Луѓето кои многу пцујат имаат една заедничка позитивна особина

Доколку сте забележале дека од вашата уста многу често излегуваат пцости, ова најново откритие би можело да ве заинтересира. Според спроведените истражувања, луѓето кои многу пцујат имаат една заедничка позитивна особина: Тие се искрени или барем поискрени од луѓето кои не пцујат многу. Кој би рекол дека лошиот јазик крие нешто толку позитивно под површината?!

Луѓето кои многу пцујат имаат една заедничка позитивна особина

Секако дека пцуењето понекогаш ги преминува границите во одредени ситуации во зависност од вашиот професионален и приватен живот. Можете дури и да бидете казнети поради тоа. Но, сепак луѓето имаат право на слободно изразување и пцујат од различни причини. Можеби пцуете од навика, сакате да предизвикате одредена реакција, да изразите некое чувство или пак едноставно ви се допаѓа таквиот начин на комуникација. Без оглед на причината, научниците и психолозите уште одамна се прашувале што имаат заедничко луѓето кои многу пцујат и сега конечно дошле до посакуваното откритие.

Имено, како што веќе споменавме, најновите истражувања откриле дека луѓето кои многу пцујат се искрени. Луѓето кои често пцујат не кажуваат толку лаги при секојдневната комуникација и социјализација за разлика од луѓето кои не пцујат. Всушност, истражувањето тврди дека луѓето чиј говор е „збогатен“ со пцости се поморални и почесни.

Ова истражување со наслов „Искрено, нам ни е гајле: Врската меѓу вулгарниот јазик и искреноста“ (Frankly, we do give a damn: The relationship between profanity and honesty) ги анализирало испитаниците од три различни аспекти за да се соберат доволно податоци. Најпрво, истражувачите го испитувале вулгарното однесување и лажење во лабораториски услови. Потоа, тие направиле лингвистичка анализа на автентични интеракции на Фејсбук од вистинскиот живот. На крајот, истражувачите ги анализирале индексите на вулгарноста и интегритетот на целокупната популација во САД, односно ги споредиле одговорите на нивните испитаници со одговорите на општата маса.

Луѓето кои многу пцујат имаат една заедничка позитивна особина

Резултатите потврдиле дека оние што пцујат како кочијаши се искрени и чесни. Но, зошто? Што значи сето ова? Според истражувањето, луѓето кои многу пцујат користат лоши зборови за да ги искажат нивните искрени чувства, без разлика дали се позитивни или негативни. Тоа значи дека луѓето кои пцујат не внимаваат на говорот, односно немаат толкава способност да лажат и да ги кријат нивните вистински мисли и чувства. Доколку се пронајдовте во ова, сигурно луѓето околу вас повеќе пати ви кажале дека сте брутално искрени и директни.

Но, ова истражување е само еден дел од големата палета на ваквите слични студии. На пример, истражувачите од колеџот во Масачусетс, ја испитувале врската меѓу пцуењето и речникот. Можеби мислите дека луѓето пцујат затоа што немаат богат речник. Овие истражувачи го побиле тоа тврдење, бидејќи според нивните откритија, луѓето кои многу пцујат всушност располагаат со исклучителни говорни вештини.

Научниците исто така откриле дека луѓето кои многу пцујат имаат повисок праг на толеранција на болка за разлика од оние кои не го практикуваат тој начин на говорење. Освен тоа, луѓето кои кажуваат пцости се сметаат за силни и самоуверени.

Исто така, психолозите дознале дека луѓето кои пцујат често многу полесно се зближуваат со другите. Според тоа, доколку вие и вашите пријатели пцуете од утро до мрак и се чувствувате убаво поради тоа, пцуењето можеби ви помага да се зближите.

Оваа навика по сѐ изгледа не е толку лоша колку што се чини, но сепак тоа не значи дека треба да пцуете во секоја можна ситуација. Секако дека треба да го одбегнувате овој начин на говорење кога неговата примена е несоодветна и би можела да ве доведе до неволја.

Ако ви се допадна оваа тема, можеби би сакале да прочитате и зошто високо интелигентните луѓе се неуредни ноќни птици кои сакаат да кажуваат погрдни зборови.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар