Куса историја на пирсингот

Куса историја на пирсингот

Пирсинг-културата е позната уште од древни времиња. Првите податоци за неа датираат 4.000-5.000 години пред нашата ера. Од тој период е пронајдена мумија со пирс на увото. Пирсингот на носот пак, за првпат се споменува во Библијата. Според Стариот завет, украсувањето на телото се сметало како знак за убавина и за богатство, особено кога станува збор за бедуинските и за номадските племиња.

Еден од најчестите пирсови меѓу примитивните народи е оној на ‘рскавицата помеѓу ноздрите. Тој преовладувал во воените култури, најверојатно за да изгледаат бестрашни пред непријателот, поради жестокиот изглед на лицето, кој го дава овој детаљ.

Куса историја на пирсингот

Како знак за мажественост и за храброст пирсот бил практикуван и меѓу римските војници. Тие ги дупчеле брадавиците на градите, за да покажат сила, издржливост и почит кон Цезар. Наводно таков украс на телото имал и самиот Цезар.

Сепак, низ историјата, најголем мотив за пирсинг биле религиозни убедувања. Египетските фараони носеле обетки на папокот, што претставувало еден вид ритуално преминување од животот на земјата во таканаречениот друг свет.

И пирсингот на јазикот бил дел од религиозните ритуали на високите свештеници кај Маите, Ацтеките и Шаманите во Централна Америка, како и на некои племиња од Северна Америка. Тие ги дупчеле јазиците за да си пуштат крв. Верувале дека на тој начин ќе го привлечат вниманието на боговите и дека ќе комуницираат со нив.

Куса историја на пирсингот

Широко распространет бил и пирсот на увото. Го практикувале многу племиња. Тие верувале дека демоните и духовите можат да влезат во човечкото тело преку увото, но дека металот ги спречува. Затоа, за да се заштитат од лошите сили, тие ја започнале традицијата на пирсање.

И морепловците во времето на кралицата Елизабета, ги дупчеле ушите, но не од религиозни побуди, туку од практични причини. Тие носеле златни обетки. Целта била ако во случај на смрт телото им биде исфрлено на брегот, оној што ќе го пронајде, со вредноста на обетката да може да ги покрие трошоците за еден христијански погреб.

Куса историја на пирсингот

Подоцна, во Викторијанската ера модерен станал пирсингот на гениталиите. Необично, но тој ја потврдувал мудроста кај жените. Некои пак, го практикувале едноставно за зголемување на уживањето во сексот.

На крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години на 20-от век, пирсингот се појавува како форма на протест и на индивидуално самоизразување.

Денес пирсот е масовно прифатен, но како естетска компонента на телото, односно еден вид моден детаљ, особено присутен кај младите луѓе. Неговата популарност се зголемува за време на летните одмори. Подеднакво се практикува како пирсањето на папокот, така и на веѓите, јазикот, устата… Може да се забележи и кај голем број личности од јавниот живот, како спортисти, актери, музичари, па дури и кај некои политичари.

Куса историја на пирсингот

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

Остави коментар