Еден од најголемите уметници на 20 век: 10 работи кои можеби не сте ги знаеле за Пабло Пикасо

Еден од најголемите уметници на 20-от век: 10 работи кои можеби не сте ги знаеле за Пабло Пикасо

Во 1881 година е роден еден од најголемите и најпознатите сликари, скулптори, уметници и графичари на 20-тиот век. Денес ви откриваме зошто Пикасо бил обвинет за крадење на Мона Лиза, со што се занимавал покрај сликарството, како и многу други занимливости од неговиот живот.

Еден од најголемите уметници на 20 век: 10 работи кои можеби не сте ги знаеле за Пабло Пикасо

1. Чудо од дете: Брзо го надминал неговиот татко, а приемниот испит го завршил за еден ден

Тој е роден во Малага на југоисточниот брег на Шпанија во 1881 година и се верува дека можел да црта уште пред да почне да зборува. Се смета дека до 13 години го надминал својот татко, кој бил професор по цртање. Како резултат на тоа, татко му ги предал четките и палетата на Пикасо и се заколнал дека никогаш повеќе нема да црта. Набрзо после тоа, Пикасо конкурирал на уметничкото училиште во Барселона. Иако учениците имале еден месец на располагање за да го завршат приемниот испит, Пикасо завршил за еден ден.

2. Постојано го менувал неговиот стил на сликање

Како тинејџер, Пикасо сликал реалистични портрети и пејзажи. Потоа преминал преку сини и розови периоди од 1901 до 1906 година, во кои сликал работи како сиромашни деца и циркуски сцени. „Госпоѓица од Авињон“, искривен портрет на пет проститутки кој се смета за еден од неговите најреволуционерни дела, настанал во 1907 година, отворувајќи ја вратата на кубизмот, апстрактен стил кој субјектите ги прикажува преку геометриските форми. До 1912 година Пикасо го измислил колажот поврзувајќи платно, исечоци од весници и други материјали на површините на своите слики. Подоцна во животот, Пикасо се занимавал со форма на неокласицизам и репродукција на сликите на великаните како што е Диего Валаскез, Едуар Мане и Ежен Делакроа. Во различни периоди од своето творештво тој користел и елементи на надреализмот, експресионизмот, постмодернизмот и симболизмот.

3. Имал помош во основањето на кубизмот

Пикасо се движел во истите боемски кругови како и многуте други уметници и писатели, вклучувајќи ги и Анри Матис, Гертруд Стајн и Макс Жакоб. Но, неговата најблиска соработка била со Жорж Брак, со кој се смета дека го започнал кубизмот во 1909 година и чиишто слики од тој период се многу слични со неговите. Пикасо и Брак, кои биле под влијание на древните пиринејски скулптури, африканските маски и делата на постимперсионистичкиот сликар, Пол Сезан, редовно посетувале уметничко студио и разменувале идеи.

4. Не бил само сликар

Иако е најпознат по своите сликарски дела, Пикасо експериментирал и со скулптури, керамика и дизајн. Од 1917 до 1924 година, тој дизајнирал сценографии и костуми за бројни балетски претстави. Во една од најраните балетски претстави, „Парада“, игра балерина која подоцна ќе стане негова прва жена и мајка на неговото прво дете (сите негови три деца се родени во вонбрачни заедници). Пикасо почнал да пишува поезија во 1935 година, а исто така е автор и на две претстави од 1940 година.

5. Отворено се спротивставувал на шпанскиот диктатор Франциско Франко

Шпанската граѓанска војна започнала во јули 1936 година кога офицерите предводени од Франциско Франко се побуниле против демократските избраници во Втората шпанска република. Пикасо, припадник на републиканците, ја дал својата прва политичка изјава во животот, велејќи дека војната било туркање на Шпанија во океанот на очај и смрт. Тој за својата изложба во Париз во 1937 година ја насликал и Герника. Инспириран од инцидентот во кој градот Герника бил бомбардиран во текот на шпанската граѓанска војна од страна на германските воздухопловни сили, Пикасо прикажал ранет коњ, обезглавен војник, жена со мртво бебе во рацете и други слики од војната. Огромната слика, подолга од 7 метри, се наоѓала во Музејот на модерна уметност во Њујорк за време на владеењето на Франк. Конечно ѝ била вратена на Шпанија во 1981 година и сега се наоѓа во Националниот музеј и уметничкиот центар на кралицата Софија во Мадрид.

Еден од најголемите уметници на 20 век: 10 работи кои можеби не сте ги знаеле за Пабло Пикасо

6. На 62 години станал комунист

Пабло Пикасо се придружил на француската комунистичка партија во 1944 година, веднаш откако Париз бил ослободен од Германија. Во деценијата која следела, Пикасо го насликал масакрот во Кореја, кој прикажува американски војници како футуристички витези кои напаѓаат бремени жени и деца. Исто така скицирал цртеж како дел од неуспешниот обид да го спаси грчкиот комунист Никос Белојанис од стрелање, а дури направил портрет и на Сталин. Но, не секогаш бил во партијата. Француските комунисти официјално го осудиле неговиот портрет на Сталин и во 1956 година тој потпишал протесно писмо против советската инвазија на Унгарија.

7. На Пикасо му се украдени повеќе уметнички дела отколку на кој било друг уметник

Според евиденцијата од пред неколку години, Пикасо има 1.147 дела кои се украдени, исчезнати или за кои е дискутабилно каде се наоѓаат, што е два пати повеќе од кој било друг уметник. Ова е наведено во регистарот за изгубени уметнички дела.

8. Неговото целосно име содржи 23 зборови

Крстен е под името Пабло Диего Хозе Франциско де Паула Хуан Непомусено Марија де Лос Ремедиос Сипријано де ла Сантисима Тринидад Мартир Патрисио Слито Руиз и Пикасо. Името се однесувало на семејните пријатели и светците заштитници.

9. Првиот збор на Пикасо

Првиот збор кој го изговорил Пикасо било „пиз“, скратено од „лапиз“, што на шпански јазик значи молив.

10. Дали Пикасо ја украл Мона Лиза?

Всушност не, но во 1911 година, кога познатата слика на Леонардо да Винчи била украдена од Лувр, полицијата ги испитувала пријателите на Пикасо, меѓу кои и Гијом Аполинер кој го осомничил Пикасо, па полицијата ги привела на испитување. Подоцна и двајцата биле ослободени.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар