Хенри Џејмс: Писмо до депресивната пријателка

Во јули, 1883 американскиот писател Хенри Џејмс примил писмо од својата пријателка и колешка Грејс Нортон. Таа во писмото му се пожалила дека е многу депресивна во последно време поради еден смртен случај во нејзиното семејство, а Џејмс, како голем пријател, ѝ возвратил со овој сочувствителен и охрабрувачки одговор.

Писмо до депресивната пријателка

Моја драга Грејс,

Јас секогаш сум потполно немоќен пред страдањата на другите, а писмото што ти ми го прати ми откри такви длабоки страдања што едвај знам што да ти кажам. Ова секако не е мојот последен збор, но мора да биде прв. Не си единствена, тоа е сигурно, во ваква чувствителна состојба во која изгледа како да е твоја сета беда на светот. Но, имам ужасно чувство дека даваш сѐ од себе, а не добиваш ништо, дека не ти е возвратено ништо во твоја корист и дека од сѐ на крајот добиваш само бол. Сепак, јас сум решен да не ти зборувам поинаку отколку со гласот на разумот.

Не знам зошто живееме, не знам од каде и со која цел доаѓа до нас подарокот на животот, но верувам дека можеме да живееме со мислата (секако, до одреден степен) дека животот е највредното нешто што го имаме и затоа е голема грешка да се откажеме од него додека има уште да се живее. Со други зборови, свеста има неограничена сила, па иако понекогаш делува како свест за страдање, дури и кога се пројавува во бранови и не дава да престанеме да ја чувствуваме, ние сепак правиме нешто, се обидуваме, се молиме, затоа што има нешто што нѐ држи до одреден начин на размислување кој веројатно не е добро да се напушти. Во право си кога мислиш дека сите ние сме ехо и одглас на истото и благородна си кога твоето интересирање и сожалување за твоето опкружување пројавува поддржувачка и хармонизирачка сила. Само немој, те преколнувам, да ги воопштуваш овие симпатии и нежности, запомни дека секој живот е посебен проблем кој не е твој, туку туѓ, и смири се со оваа твоја ужасна алгебра. Не се претопувај премногу со универзумот, туку остани цврста и стабилна колку што можеш да бидеш. Сите ние живееме заеднички, а оние кои го знаат тоа и љубат, живеат најмногу. Си помагаме меѓу себе, дури и несвесно, секој колку може, си ги олеснуваме маките, придонесуваме за заедничкиот успех, им овозможуваме на другите на живеат. Тагата доаѓа во големи бранови, никој не го знае тоа подобро од тебе, нѐ обвиткува и иако речиси нѐ задушува, сепак нѐ остава во состојба да знаеме дека ако таа е силна тогаш ние сме посилни, по што таа поминува а ние остануваме. Таа нѐ износува, нѐ искористува, но и ние ја износуваме и ја искористуваме неа. А тоа не се гледа, туку подоцна наоѓаме начин да сфатиме.

Моја драга Грејс, ти минуваш низ темнина во која јас со моето незнаење не гледам ништо, освен тоа што ти страшно си се разболела од тоа. Но тоа е само темнина, не е крај, не е вистинскиот крај. Не размислувај, не чувствувај повеќе од тоа што можеш да поднесеш, не носи заклучоци или одлуки, не прави ништо туку чекај. Сѐ ќе помине, и ведрината и прифатените мистерии и разочарувањата, а нежноста на неколку добри луѓе и новите можности во животот ќе останат. Ќе правиш уште многу работи, а тоа ќе ти помогне. Битно е во меѓувреме да не се претопиш. Ќе направам една механичка споредба: колку брзо и да трча коњот, кога ќе застане, колку и да е потресена, ќе биде перфектно истата Г.Н. на седлото. Обиди се да не бидеш болна, тоа е сѐ. Во тоа лежи иднината. Ти си предодредена за успех и затоа не смееш да не успееш. Ја имаш мојата најнежна наклонетост и целата моја доверба.

Твојот секогаш верен пријател,

Хенри Џејмс

Писмо до депресивната пријателка


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар