Флуоресцентни океански бранови

Калифорниските плажи блеснаа во сино флуоресцентно светло. Верувајте, не се работи за никаков трик, туку за уште еден природен феномен, кој според биолозите, најверојатно се должи на големата црвена плима и на цутот на алгите. Станува збор за микроорганизми, кои емитираат светлина како одговор на стресот, кој пак, им го предизвикува секое придвижување на водата.

Што значи, при нејзиното бранување во текот на ноќта, како резултат на морските струи, бродовите, чамците или ноќните пливачи и сурфери, микроорганизмите светнуваат во фосфорно сина боја. Биолозите уверуваат дека тие се безопасни и не можат да му наштетат на човекот и на подводниот свет.

Флуоресцентни океански бранови

„Организмите кои ја формираат црвената плима се всушност ситни едноклеточни растенија, фитопланктони. Како и останатите терестријални организми и тие трагаат по светлина и хранливи материи. Преку ноќ, продуцираат сина светлина, но дење, цутот на алгите предизвикува црвеникав ефект врз водата, затоа и се нарекува црвена плима и осека. Многу е веројатно дека ù претходи некој вид инјекција од хранливи материи во горниот слој на океанот. Веруваме дека се работи за комплицирана комбинација на физика, биологија и хемија, но во моментот не располагаме со доволно докази за да кажеме кој механизам конкретно е одговорен за ваквиот феномен“, вели д-р Питер Френкс од Институтот за океанографија.

Флуоресцентни океански бранови

Бројот на овие микроорганизми се зголемува во текот на ноќта, така што, кога брановите удираат во брегот, тие се населуваат и во песокот. При вечерните прошетки по плажите, зад секоја стапка се јавува флуоресцентен блесок.

Покрај фасцинантната глетка, оваа природна појава е проследена и со релативно лоша смрдеа на гнило. Но, ако успеете да ја игнорирате, овој феномен, вашето ноќно пливање, сурфање или веслање со чамец, ќе го направи незаборавно.

Флуоресцентни океански бранови

Преку следните видеа, погледнете како локалните жители и туристите уживааат во овој природен феномен. Ако некогаш ја посетите Калифорнија, можеби и вие ќе ја имате истата среќа. Во меѓувреме, во овие преубави глетки уживајте пред вашите монитори.

Оваа несекојдневна појава за првпат е регистрирана во 1901 година, на плажите околу Сан Диего, Калифорнија. Црвената плима е непредвидлива, исто како и временските услови, коментираат експертите. Ако наеднаш задува силен ветер, таа може да се повлече за ден или два, бидејќи микроорганизмите се чувствителни на турбуленции, а често се мета и на бактериите кои живеат во водата.

Црвената плима, која се јавува во останатите делови од светот, е опасна по здравјето на човекот и кобна за подводниот свет. Таа го намалува нивото на кислород во водата и продуцира отрови.

Ваква слична појава имавме можност да видиме и во езерото Гипсланд во Австралија.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Минималист ;)

Поврзани содржини

Остави коментар