Книга: „Јога кучка“ – Сузан Морисон

Книга: „Јога кучка“ – Сузан Морисон

Што се случува кога 25-годишна девојка која ужива во кафе, алкохол и цигари, ќе реши да му се посвети на духовниот живот и да се пронајде себеси?

Книга: „Јога кучка“ – Сузан МорисонНаслов на оригиналот: Yoga Bitch – Suzanne Morrison

Книгата е автобиографска, напишана според дневникот на самата авторка Сузан Морисон. Таа заминува на двомесечен престој во Бали, по што би имала сертификат и дозвола за да може да предава јога. Но, тоа не е нејзината примарна цел. Сузан премногу ѝ се восхитува на својата инструкторка по јога – Индра, па нејзиното заминување во Бали може да се каже дека е со цел таа да стане како неа. Индра навидум има сè што Сузан би сакала да има, духовна и телесна поврзаност со својот партнер, пронаоѓање на самата себе и вистинска верба во Бог (па кој и да е нејзиниот Бог).

Но набргу по нејзиното пристигнување во Бали, Сузан станува свесна за начинот на живот на нејзините колеги и учители, слатките задоволства од кои ќе мора да се одрече, и „здравата“ навика која би требало да ја поприми – започнување на денот со голема шолја топла… урина. Нејзините колеги и учители веруваат дека сопствената урина е лек од сè што би можело да му наштети на организмот, како и дека кујнските апарати или предмети низ домот, како што се миксерот или метлата, можат да бидат опседнати од духови.

Така борбата на оваа млада жена во обидот да стигне поблиску до Бога, да се продухови и да се пронајде себеси, станува навистина тешка бидејќи таа ќе мора да се избори со својот скептицизам, цинизам, желбата за вино, чоколадо и цигари и најважно од сè – со своето големо его.

Сузан полека станува свесна дека нејзиното патување во Бали се случило и поради една друга причина која не исплива веднаш на површина – таа потајно е преплашена од големата промена која треба да се случи во нејзиниот живот. Од Сиетл таа се сели во Њујорк заедно со својот партнер Џона. Патувањето за Бали воглавно е двомесечно одлагање на овој голем чекор и обврска.
Книга: „Јога кучка“ – Сузан МорисонКнигата може да се разбере и како критика за типичното воспитување кое го налага католицизмот. Самата авторка е заглавена во еден парадокс, таа одлучила да не ѝ пристапи на религијата, но во текот на своето патување таа очајно сака да го пронајде Бог. Често се користи со изрази од типот „О, Исусе, Марија и Јосиф…“. Споменува дека некаде прочитала дека „ако не го обожуваш Бог, ќе најдеш нешто друго да обожуваш, како што се пари, моќ, или сопствениот одраз во огледало.“ А, од друга страна пак, своето неприфаќање на католицизмот го објаснува како „…имав доволно причини поради кои ми се гадеше од црквата. Нашиот парох беше вистинско копиле.“

Таа е револтирана поради тоа што во 20-ти век црквата направила таа да се чувствува како проколната, поради некој мит за Ева која го изела забранетото јаболко. „Ева изела јаболко во некоја приказна и вие сакате јас, која стојам тука во сини фармерки и маичка од групата Нирвана, да се чувствувам лошо поради тоа?“ Таа не ја прифаќа религијата од најраспространетите причини поради кои луѓето одлучуваат да го направат тоа – полова нееднаквост или свештеник на кого многу „Еви“ му ги нуделе своите „јаболка“.

Знаете дека постојат многу книги кои според корицата и насловот наликуваат на едно но се нешто сосема друго? Е во овој случај книгава е токму она што го очекувате, нема изненадувања, за неа не важи „не ја цени книгата според кориците“. Сузан е млада збунета девојка која не чувствува вистинска приврзаност кон својот партнер, се труди да ја одложи таа обврска на започнување заеднички живот, па затоа во глава ѝ се вртат мисли од типот на „пронајди го Бога“ или „пронајди се себеси“. На крајот од книгата нема да доживеете никакво откровение за религијата, ниту пак ќе ви биде обелоденете некаква догма. Испаѓа дека книгава е сепак романтична приказна, која многу доцна испливува на површина а во меѓувреме се раскажани еден куп комични настани.

Не дека не е добра или дека раскажувањето нема да ве забавува, напротив, ќе прснете од смеа. Само не земајте ја да ја читате, ако во моментот чувствувате потреба од длабока книга. Секоја глава започнува со различни цитати од големи умови и тоа се единствените длабоки мисли кои ќе ги сретнете во текот на читањето. Книгава е совршена за релаксирање на плажа или под сенка во вашиот двор со чаша ладна лимонада или кафе. Воедно е супер идеја за подарок за вашата другарка или колешка, за која знаете дека не чита длабоки книги или не сте сигурни кој жанр би ѝ се допаднал. Добра смеа, е она што ви го ветувам со сигурност.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Име Reply

    Kade moze da se kupi knigata?

    • Ели Радеска Reply

      Книгата може да ја најдете во книжарница „Три“, моменталната цена е 450 ден.

  2. Kristina Reply

    Retka kniga koja mi ostavila losh vpechatok 🙁

Напиши одговор на Име Откажи одговор