Книга: „Ексклузивна приказна“ – Ферн Мајклс

Опуштена приказна за четири откачени баби кои купуваат пропаднат весник и неволјите во кои успеваат да се вовлечат

Наслов на оригиналот: Exclusive – Fern Michaels

Ексклузивна приказна - Ферн Мајклс Ферн Мајклс е американска писателка и еден од најпродаваните автори на USA Today и New York Times, позната е по серијалите: „Сестринство“, „Кумите“, „Фамилијата Циско“ и „Тексас“, освојувајќи ги читателите со интересните, но не премногу тешки содржини и досетливиот стил на пишување. Всушност, ова лесно можете да го откриете од начинот на кој што раскажува за сопствениот живот кој на почетокот би ви звучел исто како на типична американска домаќинка, но за кратко сфаќате дека нема ништо типично поврзано со оваа интересна писателка.

Откако изгледала 5 деца и најмалечкото тргнало во градинка нејзиниот сопруг ја известил дека треба да „стане од нејзиниот задник“ и да си најде работа (буквално со овие зборови, барем сама така вели), а бидејќи немала никакво работно искуство освен она што е потребно да се биде посветена мајка и жена, се решила на единственото логично решение – да пишува книги. Секако, сопругот ја разуверувал дека никогаш нема да успее, па затоа денес повеќе не и е сопруг, а Ферн има напишано стотина книги!

И да, верува во духови и дури тврди дека со новата куќа си добила и нова „пријателка“ која ѝ ги разместува перниците од една соба во друга и ѝ ги крши шолјите за кафе кои не ѝ се допаѓаат. Има изградено и финансирано неколку дневни центри за деца и многу сака животни, всушност самата има 4 кучиња кои заедно со „пријателката“ ја дружат во нејзиниот дом во Јужна Каролина.

„Ексклузивна приказна“ е втора книга од серијалот „Кумите“.Ексклузивна приказна - Ферн Мајклс

Синопсис

Доколку барате тотално релаксирачка книга за четири луди пријателки кои имаат по скоро 70 години и живеат повозбудлив живот од вас самите, тогаш дефинитивно ова е книгата за вас. Не е премногу зачудувачки што книга за четири бабички започнува со погреб, но може да се каже дека е прилично интересен фактот што погребот е на осмиот маж на една од пријателките која не може ниту да дочека свештеникот да ја заврши молитвата и се мисли дали десетте дена жалење да ги смета со денот на погребот затоа што црната боја ја правела многу бледа и непривлечна. Всушност, на погребот не присуствува ниту една од трите пријателки затоа што не успеале да се видат цели 6 години, но благодарение на Интернетот и новогодишните честитки останале во контакт. Затоа нема да бидете премногу зачудени од следниот разговор:

„Сакам да ми дојдеш на гости, Мејвис. Ти отсекогаш си била таа со идеи. За колку време можеш да бидеш тука? Инаку, денеска го закопав Лиленд и потиштена сум.“

„Жалам Тутс. Не можам да си дозволам такво патување. Не можам да ја оставам Коко, кучката. Таа ми е единственото друштво овие денови. Жал ми е што починало твоето куче Лиленд. Не знаев дека имаш куче. Ужасно е кога ќе ти умре миленичето…“

Да, на ваков разговор ќе наидете во првите неколку страни, и погодете што? Ова навистина е само почетокот, всушност, да бидам искрена, книгата нема никаква врска со погребот! Како и да е, Тутс – главната бабичка во книгата, успева да ги собере пријателките и да ги убеди да ја спроведат нејзината брилијантна идеја на дело. Нејзината ќерка Аби која живее во Лос Анџелес и која пишува за локален таблоид има проблеми на работното место, весникот се продава, а „Тајфунот Тутс“ се решава ни повеќе ни помалку да стане новиот сопственик. Секако, заедно со трите пријателки и нејзината ќерка. Е, тука почнува хаосот од книга и сите сплетки во кои успеваат да се најдат.Ексклузивна приказна - Ферн Мајклс

Лична критика

После напнати трилери, корпорациски сплетки и разни мистерии бев решена да побарам нешто полабаво, ама да бидам искрена, мислам дека претерав. Книгата е далеку од мој жанр, но интересниот старт и смешните разговори меѓу лудите баби изгледаа како интересна занимација, па успеав да ја дочитам. Реалноста е, вакви книги има во изобилие, но очигледно има нешто во нив затоа што бројна публика просто ги обожува. Можете да ја отворите кога сте во поопуштено издание, кога едноставно не сакате премногу да ги напрегате вијугите и малку да се посмеете со досетките и идеите на четири бабички кои немаат попаметна работа.

Приказната во суштина е интересна, па дури и делува мотивирачки. Сериозно, кога четири жени во веќе поодминати години ќе се решат да купат пропаднат весник, тоа мора да делува позитивно на вашите ставови. Како што напредува содржината има доста интересни моменти кои ќе ве натераат да ја свртите наредната страница. Книгата нема да ве просветли и малку веројатно е дека ќе се навратите на неа повторно, но сигурно вреди да одвоите време и за неа и да се позабавувате со „кумите“.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар