Имате ли одговор на овие 12 тешки и непријатни прашања?

Ако го прочитате романот „Беатриче и Вергилиј“ од Јан Мартел, на крајот од него ќе наидете на игрите за Густав. Тоа се дванаесет „игри“, кои всушност се вежби кои ќе ви ги доближат ужасите на Холокаустот така што ќе ви биде дадена одредена ситуација, а вие треба да одговорите како ќе реагирате ако се најдете во неа. Самиот Мартел вели дека работите ги разбираме преку комбинирање на разумот со нашата имагинација, а преку овие игри тој ви овозможува да го постигнете токму тоа: ви дава една ситуација, а потоа вашата имагинација ќе ги пополни дупките кои треба да се пополнат за да се добие слика за тоа како се чувствувале жртвите во тој чин. Притоа, можеби ќе ви овозможат да откриете и нешто за себе.

Имате ли одговор на овие 12 тешки и непријатни прашања?

1. „Ти приоѓа твојот десетгодишен син. Ти вели дека знае како да дојде до неколку компири со кои би можеле да го нахраните вашето семејство кое умира од глад. Ако го фатат, ќе го убијат. Ќе го пуштиш ли да оди?“

2. „Ти си бербер. Работиш во соба полна со луѓе. Ги потстрижуваш, а потоа ги водат на егзекуција. Тоа го работиш секој ден, по цел ден. Носат нова група луѓе. Во неа ги гледаш жената и сестрата на твој добар пријател. И тие те гледаат тебе и во очите им се јавува радост. Се прегрнувате. Те прашуваат што ќе им се случи. Што ќе им кажеш?“

3. „Ја држиш за рака твојата внука. И двајцата не се чувствувате добро по долгиот пат на кој не ви дале ни храна ни вода. Еден војник ве води во ‘амбулантата’. Излегува дека всушност ве одвел во една дупка каде, според зборовите на војниците, луѓето ‘се лекуваат само со една таблета’, што значи со еден куршум во тилот. Дупката е преполна со тела, некои сè уште мрдаат. Пред вас во ред стојат шест луѓе. Твојата внука погледнува во тебе и те прашува нешто. Што те прашува твојата внука?“

4. „Вооружен стражар ти вели да пееш. Ти пееш. Ти вели да играш. Ти играш. Ти вели да имитираш свиња. Ти имитираш свиња. Ти вели да му ја излижеш чизмата. Ти му ја лижеш чизмата. Потоа ти вели да ‘____________________’, но тоа е странски збор што не го разбираш. Што ќе направиш?“

5. „Те држат на нишан и ти даваат наредба: Ти, твоето семејство, и сите луѓе околу вас морате да се соблечете до гола кожа. Покрај тебе стојат твојот седумдесет и две годишен татко, твојата шеесет и седум годишна мајка, твојата сопруга, твојата сестра, неколку твои роднини и твоите три деца, стари петнаесет, дванаесет и осум години. Откако сите ќе се соблечете, каде го насочуваш погледот?“

6. „Наскоро ќе умреш. Покрај тебе е некој непознат човек. Се врти кон тебе. Ти зборува нешто на јазик што не го разбираш. Што ќе направиш?“

7. „Твојата ќерка очигледно е мртва. Ако застанеш на нејзината глава ќе можеш да вдишуваш повисоко, каде што воздухот е почист. Дали ќе застанеш на главата на својата ќерка?“

8. „Подоцна, откако сè е завршено, чувствуваш само тага. Сеприсутна, сеопфатна тага. Сакаш да побегнеш од неа. Што ќе направиш?“

9. „Подоцна, откако сè ќе заврши, одиш кај Господ. Што ќе му речеш?“

10. „Подоцна, откако сè е завршено, случајно слушаш како некој кажува виц. Откако ќе заврши со кажувањето, слушателите одеднаш се вкочануваат, си ги покриваат устите со рацете, а потоа почнуваат да се смеат како луди. Темата на вицот се твоите страдања и твоите загуби. Како ќе реагираш?“

11. „Од твојата заедница, која броела 1.650 луѓе, преживеале само 122. Слушаш дека целото твое пошироко семејство е мртво, дека твојата куќа сега им припаѓа на некои странци дека сè што си имал некогаш сега е украдено. Исто така, слушаш дека новата влада сака да сврти нов лист и да ги исправи грешките од минатото. Ќе се вратиш ли дома?“

12. „Докторот ти вели: ‘Оваа таблета ќе ти го избрише сеќавањето. Ќе ги заборавиш сите твои страдања и сета твоја болка. Но, исто така ќе го заборавиш и сето твое минато.’ Ќе ја испиеш ли таблетата?“


За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Anonymous Reply

    Poglupo zdravje!

Остави коментар