Книга: „Еднаш во животот“ – Кети Кели

„Некаде пишуваше дека времето има две димензии: должината му е во ритамот на срцето, а широчината во ритамот на страста.“

Наслов на оригиналот: Once in a Lifetime – Cathy Kelly

Книга: „Еднаш во животот“ – Кети КелиКети Кели е ирска писателка која ќе ве привлече со топлината на своето раскажување. По тринаесетгодишната работа како новинарка, Кели почнува да пишува новели и кратки раскази кои многу брзо и лесно ја освојуваат публиката. Ја издава првата книга во 1997 година, а по првите две книги, во 2001 се повлекува од новинарството за да се посвети на кариерата како писателка.

Во септември 2009, нејзината книга „Еднаш во животот“ останува 3 последователни недели на врвот на најпродаваните дела во Обединетото кралство. Нејзините приказни изобилуваат со впечатливи ликови, добро раскажување, и секогаш пренесуваат силна порака.

Синопсис

Игрид Фицџералд е жена со успешна кариера, која ужива во нејзиниот совршен брак и љубовта кон двете чеда. Таа работи како презентерка, а нејзиното присуство придонесува да им се тресат нозете на политичарите. Иако е способна да извлече толку тајни од јавните личности, по смртта на нејзиниот сопруг Дејвид Кени, сопственик на познатата стоковна куќа, таа открива страшна тајна која долго била криена од неа. Не само што ќе мора да се соочи со толкава загуба, туку ќе треба да ја спаси стоковната куќа од банкрот, а воедно да се сноси со тајната која нејзиниот сопруг ја криел со години.Книга: „Еднаш во животот“ – Кети КелиНатали е една навистина посебна девојка, најдобра пријателка на Моли, ќерката на Ингрид. Таа цел живот пробува да се помири со фактот што не расте со својата биолошка мајка, за еден ден отворено да побара одговори на многу прашања. Натали ќе биде трогната од приказната за својата мајка, нејзиниот тажен живот, и силата која ја поседувала.

Чарли е прекрасна сопруга и мајка. Таа работи во стоковната куќа на Дејвид и многу го почитува. Но нејзината мајка ѝ претставува голем проблем. Арогантната Кити, секогаш ја става Чарли во сенка, посветувајќи ѝ многу повеќе внимание на својата постара ќерка. Но и таа има важна причина за ова нејзино однесување,тајна која на интересен начин ќе излезе на виделина.

Стар Блустоун живее сама и поседува магична моќ, па може лесно да се поврзе со луѓето, откривајќи ги нивните чувства. Таа е поранешна девојка на Дејвид. Стар е загатлива личност, на моменти толку кршлива и чувствителна, а некогаш силна како карпа.

 

Лична критика

Кети Кели е врвен раскажувач и преку оваа книга пренесува една топла приказна со која е лесно да се соживеете. Книгата има речиси 600 страници, но гарантирам дека ќе ви го задржи вниманието сè до самиот крај. Просто едвај чекав да ја дочитам книгата и да ви ги пренесам впечатоците, надевајќи се дека ќе ви подарам одличен предлог за пополнување на слободното време. Ќе бидете фасцинирани од приказните за овие жени, некогаш и премногу сурови и реални, со силна допирна точка до вистинскиот живот.

Сигурно сте сретнале книги кои имаат помалку од двесте страни, но ќе ве натераат да се откажете или безволно да ги дочитате, и книги кои се многу поголеми, но ве тераат да не ги испуштите од рака додека не стигнете до самиот крај. Среќна сум да ви соопштам дека оваа спаѓа во вторите. Доколку ја имате книгата, или имате можност да ја прочитате, сторете го тоа и нема да се покаете. Можеби ќе станете обожавател на делата на Кети Кели, а јас веќе сум во потрага по останатите книги потпишани со нејзиното име.Книга: „Еднаш во животот“ – Кети Кели

Извадоци од книгата:


„Понекогаш не можеш да ги поправиш нештата. На пример, другите луѓе. Единственото нешто што можеш да го направиш е да решиш дали тие заслужуваат да го чекаш моментот кога тие ќе се подобрат – или пак, дали вреди да се биде во нивна близина дури и ако тие никогаш не успеат во тоа. Дали ќе останеш со нив е твој избор, но моќта да ги поправиш ја немаш. Понекогаш ќе мораш да ги оставиш така“.

„Само една личност може да го смени твојот живот, а таа личност си ти. Немој да чекаш некој друг да го направи тоа, некаков принц или некој сличен нему. Биди самата свој принц“.

„Бори се за она што си. Потребно е долго време за да откриеш која си, но кога ќе откриеш, грижи се за таа личност. Таа е една од најскапоцените пријателки кои некогаш ќе ги имаш“.

„Кога си вознемирена, немој да зборуваш од она место во душата каде се насобрани сите минати рани. Тоа само ќе направи да се чувствуваш полошо. Зборувај водена од љубовта и желбата да ги подобриш нештата“.

„Направи твоите одлуки да бидат важни. Прави го она што те прави среќна. Кажи им на саканите дека ги сакаш. Немој да чекаш тоа да го кажеш еден дождлив ден. Стори го тоа сега“.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар