Дали може стресот да ви биде пријател?

Од стрес срцето забрзано ви чука, неконтролирано се потите и ви се суши устата. Стресот е прогласен за голем непријател на човекот. Но дали навистина е? Всушност, некои понови истражувања покажуваат дека стресот влијае лошо само доколку вие верувате дека е така.

Да гледаме реално. Во денешно време, со многу обврски, модерна технологија и брз начин на живот, дури е глупаво да речеме дека стресот треба да се избегнува, кога всушност е неизбежен.

Кели Мегонигл како психолог, целиот свој живот им кажувала на луѓето како стресот влијае лошо на здравјето на човекот од сите аспекти. Но по декада работно искуство, потврдува една сосем различна теорија – начинот на кој реагираме на стресот е клучен фактор за нашето справување со него, и интеракцијата со луѓето во нашите животи, може да ни помогне да излеземе на крај со целиот притисок донесен од стресот.

Дали може стресот да ви биде пријател?

За да ја потврди својата теорија, го започнува своето излагање со едно истражување. Имено, 30.000 возрасни личности од Америка биле набљудувани во времетраење од 8 години. Прашањето кое им било поставено на учесниците било: Колку стрес сте доживеале во текот на претходната година? Но исто било поставено и прашањето: Дали верувате дека стресот е штетен по вашето здравје?

Оние кои доживеале големо ниво на стрес имале за 43% зголемен ризик за смрт, што и не е изненадувачки, но ова важело само за оние кои се изјасниле дека веруваат дека стресот е штетен и опасен. Оние кои биле под голем стрес, но не го гледале стресот како штетен и опасен, немале зголемен ризик за смртност, всушност имале најмал ризик од сите вклучени во истражувањето (дури и оние кои не биле изложени на голем стрес).

Како заклучок на истражувањето се тврди дека 182.000 американци починале на млада возраст, не поради стрес, туку поради верувањето дека стресот влијае лошо. Во просек станува збор за 20.000 смртни случаи годишно, што доведува до резултат дека верувањето дека стресот е лош за здравјето е 15-тата причина за смртност, убивајќи повеќе луѓе од рак на кожа!

Ова го поттикнува прашањето, дали начинот на кој размислуваме за стресот и како го сфаќаме стресот, може да нè направи поздрави? Науката вели да: кога ќе го промените начинот на кој вашиот мозок реагира на стрес, ќе го промените и начинот на кој вашето тело одговара на стресот.

Знаците на стрес, како потењето или забрзаното чукање на срцето, ги интерпретираме како негативни. Но што доколку анксиозноста ја гледате како дополнителна енергија која му е потребна на телото за да се подготви за соочување со предизвикот? Во истражување спроведено на универзитетот Хардвард, на учесниците им било кажано да ги гледаат симптомите на стрес како позитивни – брзото чукање на срцето ве подготвува за акција, ако дишете брзо вашиот мозок зема поголема доза кислород. Учесниците кои ги гледале симптомите на стрес како корисни, биле посамоуверени за време на нивниот јавен настап.

Верувале или не, стресот го подобрува вашиот социјален живот. Како поткрепа за ова тврдење е хормонот окситоцин, кој се ослободува за време на интимни моменти. Но, она што многумина не го знаат е дека окситоцинот е всушност хормон кој одговара на стрес. За време на стрес, окситоцинот се ослободува и има сличен ефект како адреналинот. Па така, кога сте под голем стрес, окситоцинот ќе ве натера да барате поддршка и помош од најблиските, како и социјална интеракција со пријателите. Но овој хормон не влијае само на вашиот мозок, туку и на вашето тело. Една од најзначајните улоги врз вашето тело е заштитата на кардиоваскуларниот систем од стрес. Неверојатно е како ослободувањето на окситоцинот при барање поддршка кај пријателите за време на стрес, му помага на вашето тело подобро да го поднесе стресот и побрзо да се опорави.

Вашата реакција на стресот, всушност може да изгради одбранбен механизам за отпорност на стрес. Тој механизам е поврзаноста и интеракцијата со другите личности во вашиот живот.

Кога сме веќе кај поврзаноста на стресот и интеракцијата со другите во нашите животи, друго истражување спроведено меѓу илјада учесници, го испитувало нивото на стрес меѓу учесниците, но и времето поминато со најблиските. Оние кои биле под голем стрес (финансиски потешкотии, проблеми во семејството и сл.), имале 30% зголемен ризик на смртност. Но, ова не важело за сите. Оние кои поминале значајно време помагајќи им на другите, земајќи учество во социјални збиднувања и поминување време со блиските, воопшто немале зголемен ризик на смртност, и покрај доживеаниот стрес. Што би значело дека грижата за другите создава отпор на стресот.

Стресот е неизбежен, но кога ќе одберете стресот да го гледате како пријател и кога ќе се обратите кај најблиските за помош наместо да го држите во себе, стресот може да биде дури и позитивно искуство.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар