Книга: „Жалба“ - Џон Гришам

Книга: „Жалба“ – Џон Гришам

Книга за мрачниот и корумпиран свет кој постои зад луксузната маска на големите корпорации, за вредноста на човечкиот живот и правдата до која сè потешко се доаѓа

Наслов на оригиналот: The appeal – John Grisham 

Книга: Жалба - Џон ГришамПред да стане еден од најпознатите автори на правни трилери во светот, Џон Гришам работел во мала адвокатска канцеларија во Мисисипи и балансирал помеѓу неговата работа и неговото хоби – пишувањето книги. Дипломирал на правниот факултет при Универзитетот во Мисисипи во 1981 година, специјализирал во областа на кривичното право, а во 1983 е избран во Претставничкиот дом на САД каде што служел до 1990 година.

Неговата прва книга „Време за убивање“ (Time to kill), како и поголем дел од неговите книги, е инспирирана од вистинска приказна. Самиот Гришам за Њујорк Тајмс има изјавено дека со неа започнала неговата успешна приказна иако всушност самата книга е базирана на тешко судење на коешто Гришам случајно присуствувал. Тој го слушал трогателното сведочење на 12-годишно девојче кое било силувано и тепано, па почнал да размислува што би се случило и како би се развивала приказната доколку нејзиниот татко се реши да се одмазди за неправдата и го убие сторителот. На книгата работел три години, станувајќи во 5 часот наутро за да украде некој час пред да оди на работа.

„Време за убивање“ првично не доживеала значаен успех, но дури со неговото второ дело „Фирмата“, Гришам се издигнува преку ноќ, продавајќи ги правата за филм на „Paramount Pictures“, а самата книга се задржува цели 47 недели на врвот на листата на бестселери на Њујорк Тајмс.

Од 1988 година кога за првпат е издадено неговото првенче Гришам пишува по една книга годишно и сите до една се интернационални бестселери. Моментално постојат повеќе од 275 милиони копии од неговите дела ширум светот кои се преведени на повеќе од 40 јазици. „Жалба“ е неговата 21-ва книга.Книга: Жалба - Џон Гришам

Синопсис

Што друго може да држи купче луѓе во неизвесност и страв како едно големо и долго судење чијашто пресуда треба да биде донесена во секој момент? Главните играчи во овој возбудлив трилер ги запознаваме додека очекуваат одлука на поротата за случајот против корпорацијата Крејн Хемикал обвинета за испуштање канцерогени хемикалии во околината на малото гратче Боумор. Од едната страна ги имаме претставниците на напатениот град – „Канцер-околијата“ како што новинарите милуваат да го нарекуваат, брачниот пар адвокати Вес и Мери Грејс Пејтон, а од другата страна го имаме Карл Трудо, мултимилијардер и сопственик на Крејн Хемикал, истовремено бескурпулозен, но успешен бизнисмен.

Кога поротата суди во корист на жената која ја застапуваат сопружниците Пејтон, чии сопруг и син починале од рак предизвикан од хемикалиите на корпорацијата, Крејн Хемикалс доживуваат легендарен пораз. Пресудата гласи 3 милиони долари за реална штета и 38 милиони долари казна и вкупно земено тоа е цифра што Крејн Хемикалс сепак може да ја поднесе, во случај секако кога акциите не би доживеле катастрофален пад. Карл Трудо е запишан во историјата како човекот чија компанија изгубила 1,1 милијарди долари во еден ден.Книга: Жалба - Џон ГришамСето ова звучи како добра завршница на еден трилер, само што во ова ремек дело на Гришам тука започнуваат вистинските интриги и сплетки. Карл Трудо е решен да не даде ниту еден цент на луѓето чии животи толку небрежно ги има уништено без разлика на цената што треба да ја плати на останатите типови како него кои треба да му помогнат да се издигне од пропаста. Иронично нели? Она што следи е возбудлива приказна за американскиот правосуден систем, огромните корпорации кои ги држат конците и границите кои се спремни да ги поместат во име на парите.

Лична критика

Морам да признаам дека книгите на Џон Гришам ми се неистражена територија, но верувам дека тоа најмногу се должи на фактот што првата која ја прочитав беше „Да го избегнеш Божиќ“ и долго време остана единствена. Не дека книгата беше лоша туку тогаш не сфатив дека тоа не е типичниот жанр на Гришам и секогаш го асоцирав неговото име со лесни дела кои ги читаш за време на празници и не сакаш премногу да се заморуваш. Среќа, подоцна бев просветлена и овој одличен трилер падна во мои раце.

Кога слушаме за големите корпорации тоа обично е врзано за огромни зделки, незамисливи пари, донации до не толку среќните луѓе и секако луксузниот живот на висока нога за кој сите ние обичните смртници сонуваме. Но одвреме-навреме, имињата на овие гиганти ги среќаваме на насловните страници ширум светот вплеткани во разни интриги, тужби и скандали, па книга посветена на сурова корпорација која губи огромна сума пари поради судски процес со малечко гратче не може, а да не нè заинтригира.

Во суштина, книгите на Гришам се базирани на вистински приказни и не е ништо ново да слушнеме дека на кожните фотелји поважни им се парите отколку човечките животи. Она што ја прави книгата интересна не е толку основата на тужбата, колку подоцнежните обиди и сплетки коишто Крејн Хемикалс е спремен да ги направи за да се задржи до зелените доларчиња. Затоа што кога името ти е извалкано, кога си директно одговорен за смртта на 17 луѓе, болестите на многу други и уништувањето на еден цел град, сè што ти останува е да мислиш на парите кои во никој случај не треба да завршат кај нив, нели?

Добрите правни трилери се обично напнати, комплицирани и возбудливи до крај а „Жалба“ е и повеќе од тоа. Бројните информации, ликови и вештото префрлање на Гришам од сцена во сцена нема да ви го олесни читањето, но со сигурност ќе направи да уживате.Книга: Жалба - Џон Гришам


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар