Книга: „Правилото на четворката“ - Јан Колдвел и Дастин Томасон

Книга: „Правилото на четворката“ – Јан Колдвел и Дастин Томасон

Од италијанска ренесанса до студентскиот живот на четворица пријатели опседнати со мистеријата зад кодираната книга чија тајна ќе биде сè потешко да ја откријат, но и да ја заштитат

После Ден Браун надежните писатели низ светот како да открија успешен рецепт за бестселер – ренесансна уметност и наука, кодирани слики и книги и ликови опседнати со откривање тајни и решавање мистерии. Но, иако овој трилер го има сето ова во комбинација, нефер би била споредбата со бестселерите на Ден Браун затоа што љубителите на мистериите ќе се согласат дека е доволно добар и сам по себе.

Книгата е напишана во 2004 година од страна на младите, тогаш дипломирани Јан Колдвел и Дастин Томасон, а приказната се врти околу четворица пријатели опседнати со решавање на мистеријата околу познатата кодираната книга Hypnerotomachia Poliphili која во себе несомнено држи многу тајни поврзани со италијанската ренесансна уметност и наука.Правилото на четворката - Јан Колдвел и Дастин ТомасонТом, еден од главните ликови и раскажувачот на приказната воедно, ја „наследува“ опседнатоста со книгата од неговиот татко кој бил професор и експерт токму за мистериозното дело. Сведок на тоа како фасцинираноста од книгата го одвојува неговиот татко од мајка му, постојано се бори помеѓу желбата да ја открие тајната и стравот од тоа дека ќе му го уништи животот. За среќа, опседнатоста ја дели со неговиот другар Пол, одличен студент кој четирите години на факултет ги посветил на изучување на книгата и на неа ја базира својата дипломска работа. Во целата приказна свој удел имаат и Чарли и Гил, пријатели кои ќе ги придружуваат во истражувањето.

Како што се ближи крајот на нивните студии, Том и Пол сфаќаат дека се далеку од откривање на тајната постара од 500 години која толку ги опседнала, но благодарение на книгата која ја напишал татко му на Том пред неговата смрт, момците пронаоѓаат писмо – клуч кој им отвора сосема нови прашања, но им нуди и нови одговори. Секако, еден трилер не би бил добар трилер ако четворката не би се соочила со лошите момци. Всушност, она што се крие зад кодовите на Hypnerotomachia Poliphili е далеку поголемо и поважно од она што пријателите можат да го замислат. Приказната често се навраќа на животите на „позадинските“ ликови, оние кои биле директно вклучени во историјата на кодираната книга и сфаќате дека се работи за повеќе од само млади студенти желни за решавање мистерии.

Кој бил Франческо Колона и што толку важно крие неговото дело напишано на неколку јазици и во математички кодови истовремено?

Морам да признаам дека на моменти се чувствува младоста, а до некаде и претенциозноста на писателите кои „само што излегле од факултет“. Иако ликовите се добро изградени, не се врзувате премногу со нив, но сепак сакате да останете докрај со нив во откривањето на тајната. Она што може да ги разочара некои од читателите е фактот што решавањето на проблемите, мистериите и кодовите не се случува директно пред „ваши очи“. За разлика од мајсторите на фикциите, меѓу кои ете повторно ќе го спомнам Ден Браун, кои со своето живо раскажување и оригиналност ве тераат буквално да ги решавате кодовите во глава заедно со нив, тука решението го добивате одненадеж откако некој од ликовите го открил сам. Ми се допадна крајот на книгата и како момците успеале да стигнат до нешто навистина оригинално без да го остават читателот да виси на работ.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар