Книга: „Момчето во пижами на риги“ - Џон Бојн

Книга: „Момчето во пижами на риги“ – Џон Бојн

Трогателна приказна за пријателството, љубовта и подадената рака сред лудило од бесчувствителност, скаменети срца и изгубени души

Наслов на оригиналот: „The boy in the striped pajamas“ – John Boyne

Момчето во пижами на риги - Џон БојнЏон Бојн е роден во Даблин, Ирска и има студирано англиска литература на Тринити колеџ. Започнал со пишување на кратки раскази, кои до денес имаат достигнато завидна бројка од околу 70 и има напишано 12 новели меѓу кои 4 наменети за помладата публика.

Во 2006 година излегува „Момчето во пижами на риги“ којашто го сместува во рангот на најценетите автори и воедно најнаградувани. Книгата има добиено две ирски награди, бројни интернационални награди, помина неверојатни 80 недели како број 1 книга во Ирска освојувајќи го исто така и врвот на листата на Њујорк Тајмс Бестселери. „Момчето во пижами на риги“ две години (2007 и 2008) по ред е најпродавана книга во Шпанија, а во светски рамки достигнува продажба од над 5 милиони копии. Преведена е на 46 јазици, а во 2008 година излезе и филмската адаптација на книгата во продукција на Мирамакс.Момчето во пижами на риги - Џон Бојн

Синопсис

Бруно е деветгодишно љубопитно момче кое ги поминува своите безгрижни денови играјќи со своите тројца најдобри другари, расправајќи се со својата постара сестра Гретел, која според него e „безнадежен случај“, и откривајќи нови агли во неговата огромна куќа на 5 ката во Берлин. Но, животот како што дотогаш го познава мора да го напушти и да се пресели во нов дом благодарение на работата на неговиот татко, којашто е многу важна за неговата земја, бидејќи татко му е командант и мора да го слуша Фуријата кој му дал многу важна задача.

Новата куќа ни оддалеку не е толку интересна како таа во Берлин, ги нема неговите пријатели, нема со кого да си игра ниту пак каде да истражува, но Бруно за кратко време наоѓа нешто што никогаш не очекувал дека ќе го пронајде – мал, слаб пријател во пижами на риги којшто живее зад оградата. Новиот пријател исто така има девет години и што е најинтересно, роден е на истиот ден како Бруно. Кога световите на двете момченца ќе се спојат, и двајцата наоѓаат еден нов и интересен начин како да ги исполнат осамените денови, ѕиркајќи по малку во животите кои толку многу се разликуваат.

Низ наивните разговори и детските размислувања сфаќате дека Бруно никогаш вистински не разбира што се случува зад оградата, никогаш не разбира дека модринки можат да се добијат и на друг начин освен да се падне од велосипед, никогаш не разбира како може некој само еднаш да јадел чоколадо во својот живот, а уште помалку разбира зошто стотици деца би живееле на едно место, во една „фарма“ и никогаш не би играле.

Но без разлика на сето она што не го разбира целосно и на чудните „навики“ на неговиот нов пријател, како на пример никогаш да не се бања, Бруно е сигурен во едно нешто – тој ќе биде тука секогаш за момчето во пижами на пруги, па макар и самиот еднаш да ги облече.Момчето во пижами на риги - Џон Бојн

Лична критика

Ова е книга за помладата популација, барем така вели авторот, а и според стилот на пишување, лесен, наивен и на моменти комичен, сите би се согласиле со истото. И најверојатно, токму неверојатната вештина толку страшни и грозоморни настани да се сместат во главата на едно деветгодишно момче и да се пренесат преку неговите очи и мисли, ја прави толку трогателна и толку добра.

Книгите посветени на најстрашниот и најсуровиот дел од историјата на човештвото знаат да бидат вистинско измачување за читателот, поради болните сцени, најчесто нецензурирани кои со денови знаат да ја гризат свеста. Но тука болката е во некоја друга димензија, маглива дури неосетна сè додека не те здоболи и погоди со некоја навидум наивна детска мисла.

Жал ми е што претходно ја немав прочитано книгава, затоа што можам најискрено да кажам дека е едно уникатно дело заслужно за сето внимание и награди кои ги има добиено. Од едно нормално детство до еден ненормален дел од историјата, од дворот со цвеќиња до бодликавата жица, Џон Бојн ве носи на една авантура која за разлика од Бруно, знаете дека нема среќен крај. Само што крајот, да бидам искрена, никогаш не би го замислила баш таков. Феноменална приказна со завршеток кој ќе допре и до најзакоравените срца.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар