Инстаграм е најштетната апликација за психичкото здравје на луѓето

Инстаграм е најштетната апликација за психичкото здравје на луѓето

Време е да се преиспитате колку често ги прелистувате објавените фотографии на оваа социјална мрежа. Според најновите истражувања, Инстаграм е најштетната апликација за психичкото здравје на луѓето.

Инстаграм е најштетната апликација за психичкото здравје на луѓето

Истражувачите испитале 1.479 луѓе на возраст од 14 до 24 години за да дознаат дали Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб, Твитер и Снепчет им предизвикуваат позитивни или негативни емоции. Учесниците одговориле на вкупно 14 прашања поврзани со секоја социјална мрежа. Освен тоа, тие откриле дали некогаш чувствувале анксиозност, депресија и осаменост додека ги користеле апликациите.

Прашалникот исто така имал цел да дознае како социјалните мрежи влијаат на нивното мислење за сопствениот изглед, квалитетот на сонот и ризикот од силеџиство. Имало и прашања кои требале да го одредат нивото на стравот од пропуштање нешто (FOMO) кој обично се јавувал откако ги имале прегледано сите објави на социјалните мрежи. Истражувачите се обиделе да го измерат целосното влијание на социјалните мрежи на општата благосостојба кај корисниците.

Според резултатите од истражувањето, Инстаграм најмногу им го влошувал расположението на испитаниците, а потоа следеле Снепчет, Фејсбук, па Твитер. Само Јутјуб им помагал на учесниците да се чувствуваат малку подобро. Сите 5 социјални мрежи доведувале до проблеми со спиењето и истоштеност.

Најдобро би било да се поправат социјалните мрежи на тој начин што корисниците ќе ги користат апликациите на поздрав начин. Дел од причината зошто Инстаграм предизвикува најлоши последици по здравјето е неговото влијание на задоволството од сопствениот изглед кај корисниците.

„Инстаграм на многу едноставен начин прави девојките и жените да мислат дека нивните тела не се доволно убави, бидејќи луѓето честопати додаваат филтри за да добијат совршени фотографии“, изјавил еден од испитаниците.

Навиката да се обработуваат фотографиите придонесува за појавата на генерација млади луѓе кои имаат лошо мислење за сопствениот изглед и ниска самодоверба.

Инстаграм е најштетната апликација за психичкото здравје на луѓето

Со цел да се намали овој ефект, истражувачите предлагаат социјалните мрежи да им кажуваат на корисниците дали некоја фотографија е обработена. Една од идеите е да се направи мала икона или знак на дното од фотошопираната слика.

Научниците исто така сметаат дека социјалните мрежи треба да ги потсетуваат нивните корисници кога е време да се одјават. Еден од предлозите е апликациите да мерат колку време поминуваат корисниците на социјалните мрежи и да направат потсетник кој ќе излегува на екранот секогаш кога луѓето ќе претераат со користење.

Ова истражување само ги потврдува претходните докази за негативното влијание на социјалните мрежи врз психичката благосостојба. Едно истражување од 2015 година открило дека доколку поминувате 2 часа на социјалните мрежи, се изложувате на зголемен ризик од психички заболувања, вознемиреност и самоубиствени мисли.

Но, сето ова не значи дека веднаш треба да ги избришете сите можни апликации. Тие можат да бидат многу корисни во одредени ситуации. На пример, едно истражување открило дека Фејсбук им овозможува на младите луѓе да научат повеќе за менталното здравје на другите преку постовите што ги објавуваат нивните пријатели. Социјалните мрежи исто така нудат можност за слободно изразување. Лајкувањето на разни страни и групи им помага на корисниците и отфрлените поединци да најдат емоционална поддршка и нови истомисленици.

И Инстаграм исто така има позитивно влијание на менталното здравје. Оваа апликација со околу 700 милиони корисници, започнала кампања со цел да ги поттикне отворените разговори во врска со психичкото здравје на луѓето. Некои корисници тврдат дека Инстаграм има позитивно влијание на нивното психичко здравје бидејќи ги поврзува со група луѓе кои се соочуваат со истите проблеми.

Клучот лежи во умереноста и претпазливоста. Сѐ што е прекумерно, па дури и времето поминато на Интернет, може да биде деструктивно. Користете ги социјалните мрежи само кога ви требаат. Но, имајте на ум дека ретко кога ја прикажуваат вистинската слика за нечиј живот. Не заборавајте дека ништо не може да ја замени отворената комуникација во живо, очи во очи.

Доколку се согласувате со овие откритија, прочитајте какво е влијанието на социјалните мрежи врз човековата психа и колку во суштина сме осамени.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар