Книга: „Некој како тебе“ – Сара Десен

Книга: „Некој како тебе“ – Сара Десен

Вистинското пријателство е ветување кое го одржуваш засекогаш…

Наслов на оригиналот: Someone like you – Sarah Dessen

Книга: „Некој како тебе“ – Сара ДесенОткако бев пријатно изненадена од книгата „Препушти се“, која разведри нешто што изгледаше дека ќе биде здодевен викенд, решив да побарам и нешто друго од Сара Десен. Таа навистина знае како креативно да ја пренесе својата мисла, а особено е добра во раскажувањето детали за тинејџерскиот живот.

„Од сите книги кои ги имам напишано, морам да кажам дека ‘Некој како тебе’ има најмногубројни фанови. Иако почетокот не беше баш најдобар, задоволна сум како луѓето продолжија да реагираат на приказната за Хали и Скарлет“. Десен исто така открива дека книгата е посветена на Бјанка, нејзината пријателка од средно.
 

Синопсис

Хали и Скарлет се најдобри другарки уште од детството. Скарлет секогаш била похрабра, поотворена и поснаодлива, додека Хали на некој начин стоела во нејзината сенка. Но летото пред нивната завршна година од средно, нивните улоги ќе се променат. Момчето на Скарлет, Мајкл, го губи животот во трагична сообраќајна несреќа. Откако Скарлет ќе открие дека го носи неговото бебе и ќе реши да го задржи, Хали мора да биде храбрата потпора на својата пријателка.

Во меѓувреме Хали започнува врска со Мејкон Фокнер, другарот на Мајкл. Мејкон е типично таинствено лошо момче, кое на некој начин ја менува Хали. Иако сака да го задржи покрај себе, Хали многу често чувствува тежина поради неговата таинственост и тоа почнува да ѝ пречи.

Дали Хали и Скарлет ќе бидат доволно силни за да ги издржат предизвиците кои се пред нив? Дали тие една на друга си се доволни за да ги пребродат тешките моменти?
 

„Постојат извесни нешта на овој свет на кои секогаш можете да сметате, како кога се обложувате на сигурно, а кога тие ќе ве изневерат, напуштајќи го местото на кое сте ги засолнале, тоа значајно ја потресува вашата верба, како и почвата под вашите нозе“.

Книга: „Некој како тебе“ – Сара Десен

Лична критика

Доколку погледнете во базичната тема на книгата, станува збор за тинејџерска бременост – не баш ретка појава и исто така неретко е тема на многу книги и трудови. Но, Десен знае и од најобична тема да развие едно такво раскажување кое ќе ги привлече читателите и можеби дури и несвесно ќе им одржи една добра лекција за животот. Книгата можеби не ме фасцинираше, но во секој случај искрено би им ја препорачала на тинејџерките, бидејќи опфаќа многу аспекти од тинејџерството.

Како што веќе кажав, книгата ги содржи основните проблеми кои се јавуваат или може да се јават за време на тинејџерскиот период во животот на една девојка. Предизвиците на едно пријателство, врската со лошо момче кое ја носи девојката од невин детски свет во светот на возрасните, и секако, односот на тинејџерите со нивните родители. Особено ми остави впечаток односот на Хали со нејзината мајка, и тоа како нејзината мајка го поднесува преминувањето на Хали во светот на возрасните. Искрено мислам дека е добра и поучна приказна за помладите, така што, топло ја препорачувам.
 

„Ги заслужувам сите оние ‘те сакам’ и плодовите од киви и цвеќето и воините исполнети со љубов кои ќе тропнат на мојата врата. Ги заслужувам фотографиите од своето лице со милион различни изрази и со топлината која ја предизвикува клоцањето на моето бебе под мојата рака. Имав право да созреам, да се менувам, да се преобразувам во сите оние девојки во каква што можев да се развивам во текот на животот, од кои секоја беше подобра од претходната“.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. nina Reply

    Каде може да се најде книгава?

    • Ели Радеска Reply

      Нина, книгава лесно можеш да ја најдеш во библиотеките ширум Македонија, претежно ја имаат. Инаку ако сакаш да си ја купиш, ја има во Матица.

  2. лефт. Reply

    ги има сите книги од Сара Десен преведени на македонски ? во моментот ја читам “Некој како тебе“ 🙂

    поздрав.

    • Ели Радеска Reply

      Не сум сигурна колку од нејзините книги имаат македонски превод, но ако ти се допаѓа нејзиниот стил на пишување можеш да ја побараш „Препушти се“. http://www.kafepauza.mk/zanimlivosti/prepushti-se-sara-desen/ 🙂

      • лефт. Reply

        ви благодарам :)стилот не е баш нешто ама интересно е одвивањето на приказната.

Напиши одговор на лефт. Откажи одговор