Интересни факти за Агата Кристи, најпознатата писателка на мистериозни романи

Британската писателка Агата Кристи починала на 12-ти јануари 1976 година, во нејзината куќа во Волингфорд кога имала 86 години. Нејзините книги се продадени во повеќе од 2 милијарди примероци ширум светот и се преведени на повеќе од 50 јазици. Таа остана запаметена како кралица на совршениот злочин, а нејзиниот роман „Убиството на Роџер Акројд“ како најдобриот криминалистички роман на сите времиња. Голем број од нејзините книги се адаптирани во филмови, а денес ние ви откриваме некои интересни факти за неа што можеби не сте ги прочитале досега…

Интересни факти за Агата Кристи, најпознатата писателка на мистериозни романи

1. Агата е најпродаваниот автор на сите времиња

Според Гинисовата книга на рекорди, Агата е најпродаваниот автор на сите времиња. Забележано е дека само Библијата и Шекспировите дела доживеале поголема продажба од нејзините романи.

2. Немала никакво формално образование

Агата Мери Клариса Милер е родена на 15-ти септември 1890 година во Торки, град во Велика Британија. За разлика од нејзиниот постар брат и сестри, кои отишле во интернат, таа била образувана дома и ретко имала можност да се дружи со деца на нејзина возраст. Времето го поминувала со домашните миленици, замислените пријатели и семејните слуги. Сепак, таа честопати нагласувала дека не била осамена и своето детство го опишувала како многу среќно. Кога наполнила 13 години, почнала да оди во локалното женско училиште 2 пати неделно, а 3 години подоцна, заминала во Париз каде што студирала пеење и клавир. Таа била самоука писателка.

3. Почнала да пишува мистериозни приказни како одговор на предизвикот што ѝ го поставила сестра ѝ

Кога имала 11 години, Агата ја објавила нејзината прва песна за електрични трамваи како новото светско чудо на почетокот од 20-ти век. Како тинејџерка пишувала и кратки приказни кои, за жал, не успеале да им го привлечат вниманието на издавачите. Почнала да се занимава со детективски романи дури откако сестра ѝ Маргарет ја предизвикала и ѝ рекла дека не е способна за творење од таков тип. Првиот таков роман „Мистериозната афера во Стајлс“, каде што за прв пат ги претставила детективот Херкул Поаро, Артур Хејстингс и главниот инспектор Јап, конечно ги заинтересирал издавачките куќи, но под услов да го промени крајот. Оттогаш па натаму, во нејзината кариера доминирале детективските романи.

Инаку, за време на Првата светска војна таа работела во болница како медицинска сестра, а потоа и во аптека, што влијаело и на нејзините дела: Многу од убиствата се извршени со помош на отров. Исто така, госпоѓицата Марпл ја создала по ликот на баба ѝ.

Интересни факти за Агата Кристи, најпознатата писателка на мистериозни романи

4. Често патувала и така добивала идеи за нејзините дела

Поголемиот дел од нејзините приказни се одвиваат во Англија, но таа не ги запоставила и другите места ширум светот. Додека растела, таа поминала одредено време во Египет и Франција, а подоцна патувала низ целиот свет. Така го запознала нејзиниот втор маж, археологот Макс Малован, а патувањата со него во Блискиот Исток придонеле за фактот што неколку нејзини романи се одвиваат токму таму.

5. Во декември 1926 година, таа исчезнала 11 дена и сите мислеле дека е мртва

На 3-ти декември Агата се искарала со нејзиниот прв сопруг Арчи, кој ѝ бил неверен, а кратко пред тоа, ја изгубила и мајка си. Не била подготвена да се соочи со реалноста и таа го напуштила домот, а нејзиниот автомобил бил пронајден наредното утро, оставен неколку километри подалеку. Потоа, била започната истрага во која учествувале голем број полицајци и волонтери. Истрагата завршила 11 дена подоцна, кога Агата била пронајдена во еден хотел во северна Англија, каде што се пријавила под презимето на љубовницата на нејзиниот сопруг. Таа тврдела дека не се сеќава на ништо, а докторите потврдиле дека се работи за амнезија предизвикана од нервен слом.

Доколку и вие ја обожувате оваа писателка, прочитајте ги следниве 10 цитати од Агата Кристи.

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар