Како би изгледал нашиот секојдневен живот со облека од високата мода?

Ах, тие величествени креации на врвните модни дизајнери, тие раскошни, украсени фустани од најфини материјали што би ја претвориле секоја девојка во принцеза. Асоцијација за висока мода се скоро секогаш најпознатите модни центри како Њујорк, Милано, Лондон и Париз. Тие секогаш на црвениот тепих со избрани личности го претставуваат она што го создале, кое без сомневање остава без здив. Меѓутоа, дали сите тие креации се создадени исклучително за црвениот тепих и модните писти? Можете ли да се замислите себеси во голем, буен, блескав фустан како ги извршувате секојдневните активности?

1-kako-bi-izgledalo-koga-visokata-moda-bi-bila-sosema-prisutna-vo-realniot-zhivot-www.kafepauza.mk_

Будење, време е за „принцеза“ ден! Овој ден заборавете на задачата за избирање дневна модна комбинација, бидејќи денес знаете што ве чека (барем кога е облекувањето во прашање). Извршувањето на утринската рутина како што се основните навики и обврски и првото утринско кафе со појадокот остануваат непроменети, бидејќи сето тоа можете да го направите додека сте во пижами. Сѐ се менува кога ќе дојде време за подготвување. Вашиот блескав, балски фустан трпеливо ве чека да го облечете. Изгледа волшебно, а вие во него сте како принцеза од некоја бајка.

Откако ќе го облечете, ви останува да додадете уште малку шминка, но притоа внимавате случајно да не го извалкате фустанот, бидејќи знаете дека нема да можете да ја поправите штетата доколку дојде до таа мала незгода. Веќе можете да ги забележите првите неудобности, уште додека се движите во домот. Секогаш вашите раце се полни со слоеви материјал и секогаш морате да внимавате на брзината со која се движите и начинот на кој чекорите, за да не направите дополнителна штета. Сепак, не живеете во огромен дворец и немате слуги за да ги извршуваат сите обврски наместо вас.

Дали во најава имаме доцнење на работното место? Доаѓате на паркингот и само што сакате да влезете во вашиот автомобил, сфаќате дека немате доволно простор за да можете слободно да возите. Ви преостанува да се одлучите помеѓу две опции: градски превоз или такси. Додека сте доаѓале до паркингот веќе сте забележале дека сте го привлекле вниманието на вашите сограѓани со многу љубопитни погледи, па веќе можете да замислите што би можело да ве чека во градскиот превоз. Сепак избирате такси, бидејќи го имате целото задно седиште за себе.

kako-bi-izgledal-nashiot-sekojdneven-zhivot-so-obleka-od-visokata-moda1

Но, иако сте ги избегнале луѓето од градскиот превоз, на работното место ве чекаат вашите колеги. Од нив покрај погледите можете да очекувате и прашања. Нема врска, фокусирајте се на вашите обврски и работете ја вашата работа. Доколку вашиот шеф нема забелешки за вашиот денешен изглед тогаш немате никаков проблем. Издржете до крајот на работното време.

Сте се договориле со вашите пријателки после работното време заедно да го посетите вашето омилено кафуле. Откако ќе стигнете во кафулето со поглед барате најпогодно место за седење во кое ќе имате доволно простор, а и нема да ризикувате другите гости да го газат или да се сопнуваат од вашиот фустан. Повторно, сите погледи, па дури и некој коментар се однесуваат на вас. Освен вообичаените теми за разговор, денес имате толку многу работи да им раскажете на вашите пријателки.

Решивте да прошетате низ градот и да ги посетите вашите омилени бутици. Сфаќате дека денес тоа и не е баш најдобра идеја, бидејќи ќе ви биде прилично незгодно и преку глава да се провлекувате. Можеби е подобро да го оставите ова за некој нареден ден. Што ви преостанува да правите денес, а тоа да не го отежнува вашиот изглед? Прошетката не може да биде лоша идеја, а слободно можете да се замислите дека сте на некоја модна писта, бидејќи најверојатно сите луѓе ве доживуваат на тој начин и бараат камери кои ќе го следат вашето движење низ градот. Нека не ве чуди доколку сите се насоберат околу вас или доколку ви пријде некое дете и побара да се слика со вас.

kako-bi-izgledal-nashiot-sekojdneven-zhivot-so-obleka-od-visokata-moda2

Враќањето дома на истиот начин како што претходно сте стигнале звучи сјајно. Одвај чекајте да го соблечете фустанот и да облечете нешто обично и пријатно. Дали сте верувале дека со таа желба ќе ја дочекате вечерта? Секогаш бараме нешто поразлично и повпечатливо да облечеме, но на крајот од денот секогаш нè чека омилената, едноставна комбинација која честопати е нескладна, но удобна.

Што научивме од сето ова? Сè што е премногу големо и несекојдневно, е неприлагодено за нормално дневно функционирање. Високата мода е тука за да ја гледаме и за да ѝ се восхитуваме, на ревиите, на фотографиите, на разните настани како што е црвениот тепих и гламурозните балови, таа е уметност која не е наменета за секојдневието, туку за некоја прилика која е ретка и која се памти во текот на целиот живот.

За авторот
Комуникативна, весела, оптимистички настроена. Обожава книги, музика, филм и приказни кои инспирираат. Сака да пие кафе, па макар и сама. Верува во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел - не успеал!

Поврзани содржини

Остави коментар