Мистеријата е разоткриена: Зошто огледалата се толку морничави?

Мистеријата е разоткриена: Зошто огледалата се толку морничави?

Сигурно ви се случило да се разбудите во ниедно време во ноќта кога сите светла биле исклучени затоа што ви се одело во тоалет. Доколку имате големо огледало во соба или во ходник, веројатноста е дека со брзина на светлината сте претрчале за да го одминете без да се погледнете во него. Можеби сметате дека вашата реакција е таква поради големиот број хорор филмови каде што задолжително има некоја страшна сцена со огледало, но вистината е дека огледалата се сметале за неверојатно морничави уште пред да постои хорор жанрот. Нема ништо повознемирувачко од помислата дека одразот во огледалото е малку изместен. Причината лежи во тоа што иако современите огледала даваат кристално јасна рефлексија на личноста која набљудува, сликата што ја претставува огледалото сепак може да биде лесно манипулирана. Огледалата се како соништа, хипер-реалистични и неверојатно лажни истовремено.

Мистеријата е разоткриена: Зошто огледалата се толку морничави?

Луѓето отсекогаш биле фасцинирани со огледалата. Оние кои се направени од добро обработена бронза најпрво биле дел од древната египетска култура, а суеверието за скршените огледала потекнува од антички Рим. Според ова суеверие, доколку скршите огледало, сте ја уништиле душата која се рефлектира во него. Според римската култура, душата се обновувала на секои седум години, па затоа толку време било потребно за нештата да се вратат во нормала. Оттаму потекнува верувањето дека ако скршите огледало, седум години ќе имате несреќа. Неретко, луѓето верувале дека огледалата не биле одраз на физичкиот изглед, туку на душата и токму поради тоа вампирите немаат одраз во огледалото. Но, да се има душа не е секогаш добро, бидејќи според некои верувања, душите на луѓето можат да бидат заробени во огледалата засекогаш.

Со оглед на сите овие суеверија кои кружат околу огледалата, не е никакво изненадување што тие се главна тема на голем број приказни од митологијата, како што е легендата за Нарцис или злобната кралица од „Снежана и седумте џуџиња“. Но, зошто всушност огледалата се толку фасцинантни и морничави истовремено?

Огледалата го претставуваат светот околу нас, но сепак тие слики не се вистински. Психологот Марко Бертамини ги споредил огледалата со виртуелната реалност.

„Предметите во огледалото се виртуелни, но за нашите очи тие се вистински бидејќи ги перципираат како и секој друг предмет“, објаснува тој.

Мистеријата е разоткриена: Зошто огледалата се толку морничави?

Ова можеби не ви звучи како голема работа, но ако некогаш сте играле „Крвава Марија“ знаете дека нашите мозоци почнуваат да се однесуваат чудно ако гледаме премногу долго во огледало. Во 2010 година бил спроведен експеримент од страна на Џовани Капуто при Универзитетот во Урбино, и тој открил дека кога луѓето зјапаат во нивниот одраз во просторија со згушено светло подолго време, многумина од нив доживуваат „илузија на изместено лице“. За помалку од една минута, учесниците во истражувањето почнале да гледаат други лица, неправилности на нивното лице, дури и им се појавувале чудовиштни суштества во огледалото пред нив. Според Капуто, некои од овие „други“ лица ја преземаат формата на „архетипови“ како што се старица или дете, па затоа постои веројатност дека вие и вашиот пријател можете да видите слични застрашувачки рефлексии, па оттаму се раѓаат и урбаните легенди. Ова се нарекува Капуто ефект и ако сакате и самите да го испробате, можете да прочитате повеќе за него овде.

Ние сме свесни дека одразите не се такви какви што изгледаат, но како што е случајот со сите други илузии, тешко е да го усогласиме теоретското знаење со она што се наоѓа пред нас. Со сите тие суеверија што се провлекувале низ вековите и фактот што мозокот излегува надвор од контрола кога се гледаме подолго во огледало, чудно е што огледалата не се уште поморничави.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар