Девојчињата уште од рана возраст мислат дека момчињата се попаметни од нив

Девојчињата уште од рана возраст мислат дека момчињата се попаметни од нив

Стереотипите што владеат во општеството влијаат на децата многу порано одошто мислите. На прашањето „Дали жените можат да бидат генијални?“, малите девојчиња не дале потврден одговор. Според најновите истражувања, девојчињата уште на 6-годишна возраст се наведени да мислат дека мажите се раѓаат попаметни и поталентирани од жените, што влијае на нивната мотивација, па така тие честопати не се осмелуваат да се докажат во книжевниот и деловниот свет.

Девојчињата уште од рана возраст мислат дека момчињата се попаметни од нив

Не е никакво изненадување тоа што постојат ваквите стереотипи, но овие откритија покажуваат дека предрасудите имаат влијание на децата уште од многу рана возраст.

„Општеството ја поврзува високата интелигенција со мажите, а не со жените и оваа сугестија децата ја согледуваат уште на 6-годишна возраст“, објаснуваат професорите од Универзитетот во Њујорк кои учествувале во истражувањето што опфатило 400 деца на возраст од 5 до 7 години.

Во првиот дел од истражувањето, на девојчињата и момчињата им раскажале приказна за личност која била „многу, многу паметна“, потоа им покажале фотографии од две жени и двајца мажи и ги прашале која според нив е личноста од приказната. Луѓето на фотографиите биле облечени формално, биле на иста возраст и изгледале подеднакво среќни. 5-годишните деца ја поврзувале интелигенцијата со сопствениот пол, што значи дека повеќето девојчиња одбрале жена, а повеќето момчиња одбрале маж.

Но, како што растеле и почнувале со одење на училиште, децата станувале свесни за стереотипите. На возраст од 6 и 7 години помалку девојчиња одбрале фотографија со жена на неа. Резултатите биле слични кога им покажале и фотографии од деца.

Интересно е тоа што кога требале да кажат кое од децата има одличен успех на училиште, девојчињата одбирале девојчиња, што значи дека според нив интелигенцијата не зависи од академскиот успех.

Во вториот дел од истражувањето, на децата им биле покажани две друштвени игри од кои едната била опишана како игра за „деца кои се навистина многу паметни“, а другата како игра за „деца кои многу се трудат“. 5-годишните момчиња и девојчиња подеднакво сакале да ја играат играта за паметни деца. Меѓутоа, на возраст од 6 и 7 години, момчињата повторно ја одбирале играта за паметни деца, додека, пак, девојчињата ја претпочитале другата игра.

„Видот на играта е таков што е подеднакво интересен за двата пола, што значи дека проблемот не лежи во тоа дека играта не им го привлекува вниманието на девојчињата. Единственото нешто што влијае на нивниот избор е описот на играта дека е наменета за многу паметни деца“, изјавиле истражувачите.

Девојчињата не веруваат дека се исто толку талентирани колку момчињата и како последица на тоа постојат големи разлики помеѓу мажите и жените во однос на амбициозноста и изборот на професија.

„Овие стереотипи ги обесхрабруваат жените и тие не се осмелуваат да започнат престижни кариери, односно жените не одбираат професии во кои интелигенцијата е пресудна“, напишале истражувачите.

Сѐ уште не е јасно од каде точно доаѓаат овие стереотипи, но постои голема веројатност дека родителите, професорите, соучениците и јавните медиуми имаат голема улога во нивното креирање. Мора да се преземе нешто што би го намалило влијанието на ваквите предрасуди на женските професионални амбиции.

„Успехот во која било професија не зависи од вродените способности, туку од вложениот труд и љубовта кон она што го работите“, изјавил еден од истражувачите и додал дека треба да им се обрне повеќе внимание на успешните жени кои можат да послужат како примери за малите девојчиња.

Компаниите за играчки како што е Мател, произведувачот на Барби, преземаат одредени чекори со цел да ги намалат половите предрасуди. Најновата кампања на оваа компанија со наслов „Можете да бидете сѐ што ќе посакате“ („You can be anything“) им порачува на девојчињата дека можат да станат палеонтолози, ветеринари или професори, меѓу другото. Кампањата исто така ја поддржува идејата дека девојчињата можат да се замислуваат себеси како принцези од бајките.

Девојчињата уште од рана возраст мислат дека момчињата се попаметни од нив

Ребека С. Биглер, професорка по психологија на Универзитетот во Тексас објаснува дека стереотипите се јавуваат уште во основно училиште кога учениците учат за познати научници, композитори, писатели и историски генијалци кои претежно се мажи. Биглер потенцира дека многу е важно да се комбинираат овие податоци со информации за половата дискриминација.

„Мора да им објасниме на децата дека законите што владееле во минатото имале намера да им забранат на жените да станат големи научници, уметници, композитори, писатели, истражувачи и лидери. На тој начин, децата повеќе ќе веруваат во сопствениот интелектуален потенцијал и ќе бидат мотивирани да дадат свој општествен придонес со тоа што ќе ја започнат кариерата од нивните соништа“, заклучува Биглер.

Времињата се менуваат и секој ден се појавуваат сѐ повеќе и повеќе жени кои фасцинираат со нивната амбиција и професионален успех. Сепак, потребно е време за целосно да се смени начинот на размислување кај луѓето и да се искоренат стереотипите што владеат во општеството. За да се постигне тоа, треба да се подигне свеста кај луѓето за постоењето на половата дискриминација, која навидум делува како да е победена иако тоа е далеку од вистината. На тој начин, девојчињата уште од мали нозе ќе веруваат во сопствените способности и ќе знаат дека можат да го освојат светот, само доколку навистина посакаат.

Дали сте знаеле дека постојат неверојатни приказни за добра ноќ што заменија принцезите со жени кои го менуваат светот?


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар