Гафовите на Силвио Берлускони

Гафовите на Силвио Берлускони

Силвио Берлускони не е повеќе во италијанската и европската политика, но и покрај неговите 17 години на власт, никој нема да го памети по неговите политички потези, туку по гафовите. Тој нив ги објаснува како хумор и иронија, иако многумина во нив препознаваат непочитување кон жените и конкуренцијата. Еве дел од неговата чудна смисла за хумор, која од него создаде слика за необичен политичар.

Гафовите на Силвио Берлускони

Во февруари, 2002 година за време на групното сликање на самитот на ЕУ кој се одржал во Шпанија, Берлускони кренал два прста зад главата на шпанскиот шеф на дипломатијата, Жозеф Пике.

„Најостроумните сигурно можат да најдат и втора работа, можеби некоја неофицијална“ – им рекол Берулскони на отпуштените работници од фабриката на Фиат, поттикнувајќи ги да бараат работа на црно во декември, 2002 година.

„Сите жители се еднакви, но можеби еден од нив е малку поеднаков од другите, со оглед на фактот што 50% од Италијанците му ја доделиле одговорноста да ја води државата“ – рекол тој, мислејќи на себе за време на неговото судење за корупција во Милано, во јуни, 2003 година.

„Господине Шулц, знам дека во Италија има еден човек кој снима филм за нацистичките концентрациони логори. Би сакал да ве препорачам за улогата на капо. Би биле совршени.“ – Ова го изјавил Силвио за време на една дебата на Европскиот парламент во јули, 2003 година, откако претходно се замерил со германскиот пратеник, Мартин Шулц. Капо е затвореник во концентрационен логор кој ги има привилегиите да врши надзор над другите. Овие привилегии му ги давале вистинските стражари на затворот и најчесто тој бил безмилосен кон останатите затвореници.

Гафовите на Силвио Берлускони

Во септември 2004 година за британскиот магазин „Spectator“ тој изјавил:

„Мусолини никогаш не убил никого. Тој ги праќал луѓето на одмор.“

Подоцна се пожалил дека никој не ја разбрал неговата шега.

Во 2005 година, во Парма се одржала конференција за безбедност на храната, којашто било предвидено да се одржи во Финска. Берлускони објаснил како дошло до разубедување на претседателката на Финска, за конференцијата да биде во Италија:

„Морав да ја разубедам претседателката на Финска. Кога имате некаква цел, потребно е да ги употребите сите оружја кои ви стојат на располагање, па затоа јас ги искористив моите плејбој-способности, иако одамна ги немав употребено.“

Верувале или не, пред изборите во јануари, 2006 година, поранешниот премиер на Италија бил пофален од свештено лице поради неговата заложба во одбраната на семејните вредности, на што тој во свој стил изјавил:

„Ви благодарам, оче Масимилијано. Нема да ве изневерам и ви ветувам дека ќе апстинирам од секс во следните два и пол месеци до изборите на 9 април.“

Гафовите на Силвио Берлускони

На едно телевизиско ток шоу во февруари, 2006 година тој кажал:

„Само Наполеон направил повеќе од мене. Но, дефинитивно јас сум повисок од него.“

„Јас сум Исус Христос во политиката. Јас сум истрајна жртва, се жртвувам за секого“ – вака тој го објаснил неговиот лик и дело во говор пред сопартијците во февруари, 2006 година.

При гостување на едно ТВ шоу каде што се разговарало за иднината на младите во Италија, една студентка, жалејќи се за целокупната ситуација во земјата, го прашала што треба да направи за да просперира во Италија. Тој одговорил:

„Пробај кај син му на Берлускони. Со таква насмевка имаш одлични шанси“.

Во ноември 2008 година, откако Обама беше изгласан за прв црн претседател во историјата на САД, Берлускони го опишал како згоден, млад и исончан. Наредната година на самитот на Г-20, тој повторно се пошегува на сметка на Обама:

„Како се викаше, оној исончан тип… А, Барак Обама! Нема да верувате, но се сонча заедно со жена му, и таа е исончана.“

Гафовите на Силвио Берлускони

При една посета на Њујоршката берза, италијанскиот премиер се обидел да ги убеди инвеститорите да дојдат во неговата земја употребувајќи еден неконвенционален аргумент:

„Италија е одлична земја за инвестирање. Денеска речи си и да нема комунисти, а друга добра причина да дојдете се прекрасните секретарки.“

„Имам малку коса затоа што мојот мозок е голем и ја турка косата надвор“ – неговото објаснување за опаѓањето на косата.

Во 2009 година градот Л’Аквила го погоди силен земјотрес, кој остави многу луѓе без дом. На новинарско прашање во врска со условите во кои живеат погодените, Берлускони изјавил:

„Се разбира дека овие живеалишта се привремени. Тие треба да се чувствуваат како да се на кампување за викенд.“



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

  1. Lejla Reply

    Se’ toa e’ tocno, no deka Berluskoni e nadvor od politikata vo Italija e daleku od vistinata. Berluskoni e lider na partija sto momentalno ima mnozinska poddrska vo zemjata, i iako ne e oficijalno vo parlamentot, toj se uste gi drzi koncite vo svoi race.

Остави коментар