Лошите лекции од цртаните на Дизни

Дизниевите анимирани филмови се задолжителен дел од растењето на секое дете. Нивната содржина ги учи децата дека чуда се случуваат и дека доброто и љубовта на крајот секогаш победуваат. Сепак, доколку работите се погледнат и од поинаков агол, меѓу редови може да се прочитаат и некои лоши пораки и да се открие темната страна на Дизни.

Пепелашка

Добрата лекција: Чуда се случуваат. Ако бидеш добар ќе ти се случи добро.

Лошата лекција: Седи си и чекај среќата да ти падне од небо.

Пепелашка е убава млада девојка заглавена во домот на својата маќеа, каде што ги извршува најтешките домашни физички работи. Нема пријатели, не излегува од дома затоа што има премногу работа, а се чини дека не ù фали ништо. Таа само ќе трпи во улогата на беспомошна жртва, сè додека не дојде добрата самовила да ја спаси. Резултатот од ваквиот начин на размислување е сензационален – ќе му се допадне на убавиот принц и ќе стане принцеза.

Лошите лекции од цртаните на Дизни

Убавицата и ѕверот

Добрата лекција: Однесувај се со другите како што сакаш да се однесуваат со тебе. Зад лошиот изглед се крие добро срце.

Лошата лекција: Сакај го насилникот, тој кај и да е, ќе се смени.

Бела е прекрасна девојка со добро срце која што ќе биде заложник во замокот на ѕверот во замена за животот на својот татко. Ѕверот е во потрага по девојка која ќе се вљуби во него за да ја симне клетвата поврзана со неговиот изглед, а Бела ќе биде совршена прилика за тоа. Ќе ја држи затворена во замокот, каде и покрај неговото грубо насилничко однесување, таа сепак ќе се вљуби во него. На крај, како што се случува во бајките, тој ќе се претвори во убав принц со добро срце, иако во реалноста насилникот никогаш не се менува. Тоа се нарекува Стокхолмски синдром или синдром на убавицата и ѕверот.

Лошите лекции од цртаните на Дизни

Малата сирена

Добрата лекција: Љубовта победува сè.

Лошата лекција: Напушти го семејството, смени го изгледот и тој ќе се вљуби во тебе.

Малата сирена Ариел живее идиличен живот со својот татко сè додека не се вљуби во еден маж. Сепак, за да му се приближи мора да добие нозе со кои ќе прошета по брегот каде што тој често го минува времето. За таа цел ќе склучи пакт со злобната Урсула, на која ќе ù го вети својот глас во замена за нозе. За тоа дали е добро или не е да се направи „пакт со ѓаволот“ за да се стигне до некоја поважна цел може да се расправа до бескрај, но тоа што таа напушта сè и драстично го менува својот изглед за да се допадне некому е многу лоша порака.

Лошите лекции од цртаните на Дизни

Ѕвонарот од Богородичната црква во Париз

Добрата лекција: Не цени ги луѓето според нивниот изглед.

Лошата лекција: Без оглед на тоа колку е добар и посветен, грдиот нема шанси кај убавата девојка.

Квазимодо е грбав и поради тоа не е добро прифатен од околината. Кога ќе се вљуби во убавата Есмералда ќе направи сè за да ја спаси од казна и да го освои нејзиното срце, но и покрај неговата пожртвуваност љубовта нема да му биде возвратена како во другите бајки. Во филмот постојано се нагласува лошиот изглед на Квазимодо, а кога на крајот и покрај херојството ќе заврши со празни раце за сметка на убавиот капетан ќе биде пренесена и лошата лекција.

Лошите лекции од цртаните на Дизни

Заспаната убавица

Добрата лекција: Љубовта го победува злото.

Лошата лекција: Трпеливо чекај го вистинскиот, тој ќе те разбуди од лошиот сон.

Ни крива ни должна, уште како бебе Аурора ќе биде проколната да заспие на својот шеснаесетти роденден и да не се разбуди сè додека не почувствува бакнеж како израз на искрена љубов. Интересно е тоа што ќе се разбуди кога ќе ја бакне некој што не ја видел никогаш претходно, а поради тоа таа ќе се омажи за него. Сепак, лошата лекција е тоа што на девојчињата им се сугерира дека треба вечно да го чекаат вистинскиот.

Лошите лекции од цртаните на Дизни

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. tinche svinche Reply

    Ako razmisluvate taka i na toj nachin – da vo pravo ste, ama na sekoja prikazna ima dve strani, i ovoj pesimistichkiot pristap i pogled na rabotite ne e pravilen. Zaboravivte da napomenite deka isto taka ne uchea sekogash da go sledime srceto, da ja zachuvame svojata dobrina i pokraj site maki, da veruvame vo samite sebe si i da gi ostvaruvame nashite sonishta. Barem jas taka gi dozivuvav Dizni crtanite. Shto nemozam da go kazam za deneshnite novi crtani. A povrshnite raboti koi odbravte da gi istaknete vo statijava se samo toa POVRSHNI. Sekogash ke ima takvi koi ke go chekaat „vistinskiot„ i onie koi ke gi sledat svoite snishta i ke go slushaat svoeto srce.

Остави коментар