Кому би верувале повеќе, на пријател или на непознат човек?

Според општествените очекувања, луѓето би требало да се однесуваат добро и да не ги повредуваат другите. Довербата и соработката се од големо значење за постигнувањето успех во општеството. Научникот Кели Кленси верува дека животот функционира според законот на преживување на најдруштвените. Не можеме да опстанеме само со ривалство, туку мора да формираме и врски со другите луѓе.

Кому би верувале повеќе, на пријател или на непознат човек?

Па, колкава е вашата доверба? Дали би му дозволиле на непознат човек да го позајми вашиот телефон во итен случај? Дали би им позјамиле пари на вашите пријатели ако не знаете дали ќе ви ги вратат? Дали некогаш сте се однесувале многу подобро со непознат човек отколку со вашите браќа и сестри?

Сигурно се прашувате како се гради довербата во пријателите и непознатите луѓе. Зошто на некои луѓе комплетно им веруваме, а во некои постојано се сомневаме? Дали довербата зависи од тоа колку долго се познаваме со некого?

Во 2016 година, Маркус Фрајтаг и Пол Бауер го објавиле нивното истражување со наслов „Карактерните особини и подготвеноста да им се верува на пријателите и странците“ (Personality Traits and the Propensity to Trust Friends and Strangers). Тие го испитувале карактерот на поединците, а не само надворешните влијанија и претходните искуства како фактори што влијаат на довербата. Фрајтаг и Бауер направиле јасна диференцијација на доверливите луѓе, поставувале реалистични и значајни прашања, побарале од испитаниците да ја одредат веројатноста на одредени настани со помош на бројки и го дефинирале карактерот на испитаниците со помош на 5-те главни карактерни особини (соработливост, отвореност кон нови искуства, екстровертност, совесност и невротизам-емоционална стабилност). Тие исто така ги земале предвид полот и возраста на учесниците во истражувањето.

Биле испитани 1.157 возрасни луѓе од Швајцарија одбрани по случаен избор. Тие биле интервјуирани преку компјутер или телефон и им биле поставувани прашања од типот: „Ве молиме замислете си скала на веројатност од 0 до 100%. 0% значи дека одреден настан со сигурност ќе се случи. Замислете си дека сте го изгубиле паричникот заедно со личната карта и 200 швајцарски франци. На скала од 0 до 100%, колкава е веројатноста дека паричникот ќе ви биде вратен ако го најде ваш пријател и ако го најде странец кој не го познавате?“

Па, од што точно зависи нашата проценка? Резултатите од истражувањето покажале дека луѓето повеќе им веруваат на странците отколку на нивните пријатели. Зошто е тоа така? Тоа е така затоа што учиме од грешките. Кога луѓето познаваат некого, тие донесуваат одлуки врз основа на историјата што ја имаат со таа личност. Кога станува збор за непознат човек, луѓето немаат од каде да извлечат информации, па нивната проценка е одраз на нивниот карактер.

Кому би верувале повеќе, на пријател или на непознат човек?

Истражувањето покажало дека луѓето кои се совесни и отворени повеќе им веруваат на непознатите и на пријателите, но соработливоста игра најголема улога кога станува збор за верување на странци. Ако сте соработливи, односно секогаш ја гледате добрата страна кај луѓето, не се сомневате во нивните намери, отворени сте за соработка, топли сте, добродушни и одбегнувате конфликти, тогаш секогаш ќе го очекувате најдоброто од останатите.

„Нашето истражување покажа дека довербата во странци зависи од карактерните особини, бидејќи кога немаме никакви информации за некој човек, нашата проценка се заснова на нашиот карактер. Ако веруваме во тоа дека карактерните особини се генетски наследни до одреден степен и дека влијаат на тоа колку му веруваме некому, тоа значи дека и довербата е наследна до одреден степен“, напишале истражувачите.

Фрајтаг и Бауер сепак признале дека не смее да се потценува влијанието на образованието, меѓучовечките односи и нашата доверба во институциите. Некои претходни истражувања покажале дека довербата е поврзана со корупцијата и криминалот , што докажува дека надворешните фактори имаат силно влијание на нивото на доверба. Во секој случај, потребни се уште подетални истражувања за да се одредат точните фактори што влијаат на довербата.

Ставете се себеси во следнава ситуација: Непознат човек ви бара 500 денари на заем и ви гарантира дека ќе ви ги врати наредниот ден. Истовремено и ваш пријател ви бара исто толкава сума на пари, но знаете дека постои голема веројатност дека нема да ви ги врати назад, бидејќи тоа веќе ви се има случено во минатото. Кому попрво би ги позајмиле парите?

Во продолжение прочитајте ги следниве цитати што ќе ви докажат дека ниту една врска не може да опстане доколку не се заснова на доверба.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар