте? Кај студентите кои одбирале да учат бизнис и економија постоела поголема веројатност дека ги поседуваат карактерните особини од „мрачната тријада“ за разлика од оние кои одбирале други предмети.

На кој факултет најчесто се запишуваат психопатите?

Во „мрачната тријада“ припаѓаат следниве карактерни особини: Нарцизам, макијавелизам (склоност кон манипулирање) и психопатија. Сите овие особини се поврзани со желбата за моќ, статус и доминација на работното место, па така ги привлекуваат поединците од мрачната тријада кон професии што ќе им го овозможат тоа. По оваа логика, истражувачите претпоставиле дека овие негативни особини ќе имаат влијание и на изборот на факултет кај студентите.

За да се потврди оваа теорија, 500 студенти од Данска биле тестирани со цел да се измери нивната екстровертност, соработливост, отвореност, совесност и невротичност, односно нивните главни 5 карактерни особини, како и оние особини кои припаѓаат во мрачната тријада. Студентите само што почнале да учат некој од следниве факултети: психологија, бизнис и економија, политички науки и право. Меѓутоа, прашалниците биле пополнети пред тие да започнат со нивните студии, така што научниците не можат да знаат дали одредени професии привлекуваат одредени карактери пред одбраните предмети да можат да им влијаат на каков било начин.

На кој факултет најчесто се запишуваат психопатите?

Резултатите покажале дека студентите кои учеле бизнис и економија поседувале најмногу особини од мрачната тријада, додека, пак, студентите по психологија поседувале најмалку особини од мрачната тријада во споредба со останатите. Студентите по право и политички науки биле некаде на средина кога станува збор за нарцизам, психопатија и макијавелизам, со тоа што имале пониски резултати од студентите по бизнис и економија, но повисоки од оние по психологија. Освен тоа, студентите по психологија покажале повисоки резултати на тестот за главните 5 карактерни особини што докажало дека тие се посоработливи, поотворени и помалку невротични од останатите студенти.

Па, дали овие истражувања сугерираат дека студентите по бизнис се прикриени психопати и дека сите студенти по психологија се друштвени, емпатични и совесни? Секако дека не, бидејќи постојат и многу други работи што влијаат на нашиот избор на студии, како што е влијанието на родителите и социоекономската ситуација. Вреди да се спомене дека изборот на факултет и професија е комплексна одлука која зависи од многу различни фактори. Но, ова истражување докажува дека карактерните особини имаат барем мал удел во процесот на одлучување.

Доколку сакате да дознаете повеќе за овој тип луѓе, прочитајте кои се 5-те најизразени карактеристики на психопатите од реалниот живот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар