Книга: „На пат“ – Џек Керуак

Феноменална новела на Џек Керуак за едно необично патешествие, за луѓето со нескротлива енергија и боемски живот каков што можат да имаат само писателите.

Наслов на оригиналот: On the road – Jack Keruac

(1) На пат - Џек КеруакЏек Керуак е американски писател и поет (1922-1969) чија новела „На пат“ е прогласена за една од 100-те најдобри книги на 20-тиот век. Роден е во Ловел, Масачусетс, град познат по невработеноста и бедата во тој период, но во стабилно семејство кое му овозможило нормално детство. Невиноста во тие безгрижни години е нарушена кога неговиот брат умира од треска, и неговото семејство се повлекува посветувајќи се на религијата. Во неговите книги често може да се забележи влијанието на тој период особено мисите во црква кои очигледно станале важен дел од секојдневието на неговото семејство. Во меѓувреме финансиската состојба драстично се влошува, неговиот татко станува алкохоличар и ја губи работата, па Џек морал сам да го издржува семејството. Бил одличен фудбалер кој во слободно време се посветувал на читањето, но сепак својата иднина ја гледал во спортската кариера. Добил фудбалска стипендија за на колеџот Колумбија и се преселил во Њујорк каде за првпат ја почувствувал вистинската слобода и „екстатичната радост на постоењето“.

Токму во овој период Керуак се вљубува во џез музиката и многумина сметаат дека тука започнува неговата страст кон „бит генерацијата“ (beat generation), патувањата и боемскиот живот. Фудбалската кариера трае кратко благодарение на повредата со која се стекнува уште во првата сезона, па Керуак како вистински боем го напушта факултетот и бесцелно талка низ животот. Всушност, помеѓу ситните работи на бензински станици и разните луѓе кои ги запознава, ова е времето кога Керуак сериозно започнува да се занимава со пишување и времето кога ги запознава Ален Гинсберг и Вилијам Бороус кои подоцна ќе станат негова главна инспирација. Овие тројца пријатели се практично основачи на „бит генерацијата“ – млади, изгубени и несопирливи духови кои ќе станат вистински претставници на своето време. Останатото е историја.На пат - Џек Керуак

Синопсис

Во 1947 година нескротливиот и луд Дин Моријарти кој штотуку бил отпуштен од поправен дом во Њујорк се запознава со Сал Парадајс и неговата група пријатели кои многу брзо го прифаќаат во својот мал круг на интелектуалци. Сал е воодушевен од Дин, неговите погледи кон животот и неговата храброст да замине и без скршена пара да го прошета светот. Инспириран од хаотичната енергија на неговиот нов пријател и делумно поради писателската блокада со која се соочува, Сал се решава да тргне на пат кон Денвер, патување кое нуди фантастична, уникатна приказна која може да ја пренесе само човек со неверојатно животно искуство. Преку деновите поминати по суровите патишта, до конечната средба во Денвер, лудите ноќи, девојките, алкохолот, дрогата и секако „сиот тој џез“, па сè до сончевата Калифорнија за повторно да се вратат на патиштата, оваа книга е неверојатен спој од авантура, драма и историја.

Книгата е базирана на патувањата на Сал Парадајз (алтер его на Џек Керуак) заедно со неговите пријатели – нескротливите Дин Моријарти и Карло Маркс. Низ четирите дела лудо возење, Керуак кристално ја доловува филозофијата на неговата генерација и време.„ На пат“ е книга за млади момци кои упорно ја бараат смислата на своето постоење, неретко наоѓајќи ја на најнеочекуваните и нетипични места, за потоа повторно да бидат фрлени на прашливиот пат.

„Кога се разбудив сонцето веќе беше зацрвенето, и тоа беше еден исклучителен миг во мојот живот, најчудниот момент од сите, кога не знаев кој сум – бев далеку од дома, проколнат и уморен од патот, во евтина хотелска соба каква што никогаш не бев видел, слушајќи го шуштежот на пареата однадвор и чкрипењето на старата хотелска дрвенарија, и чекорите одозгора и сите тажни звуци, и гледав немо во високиот напукнат таван и тие петнаесетина чудни секунди навистина не знаев кој сум. Не бев уплашен, бев едноставно некој друг, некој странец а целиот мој живот беше проколнат живот, живот на дух.“

На пат - Џек Керуак

Бонус инфо: Постои филмска адаптација на книгата, со Сем Рајли, Гарет Хедлунд и Кристен Стјуарт во главните улоги.

Лична критика

Книгата е парче историја, толку важна, уникатна, непроценлива и богата што практично остава без здив и простор за каква било критика. Ги одбележува доцните 40-ти години во Америка и ретко која друга книга би ви овозможила таков „времеплов“ и би ви создала носталгија за време за кое имате само блага идеја како изгледало. На моменти посакував да сум таму и тогаш, слободна и непредвидлива како Дин Моријарти додека веќе во наредниот миг се чувствував размазено затоа што знаев дека никогаш не би го преживеала патот на Сал Парадајз.

Џек Керуак има прекрасен стил на пишување, див и романтичен, прост и високо интелектуален истовремено, баш како и луѓето кои ги овековечува во својата новела. Се потсетив на мојот омилен Холден Колфилд и како ме тераше да се чувствувам во тие бунтовни тинејџерски години кога беше мој идол. Сал Парадајз го направи истото за мене сега, и бескрајно сум среќна што повторно се фатив себеси изгубена во друго време, со необично друштво и феноменална музика. За крај, мојата омилена:

„… зашто единствените вистински луѓе за мене се лудаците, оние кои се доволно луди да живеат, луди да зборуваат, луди да бидат спасени, желни за сè во исто време, оние кои никогаш не зеваат ниту кажуваат општи места, туку горат, горат, горат како спектакуларна огнометна ракета што експлодира налик пајак преку ѕвездите, а во средината може да се види татнежот на сината централна светлина, кога човек мора да каже.. Аууу!“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар