Книга: „Рингишпил“ – Јелена Бачиќ Алимпиќ

„Нејзините движења се поелегантни и посуптилни од секоја нота. А нејзиното тело е синоним за страст и убавина. Елеганцијата, лирското изразување, емоциите и грациозноста се соединуваат во едно име: Ана Балит“.

Книга: „Рингишпил“ – Јелена Бачиќ АлимпиќВи претставувам книга која ќе ве трогне, буквално ќе ве помести од место, ќе ве натера да се соживеете со животот на една од најголемите балерини на сите времиња, примабалерината Ана Балит. Доколку веќе сте ја прочитале, сигурно и вие, исто како јас, пробувате да ги складирате сите спомени од оваа книга за ни еден момент од животот на грандиозната Ана да не ви се излизне од сеќавањата. Доколку, пак, не сте ја прочитале, сигурно сте чуле еден куп позитивни препораки. Ве предупредувам, ако сте во потрага по негативна критика за оваа книга, со мојава рецензија нема да го задоволам вашето барање. Напротив, можам само да ве убедам што поскоро да посвоите еден примерок за вашата домашна библиотека.

Мајката на Ана Балит станува свесна дека нејзиното малечко девојче не е родено за да игра во калта на селскиот имот, туку за да ги освојува светските балетски сцени. Ленка го препознава талентот со кој Ана е дарувана, како и нејзиното интересирање за класичната музика. Бидејќи таткото на Ана, Стеван, никогаш не би дозволил таа да си замине од салашот, пред да зазори новиот ден во далечната 1938, Ана Балит водена од храбрата рака на нејзината мајка, тајно го напушта родното место и ита кон иднината.

На моменти Ленка чувствува грижа на совест бидејќи ќерка си ја одвоила од нејзиниот татко и од шарениот рингишпил на баба ѝ Дара, дека нејзиното безгрижно детство го претворила во амбициозни часови во балетското студио на поранешната примабалерина Клара, во Белград. Но со тек на време, Ана потврдува дека вербата која Ленка ја имала во ќерка си не била залудна. Таа заминува да живее во Москва и работи во познатиот „Бољшој театар“ каде секојдневно мами воздишки кај својата публика и ги освојува срцата на сите вистински љубители на уметноста.Книга: „Рингишпил“ – Јелена Бачиќ АлимпиќАна Балит за брзо станува прочуено име и почитувана примабалерина. Како воопшто да не ја допира земјата, таа со своите елегантни движења ја раскажува својата животна приказна, ги пренесува своите чувства и емоции, ги изразува болката, тагата, загубата, но пред сè големата и никогаш непреболена љубов кон Сергеј Павлович.

Целата приказна е раскажана низ спомени и слики на старата и болна Ана Балит, која во болничката соба со бели ѕидови, своите бадемести очи ги насочила кон таванот и спокојно пред да го напушти овој свет сака да си спомне за нејзиниот животен пат. Приказната на некој начин е интимна исповед за животот на балерината. Животот воопшто не ја штедел, па затоа на нејзиното убаво лице се испишани загубата и чувството на непребол. Иако успешна и богата, во животот на Ана постојано се редат несреќи и загуби. Лежејќи во студената болничка соба која мириса на смрт, Ана сè уште не може да си прости за ужасната и кобна одлука од нејзината младост…

Оваа книга ја читав со солзи во очите и со постојано чувство дека ми лазат морници по телото. Не ви препорачувам само да ја прочитате, туку и да ја купите, да ја имате во својот дом и да ја почитате повеќе од еднаш. Како што ми прелетуваа страниците под прсти, јас станував дел од животот на Ана Балит, ја гледав како се вози на рингишпилот, како расте во прекрасна млада жена со густа коса и јадри бадемести очи, како ја доживува својата прва љубов, како ја освојува публиката и игра како да ќе нема утре, како се враќа во Белград… го слушав нејзиниот елегантен од по калдрмата обложена со есенско лисје и со опоен мирис на слатко од дуњи. Топло ви препорачувам да станете дел од оваа приказна и да го научите главното што авторката сака да ни го пренесе, дека животот е како голем разигран рингишпил, кој без разлика колку и да се врти, секогаш ќе се врати на појдовната точка…

Оваа книга е потпишана од српска авторка, и не дека сакам да звучам строго или осудувачки, но време беше некој да ми го промени мислењето за српскиот јазик и култура, кој низ годините сè повеќе го поврзував со плитки и глупави турбо фолк стихови од кои ти доаѓа да сакаш да си наштетиш себеси. Ова го прочитав на корицата од книгата, но сега можам и да го потврдам, да, Ана Балит го заслужува местото покрај Ана Каренина.

„Налик на сјаен, блескотен рингишпил со божилачни бои, облеан од сонцето, се менуваа годишните времиња на нејзиниот живот, боите се разлеваа како налудничави трепети на четката по сликарското платно, а живите слики, зборовите, погледите и настаните се прелеваа во една слика, слика на весел рингишпил во подножјето на ридот, во еден салаш, под гранките на стариот костен. Музиката го исполнуваше просторот околу него, чудесна, прекрасна, истовремено нежна и очајна. Наместо коњчето со украсните реси, патиките, филџаните за чај и аутата, очите на Ана грчевито ги впиваа сите лица од нејзината приказна…“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. me Reply

    pa i ne e tolku dobra knigava…

  2. Bibi Reply

    eve od kade ja ukrala idejata za knigata “Granny Den” Danielle Steel
    http://www.amazon.com/Granny-Dan-Danielle-Steel/dp/0440224829

    • Boki Reply

      Znaci nema vrska, koja e slicnosta? Samo zatoa sto i dvete se balerini? Ako taka odreduvas ukradena ideja togas nema nesto sto e originalno.

      • Bibi Reply

        Procitaj ja knigata pa ke se uveris deka sum vo pravo, ima premnogu slicnosti, za zal i jas se razocarav.

  3. Iva Reply

    Cela sodrzina ja kopirala od Granny Dan, ne deka stanuva zbor samo za balerini, procitajte ja i sami sporedete :)

  4. Marija Reply

    Knigata e odlicna toplo ja preporacuvam na site koi ja nemaat procitano…

  5. Kristina.. Reply

    Ponekogas dali nekoja kniga e dobra ili ne, ne govori samo samata prikazna, tuku i nacinot na koj e raskazana prikaznata. Duri i da postojat slicnosti pomegu dve prikazni, stilot so koj tie prikazni se preneseni e sekogas razlicen i unikaten i toj zavisi od samiot avtor. Duri i da ima slicnosti so drugi knigi, sekoja kniga si nosi nesto unikatno vo sebe, a toa e kako pisatelot gi prenesuva svoite misli do citatelite.

Остави коментар