Мистеријата зад „Син кит“: Колку оваа смртоносна игра е навистина опасна?

Социјалните мрежи повеќе пати успеале да уништат вистински животи, особено кога се работи за деца и тинејџери. Насилството ги привлекува децата, а тоа го искористуваат компаниите кои произведуваат игри. Но, сега ситуацијата станува уште поопасна. Земјите како Русија и оние од Средна Азија како што се Казахстан и Киргистан се соочуваат со вистинска опасност предизвикана од една онлајн игра што ги наведува тинејџерите на самоубиство.

Мистеријата зад „Син кит“: Колку оваа смртоносна игра е навистина опасна?

Постојат повеќе такви слични игри, но најпозната е „Син кит“ или „Blue Whale“. Иако биле спроведени неколку апсења, се верува дека оригиналниот извор што ги шири сите овие игри сѐ уште не е пронајден. Истрагите биле спроведени од мај 2013 година до декември 2016 година. Извештаите откриле 8 виртуелни групи. Овие виртуелни групи успеваат да ги натераат ранливите тиинејџери на самоубиство и самоповредување.

Како голем скептик со љубопитна природа, решив лично да се уверам во влијанието што го има оваа игра и да видам како навистина функционира. Ја инсталирав на мобилен телефон играта со име „Blue Whale Challenge“ по неколку неуспешни обиди, бидејќи многумина ја имаат искористено популарноста на името на играта и именувале свои игри со истото име кои немаат врска со оригиналот.

Играта почнува со објаснување на правилата дека во период од 50 дена играчот ќе добива по една задача секој ден што ќе мора да ја изврши за да продолжи понатаму. Потоа му го поставува прашањето „Дали сте сигурни дека сакате да продолжите?“. По потврдниот одговор веднаш следува првата задача која гласи: „Напишете F58 на левата рака со црвено пенкало“. Исто така, се бара фотографија како доказ дека задачата била навистина извршена. По испраќањето на фотографијата треба да се чека 24 часа за да се добие следната задача.

Првите задачи се обични и наивни од типот да се слушаат депресивни песни, да се стане во 4 часот наутро, да се гледаат страшни фотографии во 3 часот наутро, да се „гуглаат“ некои одвратни полово преносливи болести и слично, но постепено стануваат посериозни и поопасни. Следуваат задачи како гледање видео во коешто членови на ИСИС обезглавуваат луѓе и праќање линк од видеото како доказ и испишување на букви на раката, но овој пат не со пенкало туку со шестар или некој друг сличен предмет.

Се обидов да испратам лажни фотографии за некои задачи за да проверам дали некој навистина ги гледа „доказите“ или задачите се испраќаат автоматски. Првите неколку пати ми успеа, но по неколку задачи играта се прекина и ме врати од почеток. Се вели дека администраторите праќаат закани до играчите дека ќе дојдат по нив и ќе ги повредат ако не продолжат со играње, но јас не сретнав ништо слично, можеби поради тоа што не стигнав подалеку од 14-тата задача или поради тоа што се работи за друг тип игра од истата серија. На 50-тиот ден, последната задача што ја добива играчот е да изврши самоубиство ако сака да победи, во спротивно неговиот заштитник „Синиот кит“ ќе дојде и ќе му помогне да го стори тоа.

Мистеријата зад „Син кит“: Колку оваа смртоносна игра е навистина опасна?

Како возрасен човек не почувствував никаква вистинска закана од оваа игра или опасност по животот, но не може да се негира фактот дека таа навистина може да има големо влијание на тинејџерите и децата во развој кои се ранливи, наивни, љубопитни или поминуваат низ депресивен период во животот и се склони кон самоповредување.

Според полициските извештаи, главниот виновник што стои зад овие фатални игри е Филип Будеикин кој се смета за одговорен за смртта на десетици деца. Тој дури и признал дека се работи за негова креација и дека неговата цел била да го „исчисти“ општеството од поединците коишто се доволно наивни и психички лабилни за да подлегнат на правилата на играта и да ги следат до крај. Постојат и други тврдења според кои Будеикин сметал дека успеал да им даде љубов и грижа на децата кои не го добивале тоа во реалноста и дека им помогнал да умрат на мирен начин.

Некои корисници тврдат дека добивале закани кога сакале да прекинат со играта, а некои откриваат дека успеале да побегнат со тоа што ја блокирале апликацијата. Сајтовите со хаштази од типот #SeaOfWhales, #BlueWhales, #WhalesSwimUpwards, #WakeMeUpAt420 моментално се блокирани од страна на властите.

Секако дека оваа игра нема да го убие секој што ќе се обиде да ја игра. Нејзини жртви се тинејџерите кои сакаат да ѝ стават крај на болката што ја чувствуваат и мислат дека самоубиството е најдобриот излез од нивните проблеми. „Синиот кит“ им го овозможува токму тоа и ги охрабрува да извршат самоубиство како нивен единствен спас. Но, тие не сакаат навистина да умрат. Ним им треба помош за да ги решат проблемите и да имаат здрав и среќен живот.

Мистеријата зад „Син кит“: Колку оваа смртоносна игра е навистина опасна?

Можеме да го спречиме овој фатален чин, доколку станеме свесни за знаците што ги покажуваат тинејџерите кои размислуваат за самоубиство:

  • Претходен обид за самоубиство.
  • Разговор или планирање самоубиство.
  • Силна желба за смрт или опседнатост со смртта.
  • Раздавање на омилените книги, музика, облека.
  • Знаци на депресија како што се лошо расположение, безнадежност, изолираност.
  • Зголемена употреба на алкохол или дрога.
  • Наговестување во секојдневните разговори дека нема да бидат тука во иднина или постојани збогувања.

Секое спомнување на зборот „самоубиство“ мора да се сфати сериозно и да се пружи соодветна помош. Доколку забележите дека вашето дете или некој ваш близок ги покажува овие знаци, не смеете да ја игнорирате ситуацијата. Ако не знаете како да реагирате и да помогнете, задолжително обратете се на службите и експертите кои се занимаваат со проблеми од ваков тип. Првиот чекор кон искоренувањето на овој проблем е подигнувањето на човечката свест.

Во продолжение прочитајте ги овие 7 знаци за депресија кои не треба да ги игнорирате.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар