Лесен подарок којшто можете да го направите сами: Декорирајте ја вашата шолја со перманентни маркери

Дали имате обична, здодевна бела шолја којашто би сакале да ја промените? Персонализирајте ја така што ќе нацртате нешто на неа! Потоа можете да си ја користите за вас, или пак да ја дадете како подарок на некој од вашите драги личности.

Еве ја постапката:

1. Ако немате, купете бела шолја. Можете да најдете во супермаркетите, продавниците за домаќинство или пак да нарачате онлајн.

2. Изберете перманентни маркери. За вашите резултати да траат подолго, изберете маркери коишто се базирани на масло, како и со тенок врв за да можете прецизно да цртате. Обичните маркери може да се избришат по печењето (чекор 5). Изберете бои кои би сакале да ги користите за цртање. Можете да бидете едноставни и да изберете една боја, или пак да бидете амбициозни така што ќе искомбинирате повеќе бои. Ако сепак изберете една боја, тогаш црната е најдобриот избор, бидејќи е контраст на белата површина на шолјата.

3. Почнете со цртање. Одлучете што сакате да нацртате на чашата, а можеби е подобро да пробате на лист хартија, пред да започнете со цртањето. Изберете реченици коишто ви значат или пак сладок цртеж како декорација. За повеќе идеи можете да пребарате на интернет разни декорации за цртање со Шарпи маркери на шолји.

4. Исушете ја шолјата. Оставете ја шолјата да се исуши неколку часа или пак една ноќ, пред да ја ставите во рерна. Доколку сакате да бидете сигурни дека бојата нема да излезе со миење, повторете ја постапката на цртање. Ако го правите ова, пред да ја ставите да се пече, оставете ја шолјата повторно да се исуши.

5. Ставете ја шолјата да се пече. Печете ја шолјата во рерна околу 30 минути на температура од 180°C. Внимавајте на тоа шолјата да ја ставите во рерна пред таа да се загрее и да ја оставите додека не се олади целосно, за да не се појават пукнатини. Исто како со цртањето и овде можете да ја повторите постапката на печење, за да бидете сигурни дека цртежите подолго ќе се задржат на вашата шолја.

6. Грижа и миење. Мијте ја шолјата рачно наместо да ја ставaте во машината за миење садови, затоа што таа може да го уништи дизајнот.

Некои би советувале користење на акрилен спреј за запечатување на цртежот со цел да се заштити бојата од уништување. Но, спрејот може да биде токсичен, па доколку посегнувате по овој чекор, тогаш бидете внимателни тој да не навлезе во внатрешната страна на вашата шолја.

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар