Книга: „Исчезната без трага“ – Шеви Стивенс

Помислете на вашите најголеми стравови, а потоа помножете со бесконечност! Оваа книга ќе ве натера да посакате истовремено да се скриете во плакар, но и несвесно ќе ве направи поцврсти од кога било.

Исчезната без трага - Шеви СтивенсНаслов на оригиналот: Still Missing – Chevy Stevens

Шеви Стивенс е автор на интернационалните бестселери „Исчезната без трага“ и „Никогаш не можеш да знаеш“ и верувам дека ова е само почеток на нејзината успешна кариера. Нејзините книги се совршен спој на талент, кој буквално ве врзува за страниците сè до последната, и на актуелни теми коишто сите нè засегаат. Пораснала на ранч во Ванкувер, Канада и пред да почне со пишување се занимавала со продажба, поголем дел од времето на недвижнини. Всушност и самата вели дека главната идеја за нејзиниот бестселер „Исчезната без трага“ настанал во оние денови кога била целосно сама во напуштени куќи за продажба размислувајќи постојано на каков сè ризик е изложена. Преживувајќи ги сите можни хорор ситуации во својата глава, надополнети со одлична имагинација е според мене она што ѝ овозможило така автентично да ги пренесе ранливоста на една жена, беспомошноста и стравот од непознатото.

Македонски превод на книгата има и морам да нагласам дека е одличен.

Синопсис

Книгата наместо во поглавја е поделена во сесии, секоја посветена на час терапија помеѓу главниот лик и нејзиниот психијатар. Не постои дијалог, не постојат прашања, само исповед на една жена.

Ени О’Саливен е триесет и нешто годишна жена, на почетокот на нејзината успешна кариера како агент на недвижнини, во врска со прекрасен, грижлив човек и најмилото кученце на целиот свет – Ема. Нејзиниот живот е прилично нормален сè додека еден ден, додека чека во една куќа за продажба не стигне нејзиниот нов, потенцијален купувач. Човекот со совршено испеглани панталони, маица со логото на локалниот голф клуб и искрена насмевка е човекот кој ја киднапира, ја силува и буквално ја брутализира повеќе од една година.

Раскажувачот во книгата е всушност една нова Ени, постара, саркастична и остра на јазик. Уште на почетокот е јасно дека успеала да побегне од Монструмот (така самата го нарекува), дека не сака да разговара за она што го преживеала и дека е медиумска сензација. Времето што морала да го помине во целосно обезбедена колиба на планина, заедно со лудак којшто дури си ја изгорел сопствената кожа на рацете за да нема отпечатоци, и остава трајни лузни кои ја менуваат за цел живот. Дел од книгата е посветен на бруталностите коишто една жена може да ги помине и да ги преживее, драма која ќе ве наежи и ќе ве расплаче, а останатиот дел е напнат трилер. За разлика од останатите слични приказни каде што сè завршува во моментот кога жртвата ќе побегне, тука вистинското измачување започнува кога Ени ќе постави едно, единствено прашање: Зошто?

А кога ќе го дознае одговорот, тогаш сфаќа дека навистина, некои прашања е најдобро да останат неодговорени. Исчезната без трага - Шеви Стивенс

Лична критика

После „Колекционер“ на  Џон Фаулс (доколку ја немате прочитано, ја препорачувам прво неа) којашто ја читав на здодевни предавања на факултет (и којашто ме расплака за време на едно од нив, додека колешките околу мене се чудеа), мислев дека можам да сварам каква било приказна, зашто нели, сепак е тоа фикција и не се случува во секојдневниот живот. Исто така мислев дека низ менталниот склоп полесно ќе ми минуваат некои брутални случувања откако поминав цела една недела тероризирајќи се сама себе и читајќи за еден Јосеф Фрицл, а после тоа и за Наташа Кампуш којашто била киднапирана цели 8 години. Но не, претпоставувам дека човек никогаш не се навикнува на такви приказни, па и овој пат неверојатната книга на Шеви навистина ме допре. И ако се прашувате зошто воопшто и го правам тоа кога можам слободно да земам да читам некоја друга вест или некоја чит-лит книга, одговорот е: Сакам жена херој, не жена жртва!

И во секоја од овие ужасни приказни добивам по една, а особено во оваа. Станува збор за толку силен и моќен лик што дури и во најтешките и најочајни моменти буквално ја впивате желбата за живот која струи низ секоја буква на секоја страна. И вториот, можеби уште позначаен момент, е фактот што заканите кои нè следат од темни ќошиња не се веќе обични бездомници, нашите лични Монструми еволуирале. А ако ги преживееме нив, ако се справиме со тотални странци, тогаш останува најтешкиот дел, да ги преживееме нашите најблиски.

Сите понекогаш имаме желба да се скриеме во плакар, но после оваа книга ќе сфатите дека вашите стравови се приказни за мали деца. Ова е книга за преживување!



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

  1. Ирена Reply

    Немам зборови за книгата …Ми остави длабок впечаток и долго време по последната страница параноично се вртев околу мене кога во вечерните часови се враќав дома …А и преводот е навистина добар (за разлика од другите издавачки куќи Сакам книги секогаш имаат извонреден превод) :)

Остави коментар