Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата? - Part 2

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

Воведување на предметите готвење и комуникациски вештини како задолжителни

Учениците сметаат дека важно е да научат да готват за да можат полесно да станат независни и самостојни. Тие чувствуваат дека оваа вештина им недостасува, а би им била од голема корист во иднина. Исто така, тие сметаат дека многу малку внимание се обрнува на нивните комуникациски вештини, па затоа би сакале да имаат предмет на училиште кој ќе биде посветен токму на тоа. На тој начин, тие не би имале проблем да говорат во јавност, но и би ги подобриле односите со луѓето околу нив.

Освен тоа, добра идеја би било да се воведат предмети како театар и креативно пишување. Учениците се согласуваат и дека јогата би им помогнала да се опуштат пред и по стресните тестови, што е навистина интересно сознание. Секако треба да се спомене дека одговорите на ова прашање зависеа од личните интереси на учениците, така што можеби најдобро би било секој да може да избере кој предмет би сакал да го учи како задолжителен во текот на целото образование, а не само во период од 1 година во средно училиште во зависност од изборот на насока.

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

По 15-25 ученици во секое одделение

Учениците се согласуваат дека 35 е голема бројка, но не би сакале да учат во одделение со помалку од 15 деца. Тие сметаат дека идеалната бројка на ученици во едно одделение е 15-25. На тој начин, тие ќе имаат можност да стекнат повеќе другарчиња, но и да чујат повеќе различни мислења кои претставуваат основа за добра дискусија и дебата. Премалку ученици е еднакво на досада, но премногу доведува до недисциплина и нарушена настава. Златната средина е најдоброто решение, се согласувате?

Домашна атмосфера во училниците

Изгледот на училниците во училиштата се нема сменето уште од самите почетоци на образованието. Учениците поминуваат половина од денот на неудобни, дрвени столчиња, наместени во редици еден позади друг, гледајќи во старата зелена табла која редно е да се замени со бела табла во сите училишта, а не само во некои. Да не зборуваме за уништените ѕидови, протекувањето од таванот, ужасните тоалети и прозорците со решетки. Училниците би требало да бидат удобни и топли, а не ладни и монотони. Учениците ни открија дека најпријатно се чувствуваат кога учат дома или во атмосфера што ги потсетува на домашната. Некои од нивните идеи се да се заменат столчињата со меки перничиња, да имаат поголеми тркалезни клупи кои ќе бидат наместени во круг наместо во редици. На тој начин, ќе можат полесно да соработуваат и да разменуваат идеи со соучениците. Ваквата атмосфера ќе им помогне да се чувствуваат удобно и повеќе да научат од часовите.

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

Повеќе проекти на теми што ги интересираат учениците

Наставниците честопати се загрижени дека нема да стигнат да го предадат целиот материјал, бидејќи е премногу обилен, а наставната програма е премногу набиена. Поради тоа, учениците немаат можност да се изразат и да ги истражуваат сопствените интереси. Тие постојано добиваат разни задачи, но ретко кога некоја од нив навистина им го задржува вниманието и им останува во сеќавање. Тие би сакале нивниот глас да биде чуен и да им се остави простор да прават проекти на теми што ги интересираат. Интересно е и тоа што учениците сметаат дека домашните задачи се неопходни за совладување на материјалот, па затоа не им пречи да ги извршуваат, сѐ додека се разумни и не вклучуваат премногу пишување.

Крај на неправдите и незаслужените оценки

Учениците најмногу се фрустрираат и разочаруваат кога ќе забележат дека наставниците имаат миленици. Тие многу се вознемируваат кога некои ученици добиваат подобри оценки од нив, иако вложиле помалку труд. Тоа прави да се чувствуваат гневно и им ја уништува мотивацијата. Наставниците треба многу да внимаваат на своето однесување и начин на оценување, бидејќи нивните зборови и постапки имаат огромно влијание на учениците. Професорската работа подразбира преземање голема одговорност и треба да се сфати многу сериозно. Доколку учениците се почувствуваат обесправени, не треба да се плашат да разговараат за тоа со некого и ако се во право, неопходно е да се стори нешто во врска со тоа прашање. Сепак, подобро е да се спречи отколку да се лечи, па затоа можеби добра идеја е наставниците да поминат низ посебни обуки и семинари што ќе им помогнат да станат посвесни за своето однесување и неговото влијание на учениците.

Гласот на македонските ученици: Како би изгледало училиштето од соништата?

Сите овие промени звучат одлично во теорија, но многу е тешко да се применат во пракса. Целиот процес на реформи во образованието бара многу трпение, упорност, напор и внимателно размислување. Сведоци сме дека постојано се воведуваат некакви новитети, од кои повеќето се покажале како неуспешни. Тоа е така, затоа што при одлучувањето, надлежните забораваат да ги земат предвид мислењата на оние коишто се директно вклучени во образовниот систем.

Гласот на учениците не треба да биде нечуен и безначаен. Треба да им се остави простор да ги искажат своите ставови. Треба да бидат охрабрени да даваат свои идеи и предлози, бидејќи образованието нив најмногу ги засега. Гласот на учениците треба да влијае на конечните одлуки што се однесуваат на образованието, затоа што само така ќе се доближиме кон остварувањето на замислата за идеалното училиште од соништата.

Кој училиштен предмет сметате дека би требало да се воведе како задолжителен?

Резултати

Loading ... Loading ...


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар