Книга: „Домаќинка од Бога дадена“ – Софи Кинсела

Одлична книга која ќе ве насмее до солзи и ќе ве потсети дека може да бидете сè што ќе посакате во животот и дека никогаш не е доцна за промена.

„Домаќинка од Бога дадена“ – Софи КинселаНаслов на оригиналот: The Undomestic Goddess
По серијата „Купохоличарка“, Маделин Викам, повторно под псевдонимот Софи Кинсела, им подарува на своите читатели уште еден урнебесно смешен бестселер. Живото раскажување, беспрекорното опишување на низата настани и честиот хумор уште еднаш им потврдуваат на вљубениците во добрите новели, дека станува збор за неповторливата Софи Кинсела. И овој пат не нè изненади, дело кое ќе нè натера макар за момент повеќе да ги сакаме книгите отколку филмовите, е токму она што го очекувавме од Кинсела.

Синопис

Саманта Свитинг е 29-годишна адвокатка во познатата адвокатска фирма Картер Спинк во Лондон. За разлика од главниот лик од серијата книги „Купохоличарка“, Беки Блумвуд, овој пат Кинсела носи нова хероина, за која слободно би кажале дека има сосема спротивни карактеристики. Саманта е воркохолик и нема социјален живот. Нејзината работа можеби повеќе ѝ носи стрес отколку што ја исполнува, но таа не обрнува внимание на тоа, бидејќи е зафатена со извршување на своите обврски и спасување на своите клиенти изразено во милионски суми. Мерејќи го слободното време во минути и секунди, Саманта нема време за љубов, после една кратка романса, речиси без никакви чувства, и лош тајминг со еден од нејзините колеги, сè што ѝ преостанува е работата.

Кога станува збор за домаќинството, не знае ама баш ништо поврзано со тоа. Кога нејзината постара сосетка ќе ја искритикува поради фактот што не знае да го сошие скинатото копче, Саманта луто возвраќа: „Можеби не знам да сошијам копче, но можам да спасам финансиски договор вреден 30 милиони фунти! Тоа е она што јас го правам!“„Домаќинка од Бога дадена“ – Софи КинселаГолемиот пресврт во нејзиниот живот се случува кога еден ден конечно ја избираат за партнер во фирмата. Но, истиот тој ден, Саманта на своето неуредно биро наоѓа документ за кој заборавила да се погрижи. Избезумена поради фактот што направила грешка, ја напушта канцеларијата и трча кон железничката станица качувајќи се на првиот воз без никакво размислување. Одбегнувајќи ги телефонските повици, Саманта пристигнува во едно мало предградие на Лондон. Неверувајќи дека направила таква глупава грешка се соочува со огромна паника. Барајќи насоки, пристигнува во една голема куќа каде несвесно е заменета со кандидатка за куќна помошничка.

Тука наголемо почнува смеата, Саманта не знае да ракува ни со рерната, а не пак да ги прави сите сложени јадења што им ги вети на сопствениците на куќата, Триш и Еди, кои не се ни свесни дека нивната куќна помошничка има диплома по право и коефициент на интелигенција повисок од 140. Дали Саманта ќе успее да се снајде во улогата на куќна помошничка? Дали ќе пронајде вистинска љубов? И доколку ѝ се даде шанса да се врати на стариот живот, дали ќе прифати?

Лична критика

Не би сакала да ви откривам ништо повеќе од содржината со цел да разбудам љубопитност во вас и желба да ја најдете книгата и да ја прочитате. Сеедно, дури и да ви ја откријам целосната содржина, а и крајот, секој кој прочитал макар една книга од Кинсела, сепак ќе сака да ја прочита бидејќи знае дека станува збор за урнебесен тек на настани и раскажување кое ќе ве насмее до солзи. Просто заборавате на вашиот живот и сè она што ве мачи, и станувате дел од светот на главниот лик.

Она што сепак не ми се допаѓа баш најмногу, е можеби фактот што книгата и не е толку реална. Саманта не знае ни да свари јајце, а за неколку недели ќе научи да ги прави сите комплицирани работи во кујна. Плус, главниот лик е ставен пред свршен чин, или да продолжи да биде куќна помошничка, или да се врати во фирмата. Наспроти овој нереален црно-бел свет, вистинскиот живот не е избор од една крајност до сосема друга. Но, настрана од тоа, целото раскажување, ќе направи да ги занемарите овие ситници, затоа топло ви ја препорачувам.„Домаќинка од Бога дадена“ – Софи КинселаМакедонски превод нема (или барем сè уште не е излезен), но би можеле да најдете примероци на српски. Сепак, би ви препорачала доколку сте во можност да ја прочитате во оригиналната, англиска верзија, за да ги доловите урнебесните моменти и неповторливото раскажување.

Кој и кога да ја чита?

Книгата спаѓа во лесна литература, па е совршена за да ве опушти во слободно време и секако, добро да ве насмее. Станува збор за слатка и романтична книга со хумористични случувања, која исто така носи и поука. Бидејќи е чик лит, совршена е за младите девојки и жени, особено оние оптоварени со работа и обврски, но не значи дека не им би се допаднала и на мажите. Во ладните зимски ноќи, направете си кафе, земете ја книгата и подгответе се да се смеете на случувањата на Саманта, онака како што не би се смееле ни на филм. Да успееш толку сликовито да прикажуваш ситуации со зборови, е голем успех, можеби токму поради тоа, Кинсела е автор на добар дел од најбараните бестселери изминативе неколку години.„Домаќинка од Бога дадена“ – Софи Кинсела

Други самостојни дела од Софи Кинсела:

  • „Знаеш ли да чуваш тајна?“
  • „Ме паметиш?“
  • „Девојка во дваесеттите“
  • „Го имам твојот број“
  • „Свадбена вечер“ (во исчекување)



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар