Митот за ЕКТС: кој е виновен за слабиот квалитет во македонското високо образование?

Митот за ЕКТС: Кој е виновен за слабиот квалитет во македонското високо образование?

Кажувате некому дека сте завршиле факултет според Европскиот кредит трансфер систем и реакциите одат отприлика вака: „Аха, ти си еден од оние млади неспособни луѓе кои се провлекуваат низ лошиот образовен систем и на лесен начин стигнуваат до диплома. Си положувал испити со заокружување. Тоа не е вистинско знаење! Во мое време се убивавме од учење и тоа беше супер. Ние, генерациите кои студиравме по стариот систем денеска сè си знаеме и работиме многу квалитетно. Не сме како вас! Ама не сте вие криви, крива е Болоњската декларација и оној ЕКТС. Тој ве расипа. Претходно сè си беше супер.“

По повод ваквата изјава, која обично е завиена во пољубезни изрази, може да се дискутира за три работи: 1) за тоа каков стадиум на знаење се бара на испитите; 2) за тоа дали генерациите кои студирале по стариот систем а денес го водат општеството се генерално попаметни или не; и 3) дали Болоњската декларација и ЕКТС се лошиот вирус кој носи неквалитет во нашето образование.

Овде ќе се задржиме на она последното: дали Болоњскиот процес и ЕКТС се виновни за спорниот квалитет кој се добива при студирањето на наш факултет, а особено на тоа што кај нас испитите честопати се на заокружување, лесно се положува и лесно се доаѓа до диплома.

Митот за ЕКТС: кој е виновен за слабиот квалитет во македонското високо образование?

Што е Болоњска декларација и Болоњски процес?

Поради тоа потребите кои ги наметнува зголемената мобилност на работниците во новиот век, европските земји решиле да се позанимаваат со образованието на тие работници. Министри од 29 европски земји се собрале во 1999 година во Болоња и ја потпишале Болоњската декларација, документ кој претставува темел за унифицирање на високообразовните системи на европските држави. Потоа следуваат уште низа состаноци на министрите на кои се носат уште неколку акти, а кои заедно го сочинуваат Болоњскиот процес. Со овие акти:

  • Сите земји се обврзуваат да воспостават заеднички систем од три циклуси на студии: додипломски, магистерски и докторски, и се поставуваат стандарди за очекуваните знаења и вештини кои студентот ги добива со секој од нив.
  • Воспоставување на систем на кредити кој на студентите ќе им овозможи мобилност од една во друга високообразовна институција или можност за практична работа во компанија.
  • Промовирање на соработка меѓу европските високообразовни институции во поглед на што поголемо унапредување на квалитетот на студирање.
  • Промовирање на доживотното учење.
  • Меѓусебно признавање на дипломите.
  • Зголемување на можностите за вработување преку понуда на знаења и вештини кои се потребни на пазарот.
  • Воспоставување на високообразовен систем кој ќе биде ориентиран кон студентот и неговите активности, а не кон професорот и неговите предавања, како и постојана промена на наставниот материјал кога тоа е потребно со цел да се излезе во пресрет на студентот и знаењата и вештините кои нему му се потребни за да биде конкурентен на пазарот на трудот. Студентот треба да се стимулира да учи и да се надградува повеќе на сопствена иницијатива, а професорот му е ментор. За тоа е потребно да се формираат помали групи на студенти.

Овие цели понатаму се разработуваат во детали со други акти.

Митот за ЕКТС: кој е виновен за слабиот квалитет во македонското високо образование?

Што е Европскиот кредит трансфер систем?

ЕКТС претставува алатка со која Болоњскиот процес се реализира во практика. Првенствено, тоа е систем кој овозможува студентска мобилност преку трансфер на кредитите заработени на еден факултет, на друг факултет. Студентот ги добива тие кредити преку совладување на материјата од одреден предмет и положување на испитите. Нивниот број зависи од бројот на часови кои вообичаено се потребни за совладување на материјата. Системот има поставено долна и горна граница на кредити, а со тоа и долна и горна граница на количината на материјал која со наставниот план може да му се даде на студентот да ја научи. Друг важен дел е тоа што Болоњскиот процес се стреми кон воспоставување на квалификациона рамка која ќе опишува за што е способен штотуку дипломираниот студент.

Што не е ЕКТС?

Може до бескрај да се пишува за тоа што не е ЕКТС, но овде ќе се задржиме само на главното: тоа не е начин на оценување на знаењето на студентите. Ниту Болоњската декларација, ниту актите за спроведување на Европскиот трансфер систем не го пропишуваат начинот на којшто еден факултет треба да ги спроведе испитите и да ги оцени студентите. Во ЕКТС водичот, кој е достапен на интернет, нема ниту една реченица која им налага на факултетите одреден метод на проверка на знаењето. Тој метод си го бираат самите факултети. Секој од нив донесува сопствен правилник со кој го пропишува начинот на полагањето на испитите и бројот на можности кои секој студент ги има за да положи еден испит. Кога ЕКТС би пропишувал одреден начин на полагање на испит, на пример со заокружување на еден точен одговор од пет понудени при што има уште две поправни сесии, тогаш би било логично да очекуваме тоа секаде да е така. Но не е. Еве неколку примери:

  • На Правниот факултет во Лувен, Белгија, студентите имаат право на максимум две поправни сесии, доколку не ги положиле испитите во вкупно трите годишни термини. По секој предмет има различен начин на проверка на знаењето.
  • На Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград постојат предиспитни активности кои вклучуваат полагање колоквиуми, практична работа и изработка на семинарски труд, пред да се оди на практичен, писмен или устен испит кој во најголем дел ја формира оценката.
  • На Економскиот факултет при Универзитетот Сулејман Шах во Истанбул студентите полагаат еден завршен испит по предметот на крајот на семестарот, имаат и еден испит на средината на семестарот, а професорот во секој момент може да употреби и тест со заокружување за да им го провери знаењето на студентите.
  • Секој професор на Техничкиот факултет во Тампере, Финска, има право да одлучи на кој начин ќе ја спроведе проверката на знаењата на своите студенти, а за тоа ги консултира и нив на почетокот на семестарот.

Сите овие факултети се вклучени во Болоњскиот процес, но на различен начин ги спроведуваат испитите затоа што никој не им налага тоа да го сторат на еден или друг начин. Како што сите веќе знаеме, дури и на нашите факултети се полага на различен начин, а неретко на еден ист факултет по различни предмети тестирањата се вршат со повеќе различни методи.

Митот за ЕКТС: кој е виновен за слабиот квалитет во македонското високо образование?

Кој е крив?

Постојат многу фактори кои го определуваат квалитетот на образованието. Но, ако неквалитетниот начин на проверка на знаењата не го гледаме како една од главните причини за неговиот сè послаб квалитет, тогаш ЕКТС и Болоњскиот процес не се криви за тоа. Проблемот е во нивната неквалитетна имплементација од страна на нашите факултети. Ако некој факултет решил знаењето на студентите да го оценува со тестови на заокружување, тоа е затоа што самиот факултет така одлучил. Никој ништо не му наложил. Ако проодноста е 90%, тоа е поради политиките на факултетот. Ако од 100 студенти само тројца поминуваат, пак нешто не чини кај изборот на методите на оценување, но, повторно, тие не се наметнати од Болоњскиот процес, туку се свесно избрани од оценувачите. ЕКТС постои за да стимулира мобилност и стекнување на вештини кои му требаат на пазарот. Ако образовниот систем не успева да ги постигне, тогаш ЕКТС не е крив.

Оттука, разликите меѓу „стариот“ и „новиот“ систем треба да се гледаат во две насоки. Прво, стариот систем има програми кои не се ориентирани кон студентот и неговата потреба да биде конкурентен на пазарот на труд. Новиот систем според Болоњската декларација го бара тоа, иако сè уште не е добро имплементирано кај нас. Второ, има стар и нов систем на спроведување испити, но тие се воведени независно од обидите за спроведување на Болоњскиот процес. Оттука, напуштањето на Болоњскиот процес би значело само напуштање на можностите за мобилност и осовременување на наставните програми, но начинот на проверка на знаењето ќе остане ист сè додека самите факултети самите не одлучат да го сменат.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар