Дали среќата може да биде негативна?

Секој сака да биде среќен и тоа чувство е добро. Тоа значи дека би требало секогаш да ги следиме сопствените желби и потреби, да изобилуваме со задоволства и страсти за животот, да го купиме сè она што сакаме да го имаме… или не баш?

Она што можеби ќе ве изненади е фактот што многу истражувања покажале дека среќата има негативна страна. Слепото трагање по среќа може да нè направи себични, неодговорни и да има лоши последици по нашето психичко здравје. Постојаната желба да се биде среќен може да доведе до големи разочарувања кога ќе се соочите со реалниот живот. Докажано е дека луѓето кои ставаат голем акцент на потребата да бидат среќни, може да се соочат со психички проблеми, како тага, депресија и осаменост.

Дали среќата може да биде негативна?

Во две неодамнешни истражувања бил нагласен линкот помеќу потрагата по среќа и осаменоста. Во едно од нив, учесниците биле прашани до кој степен се согласуваат со изјавата: „Да бидам среќен/на ми е мноу важно“. Потоа од нив било побарано да водат дневник каде ќе ги запишуваат сите ситуации кои им донеле стрес и сите ситуации кога се почувствувале осамени. Резултатите покажале дека луѓето кои повеќе се опседнати со среќата имаат поголеми шанси да се чувствуваат осамено кога се под стрес.

Во другото истражување, од дел од учесниците било побарано да прочитаат текст во кој се вреднува важноста на среќата како клучен фактор за односите во општеството, професионалниот успех и целокупната благосостојба. Останатите прочитале сличен текст со таа разлика што во нивниот текст бил ставен акцент на правилното расудување на нештата. Сите испитаници после тоа гледале филм за социјалните односи во општеството и интимата.

Потоа, субјектите се изјаснале до кој степен се чувствуваат осамени и оддалечени од луѓето. Исто така, им бил земен примерок од плунка со цел да се тестира нивото на прогестерон, хормон кој е поврзан со чувството на интимност. Оние кои го читале првиот текст, пријавиле осаменост, а нивото на прогестерон им било пониско.

Како заклучок истражувачите изјавиле дека преголемата потреба за среќа води до фокусирање на самиот себе и ги уништува социјалните врски.

Дали тоа значи дека среќата е лоша работа?

Целта на истражувањата била да се покаже една поинаква страна на среќата, да се нагласи дека мора да има некаква граница во нашата желба за среќа, а не дека чувството на среќа е лошо само по себе. Среќата која доаѓа природно, без да биде форсирана, носи многу бенефиции, а пред сè подобрување на менталното здравје. Големиот парадокс е тоа што опседнатоста со среќата може да донесе спротивен ефект и да има негативни последици. Луѓето кои се опседнати со тоа сè да им биде совршено и да водат среќен и исполнет живот, го прават токму спротивното. Секој сака да е среќен и секој треба да биде, но оваа желба за среќа мора да умееме да ја контролираме.

Ако животот си го замислите како река од мед и млеко, секоја година нов автомобил, луксузни одмори и најнови електронски уреди, тогаш голема е веројатноста да бидете разочарани. Всушност вие трагате по утопија, која не постои. Но, ако среќата умеете да ја пронајдете во едноставните работи во животот, тогаш би можеле вистински да ја почувствувате.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Ана Reply

    Има една мудрост која гласи вака: Спротивното од среќа не е тага, туку е лажна среќа.

Остави коментар