Филмовите со Хари Потер ја подобруваат креативноста

„Магија – самиот збор делува како да открива мистериозен свет кој е преполн со неочекувани можности“, напишал полскиот антрополог Бранислав Малиновски во 1925 година. Феноменот магија, по дефиниција е нешто сосема невозможно во реалниот свет. Неживи предмети кои одеднаш оживуваат, луѓе кои кажуваат магии, летаат на метли… Во областа на фантазијата граници не постојат и скоро сè може да се случи.Филмовите со Хари Потер ја подобруваат креативностаНо, и креативноста значи преминување на границите. Дури и кога вашата идеја не ги поминува границите на возможното, таа сепак ги поминува границите на вообичаеното. Па, дали менталната прошетка до некое магично место би можела да го ослободи вашиот ум и да ве натера да размислувате покреативно? Психологот Јуџин Суботски го сторил тоа и направил истражување за да го дознае одговорот.

Суботски и неговите колеги од Универзитетот Ланкастер спровеле неколку експерименти на 4-годишни, 6-годишни и 8-годишни деца. Прво сите овие деца го направиле тестот „TCAM“ (Thinking Creatively in Action and Movement). Овој тест се состои од неколку активности кои вклучуваат пронаоѓање на алтернативни употреби на една пластична чаша. Децата од 6 и 8 години исто така учествувале во задача со цртање при што требало да нацртаат објект кој не постои, како на пример, замислени куќи, автомобили и слично. Сите овие објекти биле оценувани на скала за креативност.

Во вториот дел од експериментот, децата гледале 15-минутни филмови. Пола од нив гледале извадоци од филмот „Хари Потер и каменот на филозофот“ кои вклучувале животни кои говорат, метли кои летаат и употреба на магии и магични стапчиња. Останата половина од децата гледале извадоци од истиот филм, но нивните сцени не вклучувале магија. Потоа, децата повторно ги решавале истите тестови за креативност.

Суботски и колегите откриле дека оние деца кои ги гледале клиповите со магија постигнале многу повисоки резултати на тестовите за креативност за разлика од оние кои гледале сцени без магија. Со овие резултати се потврдила хипотезата на Суботски – магијата на некој начин може да ни помогне во подобрување на нашата креативност.

Авторите во студијата напишале, „Магичното размислување овозможува многу нереални (натприродни) решенија за реални проблеми.“ Па, можеби би требало да почнете и вие да ги гледате филмовите со Хари Потер. Којзнае, можеби ќе ви помогнат да излезете од границите на реалноста и да најдете решение за некој проблем кој долго време ви стои нерешен. Како што Артур С. Кларк еднаш напишал, „Половина од нештата кои моментално ни стојат расфрлани на бирото како компјутерите, мобилните телефони, пенкалата чие мастило може да се избрише – сè тоа би му изгледало како магија на некој кој е од друга ера.“ И можеби немаме метли кои летаат (сè уште), но тоа не значи дека треба постојано да ги делиме нештата на реални и нереални, посебно кога станува збор за изнаоѓање на креативни решенија за одредени проблеми.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Отсекогаш многу ја интересирала астрономијата и физиката, а животно мото ѝ е дека не смее да помине ни еден ден без танцување. Автор на книгата „На работ од времето“, првиот дел од трилогијата „Наследството на Вероника“.

Поврзани содржини

Остави коментар